Добивај вести на Viber
Европската комисија и препорачува на Србија да ја стопира изградбата на гасоводот „Јужен тек“ додека тој проект не се хармонизира во целост со законодавството на ЕУ. Притоа, Брисел го охрабрува Белград да работи на поврзување со бугарскиот систем за гас, како алтернатива.
„Европската комисија начелно не се спротивставува на проектот Јужен тек, бидејќи е многу важно да се прошират начините и изворите за снабдување со гас во Западен Балкан. Комисијата не е загрижена од гасоводот како таков, туку од начинот на кој овој проект се спроведува“, пишува во соопштението објавено преку ЕУ Инфоцентарот во Белград.
Истовремено се додава дека Јужниот тек, како и секој друг голем инфраструктурен проект во Европа, мора да има цврста правна и регулаторна рамка, „а за овој проект засега такво нешто не постои“.
Српскиот премиер Александар Вучиќ на средба со рускиот претседател Владимир Путин неодамна во Москва ги договори сите детали околу почетокот на изградбата на клучниот гасовод за регионот.
Притоа, Путин на Србија и понудил и посебни услови со цел изградбата на „Јужен тек“ да започне наскоро. Имено, Србија не би можела да земе обичен кредит за изградбата на Јужен тек, бидејќи така би ја подигнала висината на јавниот долг и дефицитот. Затоа барала и добила субординиран кредит, кој нема да се исплаќа во пари, туку преку дивидендата од транзитот на гасот. Дополнително, каматата од првичните 8% била намалена на 4,25%.
Освен ова, 50% од градежните работи и 40% од другите работи на гасоводот ќе ги изведуваат српски компании, кои за зделката ќе инкасираат околу 350 милиони евра. Српската страна се изборила со проектот да раководат двајца ко-директори, еден српски и еден руски, а седиштето да биде во Белград.
Под притисок на ЕУ претходно Бугарија ја стопираше изградбата на Јужен тек на своја територија, додека не биде разрешен спорот меѓу Брисел и Москва.
Б.А.