19 Март, 2024
0.0290

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Објавено во: Колумни 27 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Се наоѓаме, можеби во клучната седмица од карантин корона кризата, после која ќе се види накаде ќе се развива ситуацијата со опасниот вирус во Македонија - дали на полошо, или ситуацијата ќе биде колку толку држена под контрола. Дојде и официјално календарски пролетта, заврна снег. И покрај тоа што има тези дека „топлото време го уништува  Корона вирусот“ ( не се епидемиолошки потврдени, туку само претпоставки), се надевам дека снегов ќе натрупа, ќе залади уште повеќе и ќе замрзне, бидејќи не гледам друг начин, граѓаните во целост, да ги почитуваат толку повторуваните два збора,  овие денови: „ Седи дома“! Паралелно, треба да се размислува во два правци: внимателно, максимално одговорно, посветено и професионално справување со дадената актуелна ситуација, и реагирање како што ќе налагаат развојните ситуации, но и уште од сега преземање и стратешко размислување околу санација на неминовните економски и стопански штети.

Да го спасиме крвотокот на македонската економија!

Македонија е мала економија, увозно зависна, без голем развоен потенцијал, со акутна невработеност (и покрај тоа што во последните неколку години таа константно се намалуваше, за да ги достигне „историските 17,2 %), сепак, дури и за балкански рамки, таа е висока. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, истакна дека околу 100.000 работни места во приватниот сектор се во криза (доведени во прашање), но и дека државата ќе помогне да се сочуваат. Најавата за намалување на платите на целиот државно-административен апарат на минимална плата од 14.500, од некои беше „дочеканa на нож“, велејќи дека не треба да се „удри“ по чиновникот кој зема кажи-речи колку предвидената најмала  плата. Тој чиновник треба да сфати едно: колку се два и два, и да разбере дека доколку крахира целосно приватниот сектор и тој „минималец“ кој го зема сега, ќе го земе уште некој месец и крај. Толку е просто и едноставно, да му се нацрта како на мало дете на човек да разбере дека целокупниот буџет (за тековни расходи, плати на администрацијата, пензии, бидејќи пензискиот фонд не ги покрива, репрезентативни трошоци), се полни од даноците од приватните фирми и од граѓаните, и се разбира тук там со кредит од меѓународните финансиски институции, бидејќи како секој добар домаќин ние мора да се задолжиме за да функционираме, или како што би рекле економистите да бидеме „ликвидни“. И сега што, административецот е загрижен за својата плата, и како ќе преживее со околу 250 евра, а воопшто не се става во кожата на „приватњакот “ за да почувствува како му е нему во ова време-невреме со сите грижи и стравови дали ќе му пропадне бизнисот од кој ја храни својата фамилија и неколку други фамилии.

Без  популистички најави и „мерки“ !

Само ве молам, не ми зборувајте за предлогот на бугарскиот премиер „ченгето“ бат Бојко Борисов, кој во надмен негов стил им рекол на бугарските бизнисмени да ги продадат своите џипови и јахти и да им дадат плати на своите вработени, а да не очекуваат помош од државата. Никој не говори за приватниот сектор во очите на триесетината олигарси кои можат да ја купат цела Македонија со се партали, туку за оној мал, па дури и „среден“ трговец, сопственик на фирма, без разлика дали било во угостителскиот бизнис, во превозниот, хотелиерскиот, прехранбениот. Пола македонски „газди“ работат барабар со своите работници за да го одржат својот семеен бизнис, одат на одмор во „Грчка“ , како и скоро цела администрација, и живеат нормален живот како секој човек кој зема плата над 25.000 денари. Зборувам за ваквите, дека им е потребна невидена помош, да не крахираат тие, а и сите ние заедно со нив. За тие со џиповите и јахтите, корона зима- нема, па дали „ на берзата акциите им паднале и изгубиле 10 милиони евра“, може само да им повлијае на суетното здравје, а не на прехранбеното. Такви се и во соседна Бугарија, такви се и кај нас, впрочем и секаде во светот.

Да се израдуваме на остварувањето на нашите геополитички цели!

Како и се во својата историска судбина, на Македонија и македонскиот народ, и сите граѓани, убавите работи во однос на државно-општествен план и се случуваат во вонредни ситуации: Македонија својата државност ја стекна во виорот на Втората светска војна, независност доби во невремињата на крвавиот распад на поранешната заедничка држава Југославија, а официјално и полноправно членство во НАТО во време на светската пандемија од Корона вирусот. Јамб во најава имаме и за започнување на преговорите со Европската Унија, па доколку и овој пат не не извисат „стратешките пријатели“, Македонија во време на оваа светска криза, може да почне да го живее својот „меден месец“: можност за трансформација на своето општество на политички и економски план, бидејќи најголемата трансформација на сите поранешни комунистички земји од Источна и Југоисточна Европа се случи во периодот од нивното полноправно членство во НАТО до нивното полноправно членство во ЕУ додека ги водеа претпристапните преговори. Малку тронка надеж, за економската санација на земјава, ми дава токму овој развој на настаните, кои ветуваат повеќе инвестиции, а со тоа отворање на повеќе работни места, подобрување на инфраструктурата, зголемување на бруто домашниот производ , а со тоа и подигнување на животниот стандард. Како набеден „еврофундаменталист“, морам да се израдувам што после триесет години Македонија полека почнува да ги реализира своите стратешки и геополитички ориентациски цели. За инат на евронекрофилите и подземните удбашки инсталации на оската Белград-Москва. Жалам, но и овој пат во случајот на Македонија „Западот го победи Истокот“. И тоа трајно, да знаете!

Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?