19 Мај, 2024
0.0270

Фестивалот „Браќа Манаки“ се подготвува за свечено затворање

Објавено во: Стил 18 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Денеска и утре се прават финалните подготовки околу свеченото затворање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кога ќе биде премиерно прикажан Деца на сонцето, третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески, чија екипа пристигнува во Битола. „Сите мои претходни документарни и играни филмови беа прикажани на Манаки. така што големо е задоволството што и мојот најнов проект ќе биде дел од фестивалот. Деца на сонцето е оптимистички филм, едноставен и ненаметлив,убеден сум дека ќе допре до публиката. Радоста извира од внатрешноста на човекот. Како и сонцето кое несебично дава и нè грее, така и ние треба да даваме од сопственото согорување. И покрај сите проблеми со кои се соочуваме, да бидеме ДЕЦА НА СОНЦЕТО“, вели Митриќески по овој повод. Интересно е што голем дел од филмот е сниман со камера од рака и светла гама. Директор на фотографија е Чехот Јарослав Шода, кој беше дел од екипата и на претходниот филм на Митриќески, „Како лош сон“. Филмот е суптилна социјална драма со лесни апсурдни ситуации, портретирани преку едно семејство. Базиран на модерен неореализам, 88-минутниот авторски филм е сниман на брегот на Преспанското Езеро, чии убавини ги прикажува, како и во Скопје, Гостивар, Охрид. „Се радувам што ќе учествуваме на еден од најголемите фестивали на Балканот, тоа е фестивалот Браќа Манаки. Ова е мојот прв долгометражен филм на кој сум продуцент. Секогаш кога нешто е прво многу значи, а особено кога се случува во мојата држава и на најдобриот фестивал кај нас. Зад мене овој фестивал сигурно ќе остави добри сеќавања а успесите ќе следат, знаејќи што сè јас и тимот со мене направивме за филмот. Се гледаме на следниот филм на Манаки“, вели продуцентот на филмот Дејан Милошевски, од продуцентската куќа Револушн. Сценариото е на Гордан Михиќ, веројатно еден од најеминетните сценаристи од просторите на поранешна Југославија. Музиката е на Влатко Стефановски. Монтажата на филмот ја направи култниот монтажер Андрија Зафрановиќ, кој престојуваше во Скопје за време на процесот. Во филмот играат актери од повеќе генерации како Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова (која досега има најголема улога на филм), Билјана Таневски, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Емир Хаџихафизбеговиќ, меѓу кои и Ивана Павлаковиќ, исклучително талентирана млада актерка која првпат игра на филм.

Можеби ќе ве интересира

Игор Џамбазов со емотивна порака: „И двајцата си заминаа на овој ден. Ги има во моите книги, во моите песни, во моите секојдневни муабети, во моите мисли“

Игор Џамбазов со емотивна порака: „И двајцата си заминаа на овој ден. Ги има во моите книги, во моите песни, во моите секојдневни муабети, во моите мисли“