03 Мај, 2024
0.0245

„Форбс“: Обама е највлијателната личност во светот

Објавено во: Стил 06 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател Барак Обама повторно е на врвот од списокот на највлијателни личности во светот, што секоја година се изготвува од американското списание „Форбс“, пренесоа светските агенции.

Според списанието, Обама на еден решителен начин ги освои американските претседателски избори и има четири години пред себе за да постигне напредок со својата програма, иако пред себе ќе има големи предизвици. И покрај тоа, тој останува вистинскиот водач на слободниот свет, посочува списанието.

На најновата ранг листа на „Форбс“, Обама е следен во чекор од германската канцеларка Ангела Меркел и од рускиот претседател Владимир Путин. На четврто и петто место се коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесети.

На шесто место е претседателот на американската централна банка Бен Бернанке. Францускиот претседател Франсоа Оланд е на 14-то место. Во ранкингот, меѓу останатите Европејци се и гувернерот на Европската централна банка, Италијанецот Марио Драги (осмо место), британскиот премиер Дејвид Камерон (10-то место), италијанскиот премиер Марио Монти (29-то место) и шефот на француската компанија Ел Ве Ем Аш, Бернард Арно (56-то место).

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард е на 38-то место.

Најмлад на списокот е основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, кој се наоѓа на 25-то место, откако минатата година заврши на деветото место. Медиумскиот магнат Руперт Мардок е на 26-то место.

Во ранкингот, на 44-то место се најде и младиот севернокорејски лидер Ким Џонг-ун.

Во подготвувањето на овој список, составен од 71 личност, списанието „Форбс“ користи неколку фактори - бројот на луѓето над кои личностите имаат власт, финансиските ресурси што тие ги контролираат, дали овие личности имаат влијание во повеќе сфери и начинот на кој личностите ја спроведуваат својата власт.