25 Април, 2025
0.0387

Филмска приказна на Македонката Ана Џорџеф: Се омажив за Американец, имавме успешни кариери, го продадовме целиот имот и решивме со децата да живееме во Македонија

Објавено во: Македонија 08 Април, 2025 08:12

Добивај вести на Viber

Животот е чудна река, никој не знае каде ќе го однесе, а кога на тоа ќе се додаде љубов, голема и бескрајна и желба да си таму каде ти е срцето, тој станува една голема авантура која трае. Оваа флоскула најдобро ја опишува животната приказна на Ана Сенковска Џорџеф. На 18 години првпат ја посетила Америка - пресуден момент кој ќе ѝ го промени секојдневието од корен. 


- Имав убаво и среќно детство. Единица на прекрасни родители; мајка ми Лили, од која сум ја наследила борбеноста и решителноста, и татко ми Љубомир (Бубе) од кого ја наследив желбата за авантури и ценење на вистинско другарство. Многу голема улога во моето формирање како личност имаа и моите баби, како и дедо ми Киро Дојчин. Бев нивна „љубимица”, а тие мои идоли за навек. Пораснав сакана, мазена, шетана, чувана како капка на дланка – ја почнува Ана својата животна приказна.

Со родителите како мала (лево)               ----                  Со мајка ѝ (десно)

Како подарок за 18. роденден родителите ѝ ја исполниле најголемата желба – да ги посети Соединетите Американски Држави. 

- Голем дел од семејството на баба ми Спасија живееја во Детроит, Мичиген, па отидов таму и за првпат се сретнав и се запознав со куп роднини сосема Американци во сите погледи и остварив многу нови пријателства. Во тоа време 1998 година, Америка изгледаше совршена во секој поглед за едно 18 годишно девојче. Земја од соништата, која дотогаш сум ја гледала само на филмови, а животот може да биде филм, нели? По посетата на САД се вратив во Скопје и почнав да се подготвувам за приемните испити на Ликовна Академија. Набрзо добив покана повторно да заминам за САД. Бев поканета на свадбата од мојата втора братучетка Сенди. Македонците во Детроит се многу сплотени, ги почитуваат и негуваат старите обичаи. „Собиралиште” за сите среќни и тажни мигови, каде можат да ја споделат својата среќа или тага е Македонската Православна Црква. – појаснува Ана и дополнува дека посетата на нејзините баба и дедо за неа била пресудна.


 – Истовремено на посета кај нив дојде и едно момче од Чикаго. Јас со уметничка душа, 300 километри на час, а тој тивок, мирен и мистериозен. Спротивностите се привлекуваат - со Ник сме олицетворение на таа изрека. Ја прифатив поканата да излеземе. Прво ме одведе во мексикански ресторан, кадешто вечерата ја поминавме во смеење до солзи, па од таму продолживме во кино на филмче. Вистински американски состанок. Следниот ден излеговме повторно. Кога си замина за Чикаго ми вети дека ќе се врати следниот викенд. Пред да дојде ми пристигна голем букет од рози со посвета, „Мислам на тебе“, со потпис „Со љубов, Ник”. Си поминавме уште еден преубав викенд со шетање и насмевки. Ме покани следниот викенд да го посетам во Чикаго. Ја убедив мајка ми и отидовме заедно. Последниот ден излеговме со неговото друштво и пред крај на вечерта ме запроси. Ми дојде како шок! Бев многу вљубена и кажав ДА. Ме запроси ама под еден услов: никогаш да не му спомнам да се селиме во Македонија. – открива таа.


Се венчале на 17 септември 1999 година. Следната година им се се родило првото дете, синот Дино, а две години подоцна ја добиле ќеркичката Ема.


- Во тој период се уште немав документи, немав стекнато близок круг на пријатели, Ник беше по цел ден на работа и децата ми беа сѐ она што ми недостасуваше од Скопје. Татко ми никако не можеше да се помири со фактот што не можеше да биде дел од секојдневието на моето ново семејство. За жал не успеа да добие ни виза за да присуствува на свадбата. Од 250 гости тој ден, познавав само 20-тина вклучувајќи ја мајка ми, која беше единствена од Македонија. Зелена карта добив дури после 6 години. Веднаш посакав да работам, а и да се запишам на факултет. – открива таа.


