Ердоган одново го предизвикува Путин
Објавено во: Колумни 10 Јули, 2023
Утре и другиден очите на голем дел од светот, а посебно на Украина и Русија ќе бидат свртени кон Самитот на НАТО во Литванија во очекување на резултатите од него. А главниот резултат се однесува на судбината со членството на Украина во Алијансата. Резултат битен за неа, но и за Русија. Засега, според последните искажувања на лидерите на некои држави, Украина не би била примена во НАТО, туку би и се дале некакви безбедносни гаранции. Но имајќи го нашето искуство, кога дури и американскиот претседател Џорџ Буш „не внесе“ во НАТО, за неколку часа работите се променија и извисивме поради грчкото вето, па не може да се исклучат и други решенија за Украина.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски деновиве имаше блиц турнеја во неколку држави, каде што лобираше за поддршка околу членството во НАТО и неговиот „план за мир“. Од секаде тој се врати дома со поддршка. И од Бугарија, и од Чешка, и од Турција. Посетата на Турција и средбата со Реџеп Таип Ердоган беше најплодна за Зеленски. Тој од Турција се врати со поддршка за членство во НАТО, со петмина команданти – затвореници, протерани во Турција по договорот меѓу Русија, Украина и Турција за нивно ослободување од затвор и прогон во Турција до завршување на војната. Станува збор за командантите на полкот „Азов“ кој беше опколен во Мариупољ и осуден на истребување се’ додека сите припадници не се предадоа на руските сили. Изгинаа стотици борци на „Азов“. Можеби ќе изгинеа сите. Наводно, решението да се предадат било донесено со посредство на Американците, кои побарале од Русите ослободување на неколку американски офицери од опколениот металуршки комбинат „Азовстаљ“. Па потоа целото раководство на полкот и војниците се најдоа во руски плен.
Сето ова со командантите предизвика незадоволство кај Русите. Без нивна согласност е нарушен договорот за затворениците. Ердоган, политичар со големо искуство и чувство за штитење на сопствените интереси го искажа она за кое, барем до денес, не се изјаснија ниту САД. Тој отворено, на средба со новинарите по состанокот со Зеленски, рече дека Украина заслужила да стане членка на Алијансата. Ова му годеше на Зеленски бидејќи оди во полза на неговите мечти. Ердоган додаде:„ Ние од прв ден се придржуваме до урамнотежена политика. Военото лоби, користејќи ја опозицијата, се обидуваше да не фрли нас во оган. Ние не дозволивме да се случи такво нешто. Зацврстувајќи ги односите со Украина, не дадовме можност да ги расипеме односите со Русија. Со господинот Путин одржувам тесен дијалог“.
УБЛАЖУВАЊЕ ПРЕДИЗВИЦИ
Од друга страна Турција, сега е јасно, го спречи членството на Шведска во НАТО, барем на овој самит. Тука е и Унгарија, која исто не го поддржа во својот парламент барањето на Шведска за членство. Секако, изјавата на Ердоган има и дневно пазарџиска вредност. Тој знае дека Украина нема да биде примена сега во НАТО. А ако тоа беше на дневен ред, тогаш сигурно ќе испорачаше барања до Зеленски, како што испорача и до Шведска. И ослободувањето на командантите е исто дел од пазарлакот. Но тука муштеријата е друг. Русија.
Кога Ердоган презема нешто тој тоа го прави свесно. Поаѓа од интересите на Турција. Се смета себе си за силен регионален лидер. А ситуацијата во регионот му дава можности да се однесува, како што се однесува. Во случајов тој е свесен дека е единствениот посредник меѓу Русија и Украина, па ако сакате и меѓу Западот и Русија. После секоја средба со рускиот претседател Владимир Путин, кај него ѕвонат странските лидери да чујат од прва рака што се разговарало. Со Путин имаат искрен дијалог, но често пати со предизвици кои треба да се ублажуваат. На пример уривањето на рускиот воен авион во Сирија во 2015 година.
