Фирмата рекордер во тендери за новогодишни украсувања набавува униформи за ученици во Аеродром и пере возила на МЕПСО и АНБ
Објавено во: Економија 03 Јули, 2025 09:03
Над 305 илјади евра ќе се одлеат од буџетот на Општина Аеродром за нови униформи за учениците во основните училишта. Тендерот го доби „Линк Медиа Плус“ – фирма чија дејност е „Услужни дејности за уредување и одржување на животната средина“, а досега речиси без исклучок ги добиваше тендерите за новогодишно украсување на Скопје но и други општини низ Македонија.
Со истата фирма, државната МЕПСО пред неполн месец склучи договор тежок 17 800 евра за перење на возила. При крајот на мај, го добива и тендерот за перење и хемиско чистење на возила на Агенцијата за национална безбедност – таму за 7670 евра.
Низ годините, „Линк Медиа Плус“ освен украсување, има добивано повеќе тендери од општините, но и од министерствата: Наводнување жардиниери, изработка на репрезентативен новогодишен материјал, изработка на контролни маркици – етикети, набавка на спортска опрема и на спортски маици, хортикултурно уредување.
Во 2008 година, Финансиската полиција имаше поднесено кривична пријава против сопственикот на фирмата, Ѓорѓи Вуков, како осомничен за затајување данок. Во тоа време, Министерството за внатрешни работи на чело со Гордана Јанкулоска преку „Линк Медиа Плус“ набавуваше панцири, маици со куси ракави за полицијата и ознаки за униформи, со став дека ја избрале фирмата оти немало правосилна пресуда против сопственикот. Подоцна, беше отфрлено обвинението против Вуков.
Министерството за внатрешни работи предводено од Оливер Спасовски пак, имаше склучено договор со „Линк Медиа Плус“, за набавка на маици и ремени за помладите полицајци, но без оглас. Тогаш МВР се правдаше дека постапката за набавка на униформа за помлади полицајци се спроведувала согласно закон со преговарање без претходно објавување на оглас, од причини од крајна итност предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст.
Александар Тодески
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




