Добивај вести на Viber
Нема одговор од ресорните министерствата за тоа кои проекти ќе сопрат со стопирањето на парите од ИПА фондовите. Се обидовме да добиеме одговор од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, за тоа кои проекти ќе бидат стопирани, но тој остана недостапен за коментар. На истото прашање не одговара ниту министерот за финансии Кирил Миноски, туку само потенцира дека со секое кратење и неискористување на средствата губи Македонија и нејзините граѓани.
[button color="red" size="medium" link="http://faktor.mk/2016/07/03/sanktsii-od-eu-za-grevovite-na-politicharite-ke-plakaat-graganite/" ]Што велат експертите?[/button]
Европската комисија и официјално потврди дека ќе ги стопира парите за Македонија. Станува збор, засега за износ од 27 милиони евра, но и дека ќе бидат стопирани парите за други транспортни проекти, како што е коридорот 8.
Од владата, пак, нема конкретни одговори, за тоа кои проекти се на удар, тврдат дека со стопирањето на парите не биле воведени санкции за земјава, туку само била скратена помошта, а од друга страна за тоа ја обвинува опозициската СДСМ.
ВЛАДА - ОПОЗИЦИЈА
За оваа состојба македонската Влада не чувствува одговорност, и вели дека за тоа имало два аспекти, еден внатрешен и еден надворешен.
„Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведувањето на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министертства вклучително и министерството за финансии. Најголемата опозициска партија своето учество во Владата не го искористи за зголемување на довербата во избирачкиот процес како што е предвидено со договорот. Сосем спротивно фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата“, објаснуваат од Владата
Според владата надворешниот фактор, е поврзан со искуствата на Европската комисија со претходните процеси на проширување, поради што со новите инструменти се предвидени повеќе рестрикции кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови.
За опозициската СДСМ, пак сето ова е резултат на погрешните политики и на неискористувањето на ИМА фондовите.
„Преку тие претпристапни фондови, Македонија може да гради инфаструктура, меѓутоа поради погрешните политики, тие пари очигледно се повеќе ги губиме. Затоа, Социјалдемократскиот сојуз по превземањето на власта ќе ги користи сите овие сретства од Европските фондови. Во овој момент во Република Македонија буџетските сретства се трошат за непродуктивно , така што овие претпристапни фондови парите остануваат па Европската Унија и ги повлекува назад. Загрижени сме за оваа ситуација, и затоа бараме што поскоро промена на оваа ненародна власт којашто ги упропастува идните генерации и ги упропастува животите на граѓаните, изјави Благој Бочварски, од СДСМ.
ЕК ГИ НАМАЛУВА ПАРИТЕ – КОИ ПРОЕКТИ ЌЕ БИДАТ СКРАТЕНИ?
Во свото објаснување од ЕК беше посочено дека властите во Македонија немаат ниту политичка волја за исполнување на ветените реформи:
„Во последниве години и особено во текот на минатата година, Европската комисија постојано на властите им ја искажуваше својата загриженост за тоа дека нема подготвеност и нема зрелост во планирањето во клучните сектори, како и дека нема политичка посветеност за да се исполнат потребните секторски реформи, а нема и посветеност за реформи воопшто. Како резултат на ова Комисијата сега мора да ја намали финансиската помош која ја имаше предвидено за 2016, а исто така одлучи и да не продолжува со нов проект”.
Од Европската комисија, посочија дека кратењето во моментов изнесува 27 милиони евра. Ќе се скратат предвидени пари за транспорт, правда и управување со јавните финансии. Но во иднина ќе страдаат и проектите од транспортниот коридор 8 за изградба на пругата кон Бугарија.
При тоа се потенцира дека земјата „има многу недостатоци во транспортниот сектор кои спречуваат коректно планирање и координација” и дека “земјата треба да се фокусира на мерки кои ќе овозможат одржливост на големите инфраструктурни проекти”.
Но, освен ова можно е да биде скратена и европската помош за судството во висина од 13 милиони евра поради тоа што во Брисел се уште важи оценката дека судството и понатаму е зависно од власта.
„Влошувањето на политичкиот контекст е една од причините зошто Владата и администрацијата за жал не биле способни, или немале волја, да ги испорачаат реформските определби или да покажат неопходна подготвеност за реформи или примена на фондовите на ЕУ”, велат од Комисијата.
ГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ ДОПРВА ДОАЃААТ?
Санкции од ЕУ за Македонија веќе извесно време беа најавувани. Но, исто така, во март годинава, и тогашниот белгиски посредник во преговрите меѓу политичките партии, Питер Ванхојте посочи дека има сериозни злоупотреби на парите од ИПА фондовите. Ванхојте најави дека постојат сведоци кои се подготвени да кажат и оти до 40 отсто од парите во ИПА фондовите треба да се враќаат во кеш поради незаконско користење.
„Во прашање е многу голема корупција и можам да кажам дека дојавувачите на информации имаат волја да дојдат во Брисел и да сведочат за злоупотреба на европските фондови. Нема да се откажеме. Имаме свиркачи и ќе дејствуваме, изјави тогаш Ванхојте.
Во Европската канцеларија за истраги против измами со европските пари Олаф, го истражува случајот Демир Капија –Смоквица, што го гради грчки Актор, а за кој се отворија сериозни индиции за злоупотреби на парите. Се истражува како македонската влада ги трошела парите за овој проект, кој во поголем дел се од европските фондови, и дали со нив се плаќало мито за проектот да го работи токму грчката компанија Актор. Освен во Олаф, истрага за овој случај е отворена и во домашното Обвинителство, но засега оттаму нема детали до каде е истрагата и што е утврддено.
Изградбата на автопатот Демир Капија -Смоквица ја тресеа коруптивни скандали, откако опозицијата обелодени дека огромни суми пари во кеш биле изнесувани надвор од државата.
Н.С.
САНКЦИИ ОД ЕУ: За гревовите на политичарите ќе плаќаат граѓаните!