Добивај вести на Viber
Еден немил инцидент, како што беше оној што се случи во кафулето „Њу Орлеанс“, не смее и нема да го скрши духот на Старата скопска чаршија, смета здружението ЕСНАФ на Старата Скопска Чаршија.
„Чаршискиот, еснафскиот, дух не познава меѓуетнички ограничувања, а уште помалку омраза. Тој се базира на меѓусебно почитување и чесност, на љубезност и великодушност, на солидарност и добра волја. Самата Чаршија сведочи за тоа“, вели во својата реакција до медиумите претседателот на Здружението Мухедин Брава-Мујо.
Претставниците на Здружението ЕСНАФ велат дека се свесни оти ваквите вандалски инциденти, „колку да се изолирани и единечни, колку и да одат против чаршискиот дух можат да нанесат непроценлива штета на работата на Чаршијата, особено во овие времиња кога меѓуетничките односи се движат по тенката линија на изолационизам и непријателства“.
Затоа бараат со овој чин да не се манипулира по било каква политичка, a особено не по политикантска линија.
„А сведоци сме дека постојат обиди тој да се злоупотреби за наводни „виши цели“, за распирување на омразата меѓу луѓето, од што најголема штета ќе има токму Чаршијата и, во крајна линија, нејзините бројни посетители од земјата и светот. Секоја манипулација со овој случај значи можност за повторување на вакви и слични инциденти и контра-инциденти, а тоа значи дека ако Чаршијата низ својата историја успеала да преживее и војни и пожари, и поплави и земјотреси, навистина би било глупаво сега да попуштиме и да дозволиме нејзиниот дух да го уништи група загреани глави(млади луди години), односно некои центри на моќ што веднаш гледаат да го искористат случајот за свои краткорочни и многу опасни цели“, вели Мухедин Брава - Мујо.
Тој вели дека писмото е апел да ја собереме целата позитивна енергија и сите - еснафите, политичарите, граѓаните, посетителите, занаетчиите да застанат во одбрана на Чаршијата.
„Чаршијата е, не треба тоа да се потенцира, симболот и срцето на овој град. Таа е онаа алка што поврзува, а не што дели. А, без таа алка, без тоа срце, животот во градот никогаш повеќе нема да биде ист. Преголема навреда ќе биде тоа за генерациите од сите вери и сите националности што ја градеа Чаршијата, преголема жртва за нас што живееме од неа и за неа, преголема загуба за нејзините вљубеници, катастрофа за оваа, а особено за идните генерации“, стои во изјавата.