ФАКТОР НА ДЕНОТ: Здравствените работници први ќе се вакцинираат, ако расте бројот на заразени можни се рестрикции
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 15 Февруари, 2021
ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ЌЕ ПОЧНАТ СО ВАКЦИНАЦИЈА
Министерството за здравство ја информира јавноста дека во среда во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе започне вакцинирање на здравствените работиници кои работат во ковид центрите во цела држава.
Вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница каде има 6 вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.
Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.
Во текот на денешниот ден Националниот систем, до ковид центрите низ државата, испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на КИБФС во Скопје. Ковид центрите треба повратно да ги потврдат листите.
Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.АКО СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ МОЖНИ СЕ РЕСТРИКЦИИ
Ако се зголемува бројот на новозаразени со Ковид-19 во Македонија, особено ако сè повеќе се шири т.н. британски сој на вирусот, министерот за здравство, Венко Филипче не ја исклучува можноста за нови рестриктивни мерки. Сепак, во изјава за ТВ 24, тој потенцира дека во моментов нема потреба од зајакнување на мерките.
-Разговарав со претставници од британската амбасада кај нас, ја следиме ситуацијата, постојат две опции, или силниот бран се должи на мутацијата на вирусот, што значи дека ако значајно се зголеми бројот на случаи веројатно ќе треба воведување дополнителни рестриктивни мерки или едноставно станува збор за природен тек на епидемијата во тие земји, не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега, со овој процент на детекција на мутацијата на вирусот, нема потреба да се воведуваат нови рестриктивни мерки, но будно ја следиме ситуацијата и гледаме како ќе биде, истакна министерот Филипче.ДЕНЕС ИМА 9 ПОЧИНАТИ И 51 ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУСОТ
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, дека во последните 24 часа се направени 755 тестирања, а регистрирани се 51 нов случаj на ковид-19 во:
Скопје – 25, Прилеп – 9, Кавадарци – 7, Струмица и Струга – по 2, Куманово, Штип, Велес, Кочани, Кичево и Делчево – по 1.
Регистрирани се 308 оздравени пациенти од:
Скопје – 135, Охрид – 36, Кавадарци – 18, Струга – 15, Велес – 14, Прилеп – 12, Битола – 10, Крива Паланка – 7, Тетово и Неготино – по 6, Штип – 5, Струмица, Кочани, Дебар и Крушево – по 4, Куманово, Кичево и Гостивар – по 3, Свети Николе, Гевгелија, Берово, Пробиштип, Валандово и Македонски Брод – по 2, Радовиш, Виница, Кратово, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран – по 1.
Пријавени се вкупно 9 починати лица. Починати се 3 пациенти од Прилеп, по 2 пациенти од Скопје и Тетово, и по 1 починат е пријавен од Куманово и Охрид. Пациентите се на возраст од 54 – 87 г. Сите пациенти се починати во болнички услови.ПОРАДИ СТУДОТ МАКЕДОНИЈА УТРЕ Е ВО ЖОЛТА ФАЗА
Поради ниските температури , Македонија утре ќе биде во жолта фаза.
Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство по добиената најава од Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во текот на утрешниот ден (16.02.2021, вторник) целата територија на државата ќе биде зафатена со пониски температури кои ја дефинираат жолтата (алертна) фаза.
„На целото население се препорачува да се посвети внимание на заштита на здравјето, особено носење топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, почеста консумација топли напитоци, избегнување алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на потешкотии со дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар. Воедно, се препорачува да се избегнува практикување физичка активност на отворено, а при движење особено да се внимава на лизгави површини“, информираат од Министерството за здравство.
Комисијата при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата низ целата држава и јавноста соодветно ќе биде информирана.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.