Реакцијата на Кремљ по ослободувањето на украинските команданти дојде од Димитриј Песков, прес секретарот на Путин. Со лутина тој изјави дека Анкара и Киев, враќајќи ги од Турција во Украина воените лидери на „Азов“го нарушиле договорот. Притоа Песков додаде дека Турција ја „принудиле да го направи тој чекор“ во предвечерието на самитот на НАТО и Анкара „пројавила солидарност“, Москва тоа „прекрасно го разбира“. Според него, испраќањето од Турција во Киев, без знаење на Русија, и покрај постоењето договор за егзил на командантите на „Азов“ во Турција, непосредно е поврзано со неуспесите на украинската контраофанзива. Турците веројатно очекувале ваква руска реакција, па за да ја ублажат лутината, турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, како што пренесе руското Министерство за надворешни работи, вчера му поѕвонил на својот колега од Русија, Сергеј Лавров.
Во соопштението на руското министерство се вели дека „министрите ја разгледале регионалната агенда со нагласка на последните настани околу Украина, во тие рамки и враќањето на командантите на забранетиот и признаен во Русија за терористички, националниот батаљон „Азов“. Исто така на Анкара „и било обратено внимание на деструктивноста на курсот на испорака на воена техника на киевскиот режим. Таквите чекори, како што е нагласено, можат да доведат само до негативни последици“. Лавров и Фидан „ја потврдиле неопходноста за зачувување и зацврстување“ на доверливиот карактер на односите меѓу двете држави врз основа на договорите меѓу претседателите Путин и Ердоган. Двајцата министри исто така разговарале и за прашањата од глобалната прехранбена безбедност и распоредот на идните контакти.
ПУТИН НЕ ОДИ ВО ИСТАНБУЛ
Последново значи дека министрите разговарале и за средбата на двајцата претседатели, Путин и Ердоган, која што ја најави Ердоган по средбата со Зеленски. Според него Путин би требало да биде негов гостин во август. Но последниве потези на Турција предизвикуваат сомнежи дека може да дојде до откажување на посетата на Путин на Анкара, иако тоа би било лош чекор. Неколку денови пред доаѓањето на Зеленски во Турција, во Анкара беше соопштено дека Турција ќе и испорача на Украина самоодни артилериски системи. Оттука и ставот во соопштението на руското МНР за „деструктивноста на курсот на испорака на воена техника на киевскиот режим“.
Се чини главен проблем во односот на двете земји во моментов е најавата на Русија дека ќе ја блокира зделката за испорака на украинско жито. Најавите на Анкара за испорака на артилериско оружје во Украина и ослободувањето на прогонетите украински команданти, најверојатно се плод на руското тврдење дека овој пат ќе ја блокираат зделката. Причина – неспроведувањето на делот од договорот кој е во полза на Русија. Оттука последниве денови на запад се јавија текстови дека една руска банка ќе биде изземена од санкциите за да може да се исполни и тој дел од договорот, но се чини дека ќе нема ништо од тоа. Така што ќе останат санкциите за Русија за извоз на нејзината земјоделска продукција и вештачки ѓубрива. Ердоган во оваа зделка се има вложено себе си и се смета дека тој е главниот во регионот и дека без него ништо не е можно. Сега, ако пропадне зделката тоа ќе биде удар и врз неговиот имиџ на мировен посредник. И мора да ги предупреди Русите. Крајниот рок е 18 јули , кога во Москва рекоа дека ќе се повлечат од договореното. А Ердоган сака да разговара со Путин за продолжување на зделката на „барем два до три месеци“, а подобро би било на две години.
Турција заработува доста добро од оваа зделка, но и од оружјето што и го продава на Украина. Најавено е дека во Украина ќе се гради фабрика за беспилотни летала на фирмата „Бајрактар“. Во Турција дел од украинското жито се преработува, а исто така се даваат услуги на транспортните бродови кои го носат житото. Сето тоа е добредојдено за Турција, која е во перманентна економска криза. Со последните потези на Турција на Русија и е јасно на која воденица Ердоган ја тера водата. А му се може тоа. Русија во моментов е во војна во која е заглавена. По недамнешниот бунт таа и внатрешно е размрдана. Путин, колку и да успеа да го спречи бунтот, се чини не ја заврши работата до крај. Некои сметаат дека покажал слабост, иако западни коментатори, повикувајќи се на американски специјални служби, велат дека тој си ја зацврстил положбата.
