16 Април, 2024
0.0261

ФАКТОР НАРОД

Објавено во: Колумни 30 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Конечно на Македонската берза и се случи НАРОД. Откако три години владееше СТРАВ и сите ќори недивидендни акции паѓаа без престан, и само грст дивидендни акции како-така се држеа(некои од нив дури и добро пораснаа) и ги наградуваа со дивиденда своите верници (Телеком, Македонија Турист, Реплек, Комерцијална банка...), последниве денови сме сведоци на експлозивен раст на  железарските акции, кои се барометар на присуството или отсуството на НАРОДОТ НА БЕРЗАТА. ,,Паметните пари,, најверојатно успеаја да го промашат стопроцентниот раст на РЖЛЕ, РЖЛВ, седумсетпроцентниот на Услуги или 30%-40% на Макстил и ЦЕВИ итн, задоволувајки се 15% раст на Комерцијална, Телеком или Гранит на пример, или во најчест случај со 8% камата на депозити по банките. Сепак стравот од неправење профит кај НАРОДОТ(или барем кај одделни трејдери) оддеднаш стана појак од стравот од губење пари и тоа е тоа. Чаре? Ако верувате дека ќе влеземе во НАТО или ќе добиеме датум за преговори со ЕУ годинава, стиснете заби и фрлете зар, можеби растот допрва започнал, а МБИ10 индексот е едвај 14% пораснат од дното во 2012-та. Ако не верувате, стиснете заби и продавајте, па што биде нека биде. Најбезризична варијанта е да (о)ставите во железарските акции онолку колку што заработувате дивиденда во текот на годината од другите акции, па што и да се случи, веројатно нема да сте зијан од вашето портфолио. Секоја чест на риск-тејкерите кои се трудат да го погодат моментот и да влезат со сите пари во вакви моменти во најпаднатите акции, но за озбилни фондови таквите акции што не даваат дивиденда, не нудат доволна ликвидност соодветна за големината на играчот, ниту сигурност дека НАРОДОТ ќе се случи баш кога ќе они ќе решат да влезат. Воедно имајте предвид дека ловот на дното најчесто значи купување на повисока цена пред дефинитивното дно, па страв и недоумица дали да се купи на самото дно, бидејки нели, може да паѓа уште, па купувачот ќе докупи дури откако дното ќе се оформи и помине, на нешто повисока цена, и кога ќе се убеди дека веќе нема враќање назад. За утеха, никој не успеал 100% да влезе со сите пари на самото дно, освен ако се работи за мали пари и играч со јака посветеност, осет и среќа. Многу е поважно да се фати точниот тренд(иако погодоците со купување на самото дно се најслатки). Сеедно, во ловечките муабети можете да кажувате  дека сте купиле по најниската цена, а во темнината на ноќта, кога во глава си ги превртувате сите предвремени купувања на повисока цена, или испуштени дна, нормално ќе пцуете се живо и диво на планетава и пошироко(некои веруваат дека звездите (не) им се наклонети или дека полната месечина коинцидира со врвовите и дната).

Епа така ви е ако сакате да си имате работа со НАРОДОТ. Ако си држите акции кои ги купуваат барателите на дивиденда(пензиски фондови, инвестициски фондови, поголеми приватни инвеститори), таканаречени пензионерски акции, при растечки тренд на конкретна акција, сите овие коцкарски згоди и незгоди ќе бидат помали, а добивката спора но сигурна.

Но, ќе ви течат лиги кога на пример Ленти и Ладна ќе пораснат 100%, Окта или УНИбанка 200%,  а Кјуби 500-600% од дното.

Колку да се потсетиме што напишав на ова место пред 3 месеци:

 ,,…при ликвидација, секогаш има некој кој ќе го совлада стравот и ќе ја искористи приликата да купи нешто ефтино. Колку помалку се таквите како него, поевтино ќе си испазари. И ако си купил патики на попуст, среќно ќе си ги шета наредните две-три години. А ако купил акции, ќе се надева дека за две-три години ќе може да ги продаде пет до десет пати поскапо.

Нормално, кога ќе го снема стравот КАЈ ДРУГИТЕ.,,

Методи Мајнов

авторот е инвестициски советник

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?