ЕСМ увозот на јаглен го прогласи за „деловна тајна“
Објавено во: Економија 29 Ноември, 2023
АД ЕСМ ja прогласи набавката на увозен јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј за „деловна тајна“ која не сака да ја сподели со јавноста. Иако претходните години не беше проблем, на барање на јавноста, да се споделат податоци од имињата на компаниите, цената на јагленот, земјата на потекло и количините, последниот циклус на јавна набавка, според она што го добивме како информација од Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, е прогласен за „класифициран“.
Редакцијата на информативниот портал „Фактор“ до АД ЕСМ упати барање за доставување на податоци за тоа со кои компании, колкави количини, по која цена и земја на потекло се склучени договори за набавка на јаглен (лигнит) за потребите на РЕК Осломеј и особено за РЕК Осломеј за изминатиот годишен циклус кој започна во август 2022 и заврши во август 2023, по што беше објавен нов годишен повик.
По изминатиот законски рок, „Фактор“ упати жалба до Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, каде што на барање за објаснување, од државните електрани им одговориле дека се работи за „деловна тајна“ со која треба да се заштитат комитентите.
„Деталните информации, како и целосните понуди и документација која приватните компании ја доставиле до АД ЕСМ Скопје не претставуваат информации од јавен карактер., Бараните информации не претставуваат информации од јавен карактер и согласно Правилникот за деловна тајна на АД ЕСМ, согласно член 13 со степен „доверливо“ се означени исправи, документи, податоци или информа ции изготвени од Друпштвото, а чие што неовластено откирвање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на друштвото, додека со степен „интерно“ се означено исправи, документи, податоци или информации изготвени од Друштвото чие што неовластено откривање би предизвикало штета за работењето на Друштвото, меѓу кои е листа на информации на комитенти и снабдувачи“, гласи одговорот кој го добила Агенцијата од АД ЕСМ.
На ова Агенцијата изнесува констатација дека се работи за класично барање на информација од јавен карактер и дека не постојат такви измислени термини и изговори во надлежностите на оваа компанија, како и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Според ова може да се заклучи дека ЕСМ одлучил да се раководи по логиката на Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, кои договорот со Бехтел и Енка за изградба на четирите автопати од Коридор 8 и коридор 10Д го прогласија за „деловна тајна“ и недостапен за јавноста. По ова прашање се нема произнесено ниту Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. кое отвори предмет уште во мај по повеќе од еден месец чекање да го добие договрот, кој првично е проценет со вредност од 1,3 милијарди евра.
ЕСМ пред септември објави тендер за набавка на проценети 600.000 тони јаглен во циклус што треба да трае до крајот на август 2024. Бараната количина се проценува за иста како и минатогодишниот повик. За РЕК Осломеј на крајот на минатата година се бараа количини од 250.000 тони, а оваа година е објавен нов за 300.000 тони.
Лани ЕСМ, на барање на медиумите, објави дека се избрани четири понуди за набавка на 550 илјади тони јаглен поднесени од три фирми во вредност од 23 милиони евра. Дел од овие фирми биле основани истата година и често ја менуваа сопственичката структура. Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои владата ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет.
А.К.