(ФОТО) Волонтерски ден на Хабитат заедно со Мери Џо Волерс
Објавено во: Македонија 26 Ноември, 2014
Хабитат Македонија денеска организираше волонтерскиот ден чија цел беше обезбедување помош во изградбата на домот на семејството Усеин, во населбата Циглана. Ова семејство пред една година целосно го изгуби својот дом во пожар што го зафати целото соседство. Благодарејќи на помошта обезбедена од Владата, Град Скопје и Општината Бутел, опожарените куќи беа повторно изградени, меѓутоа уште доста работи останаа да бидат обезбедени за куќите да станат удобни домови за овие семејства. Затоа, Наташа и Орхан Усеин имаат земено заем од Фондот за Роми и маргинализирани, програма на Хабитат Македонија и Хоризонти, и заедно започнаа да ја планираат финализацијата на нивниот дом.
Учество во волонтерскиот ден зема сопругата на Амбасадор на САД во РМ, г-ѓа Мери Џо Волерс, која воедно е и почесен член на управниот одбор на Хабитат Македонија. Таа со волонтерски тим од Американската Амбасада се вклучи во изведбата на тековните градежни работи, а во работата се вклучија и неколку вработени од Хабитат и Хоризонти. Интервенциите на волонтерите кои се реализираа во рамки на волонтерскиот ден во домот на семејството Усеин вклучуваа: поставување на стиропор на надворешните ѕидови (термо изолација), поставување на термо изолација на таванот во бањата, завршување на стреите и комплетирање на фасадниот слој. Од една страна денешното волонтирањето ќе му помогне на ова семејство значително да ги намали трошоците за реконструкцијата во домот со што ќе обезбеди максимално искористување на заемот, а од друга страна пак ќе го потсети соседството за потребата од подавање рака на оние кои имаат потреба од помош.
Имајќи ја предвид целта на настанот, беше соодветно да се поврзе со духот на Денот на благодарноста и токму преку овој настан симболично да се одбележи празникот. Па во домот на семејството Усеин, покрај тоа што се работеше, денес се сечеше и мисирка – традиционален начин за одбележување на овој американски празник.
„Сакам да работам и да придонесувам за заедницата во Македонија. Во тој поглед, задоволна сум од досегашната соработка со Хабитат и често сум на нивните градилишта. Со волонтирањете и вклучувањето во градежните работи ја исполнуваме нашата граѓанска должност да им помагаме на они кои имаат имаат потреба тоа, од подобар дом да стигнат полесно до него“ – изјави г-ѓа Мери Џо Волерс, сопруга на Амбасадорот на САД во Македонија.
„Со денешните активности сакаме на семејството Усеин, кое е корисник на заем од Фондот за Роми и маргинализирани, да му помогнеме да ги подобри условите на домување. Хабитат традиционално работи со семејства со ниски примања, обезбедувајќи им нови домови или поправки на домовите со обезбедување на долгорочни достапни заеми. На овој начин сме во можност да помогнеме на што поголем број семејства, кои инаку не би имале пристап до поволна финансиска помош“ – изјави г-ѓа Лилјана Алчева, заменик директор на Хабитат Македонија.
[gallery]