Ем отчет, ем ревизија за Скопје 2014, Власта и опозиција во клинч за контроверзниот проект!
Објавено во: Економија 23 Април, 2013 09:42
„Оваа собрана сума сега од 207.872.492 евра е надоградување, проширување на првичната визуелизација, но не се 500 милиони или една милијарда евра, како што се слуша во средствата за јавно информирање. Тие шпекулации воопшто не држат и не се релевантни и вистинити и затоа се кажуваме прецизно, со склучени договори“, изјави Канческа-Милевска.
Според неа цената била тројно поголема од предвиденото, поради фактот што дел од објектите воопшто не биле ставени во првичниот план, туку подоцна било решено тие да се градат.
Засега останува непознато уште колку пари ќе исцеди овој луксузен проект од државниот буџет, ако се има во предвид дека дел од новите објекти сеуште не се готови и дека по теркот на веќе готовите објекти и за недовршените се очекува да има анекс договори за непредвидени работи при изградбата.
И додека реализаторите на “Скопје 2014”, даваат отчет за потрошената сума, дел од стручната јавност го поставува прашањето, колку овој отчет е веродостоен и зошто токму сега во јавноста се излезе со инфомрациите за висината на цената? Дали најавената ревизија од страна на новиот градоначалник Андреј Жерновски, е причината за неговиот претходник да даде отчет?
Изградбата на Стариот театар, објект кој сеуште не е готов, е најскапата дело на проектот. Од почетните 2,5 милиони евра, со сите анекси договори досега стигна до околу 37 милиони евра. За 33 скулптури Министерството за култура инвестирало вкупно 885.882 евра, скулптурата „Три врби“ чинела 270.188 евра, “Порта Македонија“ 5.192.364 евра, Музејот на македонската борба се исплатени 13.346.969 евра, Филхармонијата 7.410.130 евра, ентериерот и музејска поставка на Археолошкиот музеј чинат 8.174.496 евра, Зградата на Министерството за надворешни работи 19.251.506 евра, Јавно обвинителство и финансова полиција не е завршен и се очекува да чини 14 милиони евра, објектот за Уставен суд, Археолошки музеј и Државен архив на РМакедонија чини 27.597.681 евра. Само „Коњаникот“ на плоштад на име авторски хонорар 649.000 евра добила авторката Валентина Стевановска. Вкупната сума за споменикот со фонтаните рипнала до 10,49 милиони евра. Поранешниот градоначалник Тодоровиќ, ги презентираше трошоците за спомен-обележјата во Центар, во кои влегуваат и авторски хонорари, трошоци за одржување. Нивната вкупна вредност околу 55 милиони евра.
За Владата исплатлива инвестиција, за експертите незаконско трошење на народни пари
Проектот “Скопје 2014” , уште на стартот не беше консензуално прифатен од стручната јавност, но и од граѓаните на Скопје, што се гледаше и од многубројните спроведени анкети, во кои “Скопје 2014” беше оквалификуван како најконтроверзниот проект. Ваквата етика му беше залепена поради нетранспарентниот процес во однос на конкурсите, тендерите, изборот на авторите, и крајно изолирањето на граѓаните од целиот проект, коментираат експертите. Дел од економските експерти пак постојано апелираа дека во време на економска криза не треба да се трошат пари на споменици. Дел од стручната јавност и невладините организации остро реагираа, на како што го нарекоа “силувањето на градот”, но попусто.
-Една од најголемите болки, рак рана на постранзициона Македонија низ која се прекршуваат сите идеолошки и економски малигни ткива, секако дека е проектот Скопје 2014. Тоа е проект преку кој демократијата и иднината на оваа земја ќе бидат и се ставени на сериозен испит, вели Искра Гешовска.
Од друга страна според министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и градоначалникот во заминување Владимир Тодоровиќ, овие инвестиции се покажале како корисни од неколку аспекти, и тоа пред се поради зголемувањето на стапката на пораст во градежништвото за над 3 отсто годишно и зголемувањето на бројот на туристите што го посетуваат главниот град за 54 отсто, во споредба со пред 2008 година.
„За мене беше голема гордост да учествувам во изградбата на општина Центар во изминатиов период и градежната офанзива која по втор пат се случуваше во градот“, изјави досегашниот градоначалник на општината Владимир Тодоровиќ.
Со вакви спротивставени ставови во јавноста за целисходноста на овој проект, од економски и политички аспект, Тодоровиќ си заминува од политичката сцена на општина Центар. Според дел од политиколозите Скопје 2014 беше и дел од причините за смената во Центар.
Ј.С.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