ЕРДОГАН – НОВ ПОЛИТИЧАР
Можеби да е така, како што велат службите, но едно е јасно. Русија сега не е во состојба да воведува санкции кон Турција. Како што ги воведе пред речиси десет години, кога беше забранет увоз на турски прехранбени производи, овошје и зеленчук, а руските туристи не заминаа на турските плажи. Па Ердоган веднаш крена телефон и двајцата седнаа и се договорија. Но Ердоган, како и секој што си ги почитува интересите, особено кога муштеријата е во војна, притиска врз Путин и без да воведе санкции. Тоа што нема санкции врз Русија е од уште поголема полза за Ердоган и неговата власт. Особено во ситуација на лоша економска состојба. Путин му „помогна“ пред изборите со одлагање на плаќање долг од околу една милијарда долари. Во предизборието заедно пуштија еден од блоковите на атомската централа „Акуја“ која ја градат Русите. Милиони тони руска нафта поминаа низ Турција. Рускиот гас се купува по многу прифатлива цена. Русија во тој период не направи проблеми околу зделката со житото.
Но ништо од сето тоа како да не се случило. Ердоган со новиот мандат како да сака да е нов политичар. Затоа во Москва има ставови дека Русија треба да и одговори на Турција за ослободувањето на командантите на „Азов“. Русија денес треба да и одговори на Турција со нешто поради тоа, смета експертот Фјодор Лукјанов. Доколку се останува во рамките на рационалното, тогаш во гледањето на тој настан треба да се тргне од два аспекта, смета тој. „Прво Турција не била и нема да биде сојузник на Русија, тоа никогаш не го декларирала, ниту кон тоа се стремела. Тоа истото се однесува и за Русија во поглед на Турција. Деловните контакти на Москва и Анкара произлегуваат од сосема друга работа – способноста врз основа на заемност да си принесат еден на друг определена(понекогаш голема) полза, и што е поважно, да не си причинуваат еден на друг битна штета, која секоја страна би можела, доколку има желба да и ја нанесе на другата. Во текот на осум години таа шема работи многу ефикасно, во секој случај ги задоволува и едните и другите. Односите со другите партнери на Турција и Русија се посебни за секого и тие практично не зависат од нивните меѓусебни односи.
Второ, како залог за функционирање на таа шема е јасното исполнување на она за што се договориле. Договори може да има значително помалку од противречностите, но ако тие се почитуваат без поговор, тоа гарантира успешна меѓусебна соработка, без оглед на мноштвото разногласија. При прифатениот молчалив начин на однесување, на нарушувањето на договореното од една страна, треба задолжително да следи одговор од слична големина. После тоа, обврската е „отпишана“, а рамнотежата се враќа за да продолжат заедничките активности. Според оваа логика, Русија сега треба да и одговори на Турција со нешто друго, а линиите на чувствителен контакт од Кавказ до Сирија се доволни за тоа. Ако тоа не се случи, или пак напротив, одговорот биде непропорционално силен, под закана ќе се најде целата шема“, резимира експертот.
Значи, сега треба да се чека одговорот на Русија. Некои велат дека во политиката, како и во војната, е важно да ја грабнеш иницијативата и да му наметнеш на противникот битка таму и тогаш, кога тоа тебе ти е од полза, а не нему. Ако, пак, постојано го следите водството на непријателот, давајќи му ја сета слобода на дејствување и само реагирајќи на неговите потези, поразот е гарантиран. На Запад многу експерти и политичари сметаа дека СССР го разбира само јазикот на силата. И така го градеа својот однос кон Советскиот Сојуз. Таму и сега некои сметаат дека и во Русија не е ништо променето на тој план. Па за пример го даваат Ердоган, кој за разлика од разните политичари, кои доаѓаа во Москва со мировни инцијативи, не еднаш си дозволувал жестоки дејства кон Русија, но до ден денес се смета за „добар партнер“. Да видиме каков ќе биде одговорот на Русија. Останува можеби еден месец дотогаш. Но претходно во Москва ќе го чекаат резултатот од Литванија. Можеби тој ќе го предодреди и одговорот кон Турција.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.