ФАКТОР СТОРИЈА: Како една 23 годишна скопјанка стана дел од „Блумберг“?
Објавено во: Економија 01 Септември, 2016 08:22
Фактор: Како живее еден новинар во Лондон? Може ли да направите една споредба со она што го знаете за вашите колеги во Македонија?
Ѓоргиевска: Дури и како почетник во новинарската професија, мојата работа ми овозможи да се издржувам сама и да имам пристоен живот во градови како Њујорк и Лондон без никаква финанскиска помош од моето семејство. Не мислам дека тоа би било можно за 23 годишен новинар во Скопје. Овде, како и во САД, новинарството важи за една од највисоко почитуваните професии, што не сум го почувствувала во Македонија.
Фактор: Колкава е разликата меѓу новинарството во Америка, во Велика Британија и она кај нас во Македонија? Колку заостануваме ние и во однос на стандардите и во однос на технологијата?
Ѓоргиевска: Заостануваме многу. Не сум работела како новинар во Македонија, но според она што го знам и гледам од надвор, работните услови и креативните алатки кои им се пристапни на новинарите во земјите каде што имам работено се на многу повисоко ниво. Во Западните земји, новинарските истражувања, анализи и критики се очекувани и од државните институции и од приватниот сектор – медиумите се сраснати со јавниот живот, тие се неопходен дел од него. И медиумите се критикувани, но нивниот легитимитет и нивната неопходност никогаш не се под знак прашалник. Затоа пак, стандардите за тоа што и како ќе се објави се многу повисоки. Јас сум убедена дека додека бев уредник на дневниот студентски весник на Yale правев поригорозна проверка на факти од некои македонски портали. Секаде има исклучоци, но се ми се чини дека во Македонија ги има многу повеќе одошто на Западот.
Фактор: Кои се вашите планови? Останувате ли во Лондон, Њујорк или некаде по белиот свет каде што ќе ве однесе работата? Или сепак размислувате за враќање во татковината?
Ѓоргиевска: Планирам да работам како новинар уште една или две години, па да се запишам на магистерски студии по меѓународни односи во Велика Британија или во САД. Секогаш сум отворена за нови искуства и немам зацртано каде сакам да останам. Знам само дека што и да правам понатаму, тоа мора да има некаква поврзаност со пишаниот збор и странските јазици, чие изучување е мое омилено хоби и да биде во земја кадешто квалитетот и трудот видливо се ценат.
Фактор: Дали доаѓаш често во Македонија и каде го наоѓаш мирот во родната земја?
Ѓоргиевска: Откако се преселив во Лондон имам можност почесто да се враќам во Скопје и искрено уште ми е чудно што од дома сега ме дели само тричасовен лет. Во Македонија се моите родители, момче, баба и дедо. Од мојата осумнаесетта година живеам далеку од дома, но секоја година наоѓам време и начин да поминам барем неколку недели со семејството. Тие се мојот мир.
Фактор: Една порака од вас до младите во Македонија. Колку е важно образованието и дали местото под сонцето треба да го бараат во Македонија или сепак ќе бидат посреќни некаде во туѓина?
Ѓоргиевска: Не би сакала да дадам генерален совет за сите млади затоа што познавам успешни врсници и дома и во странство, но можам да тврдам дека знаењето, практичните вештини и контактите што ги стекнав за време на моето високо образование беа клучни за успесите кои следуваа. Младите би ги советувала да го остваруваат своето образование на места кадешто мислат дека ќе најдат интелектуален предизвик, места коишто ќе им понудат можности. Јас знаев дека тоа нема да биде во Македонија и сите свои сили, почнувајќи од конкурирањето за стипендија во интернационалното средно училиште НОВА до макотрпните апликации за повеќе од 20 реномирани универзитети во САД, ги насочив кон остварување на таа цел.
М.Ј.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