Секојдневието воопшто не ѝ било лесно, но направиле план и распоред на активности коишто функционирале за сите дома.

- Тој работеше од 6:00 наутро до 16:00 попладне. До тогаш, јас ги имав подмирено Дино и Ема, дома сѐ средено, ручек зготвен и домашна завршена. Се среќававме во ходник, си дававме „бакнеж” во разминување, му кажував што треба со децата, и од попладне до вечер бев еден ден на факултет, еден ден на работа. На тој начин придонесував за поголема економска стабилност во семејството и сама си го плаќав факултетот.

- Времињата во САД станаа многу тешки. Во 2001 се случи уривањето на двете згради во Њујорк и се создаде хаос, берзата падна, а со неа и економијата. Меѓутоа, се боревме без да им дозволиме на децата да ги почувствуваат тие тешки моменти. Во тој период, додека работев и истовремено ги спремав финалните испити пред дипломирање, голема помош добивав од мајка ми, која честопати доаѓаше во САД и ми помагаше и неизмерно сум ѝ благодарна. Дипломирав, работите во САД почнаа да се оправуваат. Најдов работа во архитектонско студио, кај архитект којшто ми беше професор на „Illinois Institut of Art“ и беше мој најголем ментор. Работев на значајни и големи проекти, проектирање на индивидуални, приватни станбени објекти со ентериер дизајн, а исто така и на големи јавни установи, во ексклузивни домови коишто не сум ни сонувала дека некогаш ќе ги посетам, а не да бидам дел од нивното реновирање. Работата ми беше како убав сон. Запознав ѕвезди од музичката и филмската индустрија. Се почувствував како да успеав да постигнам нешто. Најголемиот мотив за работа и усовршување беше бескрајната поддршка од Ник и од децата. – посочува Ана.


Во 2019 година пред ковидот отворила своја фирма за ентериер дизајн, студио „Бела Дома”. Идејата и инспирацијата за отворањето на студиото била желбата од личните животни приказни на клиентите да создаде уникатно уметничко дело наречено Дом.


- Реализиравме околу 30-тина проекти за клиенти со најразличен етнички и културолошки бекграунд и побарувања. Следуваше Ковидот. Фактот дека мора да се продолжи со животот во тие новонастанати услови донесе нови предвизици за сите нас. Неочекувано добив понуда да предавам онлајн во „Joliet Junior College“. Никогаш немав амбиции да станам универзитетски професор, но, го прифатив предизвикот и изненадувачки набрзо почнав навистина да уживам во таа работа. 2020 беше мојата најубава година. Успеав преку онлајн работа, користејќи ја современата технологија, да продолжам да работам и со клиенти, нешто кое дотогаш беше незамисливо за мене како архитект и ентериер дизајнер. Најбитно, сите бевме дома на купче, сплотени. Во меѓувреме секое лето, или секое второ лето, со Дино и Ема доаѓавме во Македонија. Сакав да знаат од каде им е потеклото, да го запознаат семејството од мојата страна, да посетат други континенти, да искусат други култури освен американската. На сопругот не му беше сеедно кога децата му раскажуваа колку убаво си поминале и што сѐ виделе во нашава убава земја. – појаснува таа и дополнува каков шок добила еден убав зимски ден во 2022 година.


- Сопругот ми рече да се преселиме во Македонија. Како да ме тресна од земја. Му реков да не се шегува зашто Скопје ми е болка на душата, иако во Чикаго стекнав големи и значајни пријателства со преубави луѓе од сите народи од разни земји. Таа идеја цело време не беше никаква опција ни за разговор, а Ник упорно ме убедуваше дека сака да се пензионира и да почнеме сосема поинаков живот тука во „мојата дома”. Договорот беше да го донесам во Македонија, да седи минимум 2 месеци, да ги види сите убави, ама и неубави работи низ нашава земја. Ми рече дека овде животот е многу поопуштен од Америка, позабавен одколку во Плаинфиелд (предградие на Чикаго), има време за дружење, за шетање, за сѐ. Им ја соопштивме одлуката на децата. Рекоа да се селиме под итно. Букиравме карти во еден правец на 15-ти јануари 2022 година, го продадовме цел имот којшто го поседувавме во САД, завршивме со работа и се доселивме во Скопје. – вели таа.


Почнале сѐ од почеток. Децата се запишале на Американ Колеџ, купиле станови.


- Веднаш почнав да работам на различни проекти како ентериер дизајнер во Скопје. Си седам на тераса, дома, го гледам Вардар кој со векови така мирно си тече и ми доаѓа да викнам на цел глас, но со мир во душава: ова е моја, моја земја. Секое дрво најубаво цвета и дава плодови кога има корења и најдобро вирее на парчето земја кајшто самото никнало. - заклучува Ана.


Соња Алексоска Неделковска

Женски магазин


Можеби ќе ве интересира

ЗА ИСТРАГАТА ЗА TУЃА НЕГА И ИНВАЛИДСКИ ПЕНЗИИ: Дел од осомничените се во ефективен, а дел во куќен притвор

ЗА ИСТРАГАТА ЗА TУЃА НЕГА И ИНВАЛИДСКИ ПЕНЗИИ: Дел од осомничените се во ефективен, а дел во куќен притвор

НЕ СМЕЕ ДА ИМА КОНТАКТ СО ПРЕДМЕТИ: Татјана Димитровска не се појавила на работа

НЕ СМЕЕ ДА ИМА КОНТАКТ СО ПРЕДМЕТИ: Татјана Димитровска не се појавила на работа

ПУКАЊЕ НА БИТ ПАЗАР: Едно лице е повредено

ПУКАЊЕ НА БИТ ПАЗАР: Едно лице е повредено

СЕРИОЗНА СООБРАЌАЈКА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ - се судрија две возила, има и полесно повредени

СЕРИОЗНА СООБРАЌАЈКА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ - се судрија две возила, има и полесно повредени

ЈО: Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ треба да почне на почетокот на мај

ЈО: Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ треба да почне на почетокот на мај

НЕ СМЕЕ ДА ИМА КОНТАКТ СО ПРЕДМЕТИ И ПОШТА, НЕ МОЖЕ ДА ГЛАСА... ДАЛИ САМО ЌЕ СМЕЕ ДА ЗЕМА ПЛАТА - ОЈО ГОК ја објасни мерката за претседателката на ДКСК

НЕ СМЕЕ ДА ИМА КОНТАКТ СО ПРЕДМЕТИ И ПОШТА, НЕ МОЖЕ ДА ГЛАСА... ДАЛИ САМО ЌЕ СМЕЕ ДА ЗЕМА ПЛАТА - ОЈО ГОК ја објасни мерката за претседателката на ДКСК

Мицкоски: Се укинуваат визите за патување во ОАЕ

Мицкоски: Се укинуваат визите за патување во ОАЕ

ПЕТМИНА ПОВРЕДЕНИ ПАЦИЕНТИ ДЕНЕСКА СЕ ВРАЌААТ ОД СРБИЈА, 33 ОСТАНУВААТ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСКИТЕ КЛИНИКИ - најнов билтен од Министерството за здравство

ПЕТМИНА ПОВРЕДЕНИ ПАЦИЕНТИ ДЕНЕСКА СЕ ВРАЌААТ ОД СРБИЈА, 33 ОСТАНУВААТ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСКИТЕ КЛИНИКИ - најнов билтен од Министерството за здравство

ПРИТВОР ЗА „АДИТИВ“: ОЈО ГОКК ги објави деталите за што се сомничи првата антикорупционерка

ПРИТВОР ЗА „АДИТИВ“: ОЈО ГОКК ги објави деталите за што се сомничи првата антикорупционерка