05 Декември, 2025
0.0409

Европски десант на Белата куќа – се бара гарантиран мир во Украина

Објавено во: Колумни 18 Август, 2025 07:58

Добивај вести на Viber

Преговорите меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин во Енкориџ, на Аљаска, не завршија со „Јалта 2“, ниту со нов „Минхен“. Нема договори, нема поделби. Путин замина од Енкориџ со пробивање на меѓународната изолација. И тоа со помош на најголемата велесила. Од Трамп и од Путин чувме две важни работи. Прво, од Трамп, дека за мир во Украина ќе треба да се преговара за територии и второ, од Путин, дека се потребни гаранции за безбедноста на таа земја. За разлика од „Минхен“ за тоа сега ќе треба да одлучат Украина и нејзините сојузници од Европа. Тоа беа адресите кои ги кажа Трамп.

Украина, веројатно, се подготвуваше за ваквиот развој на настаните. Што не може да се рече за Европа. Таа цело време зборуваше за „војна до победа“. За воена и финансиска помош на Украина „ се додека не се порази Русија“. За „да не се дозволи пораз на Украина“. За „постигнување „мир со сила“. Па потоа почна да зборува за „прекин на воените дејства“ и „„преговори за чесен мир“. Па кога тоа не успеа, почнаа да го позравуваат Трамп и „неговите напори за мир во Украина“.

Епилогот од Енкориџ сега е на дело. Денес почнува вистински европски десант на Белата куќа. Трамп ја најави средбата со украинскиот претседател, Владимир Зеленски, но кон него, за „да му го држат стравот“ се приклучија лидерите на ЕУ, на Германија, на Британија, На Франција, на Финска, на Италија, првиот човек на НАТО. Симптоматично, нема никој од Источна Европа, ниту од Балтикот. Но и други европски држави. Веројатно ова е европската елита.

Средбата во Вашингтон ќе има два дела. Според најавите, во првиот Трамп ќе треба да разговара со Зеленски, а потоа на ручек ќе се разговара и со европското засилување. Го спомнав „чувањето на стравот“ на Зеленски. После февруарскиот дебакл на Зеленски во Белата куќа, пред очите на медиумите, и кавгата со потпретседателот Џеј ди Венс, во Британија изјавија дека „лошо го подготвиле украинскиот претседател за средбата“.  За да не се повтори такво нешто, во овој многу осетлив момент, а на средбата е најавен и Џеј ди Венс, европските лидери ќе можат да ги поддржат ставовите на Зеленски. Нема да изненади ако сите тие се обидат да го убедат Трамп да се преиспита самиот за се’ она што разговарал со Путин. Задачата на Европјаните ќе биде и да влијаат врз него за се’ што ќе договара со Путин.

Секако,  најглавна работа ќе биде да се направи се’ за Украина, да не бидат болни за неа решенијата за териториите и за безбедносните гаранции.  Првиот човек на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, вчера истакна список желби со кои ќе оди во Вашингтон. Желби, поради тоа што некои работи од тој список веќе се минато. Според неа, Европа е подготвена да придонесе кон иницијативата на Трамп за обезбедување безбедносни гаранции за Украина според принципот од Член 5 од Повелбата на НАТО.. Европа сака мир „со сила“ и територијален интегритет на Украина.  Територијалните прашања мора да се решат со учество на Украина.  ЕУ инсистира на прекин на огнот во Украина сè додека не се најде политичко решение на конфликтот. Потребни се силни безбедносни гаранции за заштита на виталните интереси за безбедност на Украина и Европа. ЕУ инсистира дека украинските вооружени сили „не треба да бидат ограничени во соработката со било кои трети земји“.

Сето погоре можеби е дел од дипломатската стратегија на фон дер Лајен за средбата со Трамп. Но желба на пример е постигнувањето „ мир со сила“. Таа ова го вади од нафталин. Особено кога Трамп вели дека сака да прекине војната за да не гинат луѓе, ни цивили, ни војници од обете страни, а во тоа го подржуваат и европски лидери. Значи да нема продолжување на војната. Излегува дека фон дер Лајен е главниот заговорник за продолжување на војната. Или “прекин на огнот во Украина сè додека не се најде политичко решение на конфликтот“. Но Трамп и Путин ова го апсолвираа и зборуваат за сеопфатен мир, без краток или подолг прекин на огнот. Трамп е решен, ако работите тргнат во насока, која што тој ја посакува, во петок да седне на маса со Путин и Зеленски. Нормално се ќе зависи од тоа како ќе помине денешниот состанок во Вашингтон. Овде не треба да се заборави, а за тоа сигурно зборувале Трамп и Путин, бидејќи рускиот претседател секоја средба од таков вид ја користи да проговори за гаранциите за безбедност на Русија. Путин нив ги бараше во декември 2021 година, на околу два месеца пред почетокот на војната. Гаранциите ги бараше од САД, од Џо Бајден, и од НАТО. И од двете адреси го игнорираа. И покрај укажувањата дека ќе има „воено-технички одговор“ на таквиот однос. Не знаеме дали Путин сега барал некакви гаранции од Трамп. Веќе се зборува дека САД ќе бидат едни од главните гаранти за безбедноста на Украина, се разбира доколку работите одат, како што сака Трамп.  Но дали Трамп и Путин не разговарале и за меѓусебни гаранции. Особено што САД се главни и во НАТО.

Многу работи ќе ни станат појасни вечерва. Со Трамп нема гаранции дека не може да го промени мислењето за 24 часа. Можеби затоа европскиот тим оди во таков состав. Ова е настан досега не забележан во дипломатијата. За два дена да се соберат светски лидери и да одат кај најважниот од нив. Путин своевремено викаше дека пред најважниот „ќе мавтаат со опавчињата“. Ние се сеќаваме како беше предвоената дипломатија кон Југославија и во 1991 и кон крајот на деведесеттите години. Беа испраќани аберџии кај политичарите. Овие не слушаа, па по војните беа со „свиткани опашки“ пред најважниот. Сега Европјаниве решиле секој по малку да влијае врз конечните одлуки на американскиот претседател. Се’ ќе зависи од тоа колку простор за маневрирање ќе им остави Трамп. Инаку во јавноста се споменуваат десетина сценарија, но сите тие се темелат врз претпоставки. Вчера стана нешто појасно од изјавите на државниот секретар, Марко Рубио, и специјалниот пратеник, Стив Виткоф. Но и тоа е малку да  може да се зборува за некои конечни решенија. Сепак, да ги почекаме првите резултати вечерва.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?