16 Април, 2024
0.0227

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Објавено во: Колумни 27 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Во теоријата се сретнуваат повеќе дефиниции за факторингот. Најчесто под факторинг се подразбира откуп на побарувањата на извозникот од страна на специјализирана компанија (фактор) и наплата на тие побарувања од увозникот со соодветна провизија. Откупот на извозни фактури се врши на краток рок (најчесто до 180 дена). По тоа факторингот се разликува од форфетингот каде што се откупуваат должнички инструменти (акредитиви, гаранции, хартии од вредност) на подолг рок. Факторот го финансира извозникот обично во висина од 80% до 90% од вредноста на извозната фактура.

Во земјите каде што факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија е доста развиен, претпријатијата коишто сакаат веднаш да дојдат до финансиски средства по пат на предвремена продажба на своите извозни побарувања, се соочуваат со дилемата дали е подобро тие побарувања да ги продадат на банка или на специјализирана факторинг компанија.

До пред извесно време, банките беа концентрирани на понуда на традиционални кредити каде што обезбедувањето беше од материјална природа - недвижен имот, опрема, автомобили и сл. Откупот на извозните побарувања никогаш не беше приоритет за банките. Дури и во случај кога банката се одлучува да го откупи побарувањето, таа бара од извозникот да приложи и друго обезбедување покрај извозната фактура. Тоа обезбедување најчесто е некое материјално средство или депозит. Исто така, при склучувањето на договорот за факторинг, банката ја врши истата кредитна анализа како и кај договорот за кредит. Голем број на новоосновани компании не можат да ги исполнат условите што ги поставуваат банките. Затоа, тие не се во состојба да го продадат извозното побарување на банките и да дојдат до потребните финансиски средства.

Во такви услови извозниците се повеќе се обраќаат до специјализираните компании за факторинг. Тие компании често ги нудат своите услуги под полиберални услови во однос на банките, а со тоа привлекуваат и повеќе комитенти. Факторингот претставува основна активност за овие компании за разлика од банките каде што факторингот е само една од многуте активности. Голем број компании за факторинг се специјализираат по области како што се: дрвна индустрија, текстилна индустрија, автомобилска индустрија, информатичка технологија и сл.

Разликите помеѓу специјализираните компании за факторинг и банките можат да се сретнат во повеќе полиња: специјализираност во поглед на откупот на побарувања; брзина, едноставност и ефикасност; како и поголема флексибилност.

Специјализираноста на компаниите за факторинг во поглед на откупот на побарувања е многу битен елемент. Таквата специјализираност не може да се сретне кај секоја банка. Во помалите банки службениците покриваат повеќе области, па не можат да се специјализираат и докрај да навлезат во подробностите на една активност.

Големите банки, секако, можат да си дозволат формирање на посебни единици кои ќе се занимаваат со факторингот. Притоа, се поставува прашањето на економската оправданост од формирањето на такви единици. Банката мора да има голем број на клиенти кои се спремни да ги продадат своите побарувања и кои ги исполнуваат условите пропишани од страна на банката. Доколку факторингот и носи доволен профит на банката, а ризикот е во прифатливи граници, неговата експанзија мора да биде поддржана. Во спротивно, формирањето посебни единици коишто ќе се занимаваат исклучиво со факторинг е неприфатливо. Доколку бројот на трансакции на факторинг е незначителен, профитот што го остварува банката не може да ги покрие трошоците коишто настанале при извршувањето на тие трансакции.

Флексибилноста е поголема кај специјализираните компании за факторинг. Тие обично немаат кредитни одбори или други тела кои треба да го одобрат склучувањето на договорот за факторинг. Целиот процес кај овие компании оди многу побрзо. За разлика од нив, банките имаат повеќе стручни тела, па затоа и брзината на одлучување е помала. Од друга страна, банките одобруваат аванси само врз основа на обезбедувањето што нивниот клиент го приложил. Тоа не е случај со компаниите за факторинг коишто можат да одобрат аванс само врз основа на откупената извозна фактура.

Извозникот мора да ги земе предвид сите овие елементи при изборот на банка или  компанија за факторинг. Се чини дека за него би било поедноставно ако ја избере соработката со специјализирана факторинг компанија. Но, банката покрај факторингот може да му понуди и цела лепеза на други производи или услуги, па мора и тој факт да го има предвид.

  д-р ГоцеТрајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?