(ФОТО) Започна пререгистрирањето на државните институции со новото име
Објавено во: Македонија 16 Февруари, 2019
Покрај менувањето на таблите, започна и пререгистрирањето на државните институции со новото уставно име, а први се Агенцијата за вработување, Централниот регистар и Службен весник.
Вчера Централниот регистар ја евидентираше „Агенцијата за вработување на Северна Македонија“, а упис на промена на назив имаат и сите нејзини 30 подружници во градовите.
„Решението е донесено постапувајќи по пријавата за упис на промена - назив и скратен назив, назив на подружници и промена на раководител во организациона единица на АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје, со примена на член 30, 39 и 41 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица“, се вели во решението.
Истото е донесено според одлука за прогласување на Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија и член 2 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија (Сл.Весник на РМ бр.6/19), го донесе следното решение.
Претходно истиот ден беше објавено и за Централен регистар и Службен весник.