ТОП ДРЖАВНИ ДОЛЖНИЦИ: МЖ Транспорт борчи 52 милиони евра
Објавено во: Економија 18 Ноември, 2019
Државни институции, министерства, општини, здравствени установи и јавни претпријатија, во моментов вкупно должат 279 милиони евра. Последниот извештај на Министерството за финансии за септември годинава говори дека доспеани, а неплатени обврски имаат дури 1.162 трошачи на јавни пари.
Според податоците, овие борчлии должат речиси подеднакво кон јавниот и кон приватниот сектор. Или, обврските кон јавниот сектор се 132 милиони евра, а оние кон приватниот сектор и граѓанските здруженија изнесуваат 123 милиони евра. Кон странство долговите изнесуваат 22 милиони евра, а далеку помала е сумата што им се должи на физички лица, или 1,5 милиони евра.
Неплатените долгови на државните институции во текот на еден долг период беа тајна, а прв почна да ги објавува поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски. Ова министерство под неговата палка на средината на 2017 година направи детална анализа за тоа кои државни институции и органи колку пари им должат на доверителите, а нивните имиња и сумата на долговите оттогаш па наваму и јавно се објавени на веб страната на Финансии. Една од целите на ваквата транспарентност е и сите граѓани да можат да видат која институција колку должи, а со тоа и да се засрамат и да го подобрат своето финансиско работење.
Тогаш бројките покажаа дека заклучно со мај 2017 година државните институции вкупно должеле сума од 363 милиони евра. Две и половина години подоцна, долгот на државните борчлии, за воља на вистината, е навистина намален, и тоа за сума од 84 милиони евра. Или, во септември годинава тој тежи 279 милиони евра. Што значи дека подобрување има, но состојбата е далеку од задоволителна, бидејќи државните установи и натаму должат безмалку 300 милиони евра.
Притоа, не треба да се заборави ни дека со ребалансот на буџетот за минатата година Владата им даде на општините дури 50 милиони евра за да се раздолжат кон фирмите, а од фирмите се бараше да им одобрат и извесен процент на попуст, односно намалување на реалната сума на општинските долгови.
А кои се сега најголемите државни борчлии, Фактор прави анализа според последните бројки за септември на Министерството за финансии.
Најголем должник е државната компанија „Македонски железници“ Транспорт Скопје, чии долг не само што не се намалува со текот на времето, туку оди и нагоре, па сега тежи дури 52 милиони евра. За споредба, пред една година, или во септември лани, ова државно акционерско друштво исто така било прво на листата на државни борчлии, но долгот му бил помал и изнесувал 46 милиони евра.
Втората неславна позиција е резервирана за АД Македонски енергетски ресурси, државна компанија за вршење на енергетски дејности. Нивниот долг е 18 милиони евра, што значи дека за една година пораснал за дури 11 милиони евра, бидејќи во септември лани бил на ниво од седум милиони евра.
Третото место го држи Проаква, водоводно претпријатие на Охрид и на Струга, кое треба да се грижи и за заштита на Охридското езеро. Неговиот долг сега е 13,4 милиони евра, и ако е за утеха, понизок е за еден милион евра во споредба со една година претходно.
Јавното претпријатие, пак, МЖ Инфраструктура, има доспеани а неплатени обврски од 8,9 милиони евра, и со тоа е на четврто место. Пред јавноста ќе треба да објаснат како за една година успеаја да натрупаат нов долг од дури 2,3 милиони евра, бидејќи во септември лани должеле 6,6 милиони евра.
Општина Охрид е на петтата позиција, нејзиниот доспеан долг е 7,4 милиони евра. Иако оваа општина се уште должи многу пари, сепак, треба да се каже дека за една година успеала да го преполови својот долг, бидејќи во септември лани тој изнесувал 15,8 милиони евра. Овде секако помогнаа и државните пари што ги добија општините. Но, ниту Охрид, а ниту една друга локална самоуправа веќе нема да може да се надева на ваква државна помош, а ќе мораат и многу повнимателно да ги планираат и трошат општинските пари, со цел да не трупаат нови долгови.
На листата следува Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија, кое е на шесто место, со долг од 7,3 милиони евра, каде има само благо намалување за нешто повеќе од еден милион евра. Во врат му дише ЈП Водовод Куманово, со долг од 7,2 милиони евра, а осми е Институтот за трансфузиона медицина, со долг од околу шест милиони евра.
Општина Тетово е деветта, а таа борчи 5,8 милиони евра, што е исто преполовување од пред една година, кога овој општински долг тежеше 11 милиони евра.
Десеттото место го држи Градската општа Болница 8-ми септември, со долг од 4,7 милиони евра.
Следуваат општина Карпош, чии доспеани а неплатени обврски се 4,6 милиони евра, ЈП Водовод и канализација Скопје со долг од 4,2 милиони евра, ЈП Комуналец Струмица со 3,7 милиони евра.
На листата на први 15 должници, или конкретно четиринаесетто, се најде и Министерството за образование и наука, со неплатени обврски од 3,5 милиони евра. А за потсетување, овој ресор секогаш го има еден од потешките буџети, или, идната година МОН има на располагање да троши 436 милиони евра.
Петнаесетта, пак, е ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, се долг од 3,2 милиони евра.
Следуваат уште голем број здравствени установи, општини, министерства и јавни претпријатија, или вкупно 1.162 на број. Дел од нив имаат натрупано долгови од пред многу години. Но, за многу од овие институции државата уште не најде начин како нивните раководни лица правилно да менаџираат со парите, за да не се доведуваат во ситуација да им стасуваат за плаќање силни обврски, а тие да не можат да си ги подмират.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.