Фирма за обработка на метали ќе набавува филтри за Одбрана – годинава првпат излегува на тендери, склучила осум договори
Објавено во: Економија 12 Ноември, 2025 08:40
Министерството за одбрана одбра две фирми кои ќе набават резервни делови за моторните возила со кои располагаат, за што ќе потроши безмалку 1,5 милиони денари. Еден дел од набавката го добива АНБО-ТЕК, кај која ќе завршат околу 375 илјади денари - фирма чија дејност е Трговија на мало со делови и прибор за моторни возила.
Поголемиот колач од набавката пак, оди кај „МАСТЕР СЕРВИС“, фирма со дејност „Машинска обработка на метали“, која добива 1.073.930 денари, а која според договорот, треба да набави најразлични филтри за седумнаесет возила и еден агрегат.
Фирмата не е нова. Постои од 2006 година, но според достапните податоци, на тендери почнува да се појавува годинава. Од крајот на јули до денеска, има потпишано осум тендери, од кои три со ЈСП Скопје: Моторна група за автобуси во вредност од 1.232.864 денари, и два за Пумпи за висок притисок за автобуси и минибуси, едниот за 298.068 денари и другиот за 316.476 денари.

Два од тендерите се потпишани со Општина Петровец - 708.000 денари за изградба на фитнес зони и 527.110 денари за Изведба на ограда за игралиште за фудбал во с.Ќојлија. За ЈП Комунална хигиена пак, фирмата набавува и вградува авто стакла - тендер тежок 708.000 денари, а со Општина Градско има потпишано договор за Подобрување на водоснабдување во село Виничани, бушење и изведба на бунар, тежок 690.347 денари.
Фирмата низ годините не прикажала приходи ниту колку најмалиот тендер добиен годинава. Во 2022 година, имала приходи од 247.000 денари, а поради поголемите расходи, годината ја завршила со загуба од 128 илјади денари. Во 2023 година, имала приходи од 208 илјади денари, но расходи од 268 илјади, па била во минус од 161 илјада денари. Лани, покажала приходи од 98.000 денари и намалени расходи, па годината ја завршила со добивка од 41.000 денари.

На почетокот, фирмата имала дејност за „Перење и хемиско чистење на текстилни и крзнени производи“, но низ годините, се свртела кон преработувачката индустрија, па ја сменила дејноста во „Машинска обработка на метали“.
Александар ТодескиМожеби ќе ве интересира
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета
Македонија најевтина во Европа според цените на храната
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага




