20 Април, 2024
0.0253

Еротски фантазии без класи и раси!

Објавено во: Колумни 04 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Секс, дрога и рокенрол-беше парола која го обележа минатиот милениум, а за овој богами има силна конкуренција, иако мој фаворит е максимата еротски фантазии и криминалци без раси и класи. Дилема која ме тишти деновиве се однесува на прашањето дали сексуалниот дискурс  е идентичен кај секоја класа, раса, религија, етничка, конфесионална и културна група или постои разлика? Размисли кои ме оставија будна неколку деноноќија и кои подразбираа сериозни научни залагања, интернет пребарувања, консултирање на соодветна стручна литература и анализи за поставената дилема. Заклучокот ни малку едноставен и лесно изведен, но сепак по сериозните проучувања се изнедрија заклучните согледувања според кои не постои сексуална дискрепанца различна по било која основа, секако на општествената димензија се мисли. Сето ова ми дава за право мојата маленкост да го искаже и ставот дека еротските фантазии не познаваат раси и класи.

Деновиве немам дилема и чашата ја прелеаа одредени несериозни и неиздржани изјави

Шегата на страна претходно споменатото беше потикнато од неодамнешните информации кои ги добивме од масовните медиуми, а кои се однесува на официјален говор на познат магнат, организиран од релевантни институции, пречекан, признат и познат кај нас, но и во светот, личност која предизвикува низа контраверзии, но секако кај родољубите и добрите граѓани предизвикува симпатии бидејќи инвестира во нашата држава. И можеби и мојата реакција не ќе беше оштра, и можеби млакоста во досегашните мои коментати беше резултат на исчекувањето, но и на надежта и вербата дека некој сака да вложи во мојата ми мила држава и во склад со тоа секогаш поаѓав од максимата дека секој заслужува шанса и оној кој ти го пофалува твоето и го сака и прифаќа како негово не треба да го кудиш. И продолжив со надеж и некогаш добронамерна критика повторно имајќи го предвид фактот дека економијата, која е база на секое општество и која е еродирана во одредени сегменти кај нас, може да закрепне преку инвестиции, кои ќе значат вработување и намалување на најгорливите проблеми кои ја мачат нашата држава, а тоа се невработеноста и сиромаштијата. Можеби на моменти моите недоразбирања и двојби беа првенствено поттикнати од моралниот кодекс и вредносен дискурс, поимајќи ги нив како врвни начела кои можеби ќе се разнебитат доколку се шири шунд и кич, првенствено преку предлози за нови индиски серии и емисии кои се далеку од можноста за културна надградба и оплотување на нашиот народ. Но деновиве немам дилема и чашата ја прелеаа одредени несериозни и неиздржани изјави, верувам кажани во шега и неконвенционални размисли, но дефинитивно изговорени јавно, без никаква одговорност-индивидуална и општествена.

Кој е моделот на идеално семејство, дали е тоа семејство со три и повеќе  деца?

Социолошки анализирано ми се наметнува најпрво прашањето Кој е моделот на идеално семејство, дали е тоа семејство со три и повеќе  деца, какви се улогите и поделбата нивна во идеалното семејство, која функција треба да биде приоритетна во таквите семејства, дали идеалноста подразбира доминација на демократскиот или автократскиот вид на социјализација, колку е потребно во тие семејства да се вложува од аспект на поседување и развој на културниот капитал, која идеолошка матрица ќе доминира и уште многу неизречени дилеми и прашања на кои и врвните социолози нема да ви дадат солиден и прецизен одговор. Идеалот на семејство си го поставува општеството, но она што е суштинско и најзначајно е семејните односи, климата во семејството, релациите и интеракцијата која треба да се заснова на искреност, љубов, почит, толеранција, соработка и чесност. Среќата е специфична категорија и секој различно ја поима и затоа не може ни подробно да се срочи што значи среќно семејство, а уште помалку идеално. Самиот поим идеално семејство е утопистичка категорија и не би ви се вклопила дури ни во Платоновата идеална држава, ниту пак во Моровата утопија.

Не сакам да звучам злобно но се прашувам доколку вака се продолжи дали ке се вратиме кон она враќање на заблудите

Она што исто така загрижува се препораките за соодветни санкции кои би следувале доколку не се освари стремежот за иделано семејство. И треба секој да се запраша дали сака да живее во совремие и во склад со современите општествени текови кои подразбираат напрекок во сите сфери на општественото живеење и подобрување на човечкиот живот, или чекори наназад, со казни и санкции и со одземање на правото на глас доколку не постапиш така како што ќе ти биде наложено. Мене сето тоа ме потсетува на средниот век, од научниците наречен мрачен век, кога доминира казната и за секој сторен грев соодветна санкција. Не сакам да звучам злобно но се прашувам доколку вака се продолжи дали ке се вратиме кон она враќање на заблудите, здраворазумско и лаичко наспроти научно и каузално објаснување, и секако кон спалување на клада на оние кои ќе бидат обвинети дека се вешти во прикривање на некои работи или измолување на натприродни сили?

Дали толку студиозно се обработувал Диркем во тезите на големиот бизнисмен

Интересен е и ставот за криминалците и оние кои практицирале девијантно однесување како дел од моќни корпорации, кои ја имаат таа моќ и можност да раководат и управуваат со финансии. Се прашувам дали толку студиозно се обработувал Диркем во тезите на големиот бизнисмен. Имено, ненадминатиот Диркем дава интересна констатација дека криминалот во едно општество не е негативна појава, бидејќи, покрај низата објаснувања, може да придонесе за серизона борба против него и го потикнува самото општество за сериозна акција и токму заради тоа е и корисен. Се надевам дека Диркемовата концепција ја имал во вид кога одговорно вработувал лица кои практицирале девијантно однесување во својата корпорација. Инаку доколку не сум во право, тогаш е непосакувано тоа, бидејќи тој тип на ресоцијализација на социо-патолошките појави не вродува со плод.

Дали инстинктот за глад може да се трансформира во инстинкт за секс?

Посебно привлекува внимание инсистирањето на сексуално општење кај сиромашните. Вака поставената дилема ми изнедрува неколку прашања и тоа: Дали инстинктот за глад може да се трансформира во инстинкт за секс? Дали сиромашните имаат зголемено либидо и егзистенцијалниот импулс го заменуваат со сексуален? Дали со препораките за зачестено сексуално општење ќе има и соодветни субвенции во смисла на нови контрацептивни методи бидејќи доколку нема во тој случај постои дополнителна опасност од раѓање на нова армија на сиромашни.

Се запрашал ли некој каде води сето ова, дали овие размисли се сериозни или дилетантски, дали некој воопшто, свесен и совесен може да предложи и прифати вакви ригидни ставови и гледишта. Да не е трагично ќе биде шеговите, но како што е тргнато ѓаволот ќе ни ја однесе шегата.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок