19 Април, 2024
0.0267

Финансии во услови на пандемија, како да се поттикнат повозрасните да користат банкомати и електронско и мобилно банкарство

Објавено во: Колумни 06 Април, 2020

Добивај вести на Viber


...Доколку нашите проблеми ги решаваме проактивно и ефективно, ќе преживееме полесно, отколку да реагираме на проблемите... Исак Адиџес

Кризата која што настана од пандемијата, предизвикана со појавата и проширувањето на КОВИД-19 за кратко време предизвика драматични промени во начинот на кој живееме, комуницираме, работиме, вршиме финансиски трансакции... Дел од овие промени ќе бидат преточени во нови навики, кои и по завршувањето на пандемијата ќе останат дел од нашите секојдневни рутини. Имено, во услови на криза обично настануваат револуционерни промени кои што претходно се одвивале преку бавен процес на еволуција. Да го парафразирам еден од најголемите научници Алберт Ајнштајн, кој што умно сфаќа дека во време на криза се создаваат иновации, пронајдоци и големи стратегии. Иако, во моите претходни колумни повикував за преземање на конкретни акции во насока за зголемување на употребата на финансиските иновации, овие процеси се одвиваат со многу бавно темпо во нашата држава. Но, да почнеме со ред.

Во студијата на „YouGov“ и „Antenna Software“ се потенцира дека луѓето под 34 годишна возраст двојно повеќе користат мобилно банкарство во споредба со оние кои се постари од 55 години. Исто така, истражувањето на „Ernst & Young“ покажува дека кога се советуваат за банкарски производи и услуги, луѓето на возраст до 25 години само минимално преферираат да ги користат банкарските услуги преку експозитура, наместо преку интернет. Од друга страна, пак, луѓето кои се на возраст над 35 години, јасно преферираат користење на банкарските услуги преку експозитури, во однос на интернет, меѓутоа непосредното користење на банкарските услуги во експозитури е најсилно изразено кај луѓето над 55 години. Не би сакал во овој период подлабоко да навлегувам во анализа за состојбите, меѓутоа во нашата држава, постои простор комерцијалните банките и другите заинтересирани страни, пред сé Владата и Народната банка да искористат повеќе ресурси и да предложат дополнителни мерки, со цел доближување на мобилното и електронското банкарство, како и да го интензивираат користењето на платежните картички во сегментот на повозрасните клиенти, односно во најголем дел пензионерите.

Во таа насока беше и препораката на Народната банка за ограничување на користење на готовината преку стимулирање на употребата на електронските плаќања и користењето на платежните картички. За поздравување се и одлуките на банките, кои во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на КОВИД-19, а со цел заштита на клиентите и своите вработени, овозможија бесплатно извршување на трансакции преку електронско и мобилно банкарство. Меѓутоа, во однос на понудата на финансиските услуги од страна на банките, а со цел намалување на ризиците од ширење на вирусот, особено во делот на најранливата категорија граѓани, односно повозрасните  лица, треба да се направат одлучни чекори кои што во наредниот период ќе делуваат мотивирачки за зголемување на свесноста за користење на платежните картички и електронското банкарство. Од друга страна, според податоците на Светска банка за 2018 година, бројот на АТМ уреди (банкомати) во нашата држава изнесува 60 банкомати на 100.000 жители. Овој податок, спореден на регионално ниво е во рамки на просекот, меѓутоа значително е помал во однос на Република Словенија, каде што изнесува 90 банкомати на 100.000 жители. Заради тоа, постепено треба да се направат и дополнителни инвестиции во оваа сфера, односно перспективно да се зголемува бројот на банкомати на целата територија на државата, со цел бројот да се зголеми посебно во помалите населени места, каде што граѓаните немаат пристап до банкомати.

Имајќи ги во предвид наведените анализирани податоци, предложувам да се преземат интервентни мерки за зголемување на свесноста за ограничување на употреба на готовината и за стимулирање на користење на електронски плаќања и платежни картички за вршење на финансиските трансакции:

·  мотивирање на корисниците на банкарски услуги - пензионери за подигнување на пензиите преку банкомати;

·  воведување на високи надоместоци или ограничување на готовинските уплати и исплати преку благајните на експозитурите. На пример, за готовински трансакции до 300 евра во денарска противвредност при исплата, односно 500 евра во денарска противвредност при уплата да се воведе еднократен надомест;

·  изработка, односно обнова на платежни картички за сите пензионирани и постари лица, и достава на истите преку пошта. По потреба, пин кодовите можат да се доставуваат преку СМС пораки и/или е-маил;

·  да се овозможи внесување и активирање на трајни налози за плаќање на режиски трошоци преку контакт центрите на банките за сите граѓани;

·  поедноставување на процедурата за поднесување на барање за издавање на платежни картички преку контакт центрите на банките за сите граѓани;

·  укинување на трошоците за подигнување на готовина преку банкомати од страна на сите банки, вклучително и укинување на надомест за подигнување на готовина од кредитни картички;

·  јавниот сервис и другите телевизиски медиуми во соработка со Владата, Народната банка и комерцијалните банки да изготват и емитуваат медиумска кампања, преку која што ќе бидат концизно и алгоритмизирано објаснети постапките за користење на банкоматите, за електронското и мобилното банкарство, како и за активирање на трајни налози за плаќање на режиски трошоци.

Сите овие мерки единствено се возможни во координација на Владата, Народната банка и комерцијалните банки. Секако дека постојат одредени ограничувања, меѓутоа кога се работи за здравјето и животот на луѓето постојат начини преку кои што овие предизвици можат едноставно да се решат. Всушност, имаме доволно време до наредната исплата на пензии, за да не се повторат сликите на колони од пензионери, при што покрај ризиците за пренесување на КОВИД-19 вирусот, исто така предизвикуваат и неоснована паника кај останатите граѓани, што пак, од своја страна дополнително може да ја компликува и онака сложената ситуација. Во крајна линија, доблесно и етички е, ние како економисти да потенцираме и да предложуваме повеќе економски мерки кои што ќе бидат своевидна превенција во услови на пандемија, а на тој начин освен што ќе го штитиме здравјето на граѓаните, што е на врвот на листата на приоритети, истовремено ќе се влијае и на намалување на трошоците во процесот на дијагностицирање и лекување на заразените лица.

м-р Андреј Илиевски

Авторот е Докторанд по Економски науки, со над 20 годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок