Г-20 уморена од војната во Украина!
Објавено во: Колумни 11 Септември, 2023
Вчера во Њу Делхи, Индија, заврши Самитот на Г-20. Неговото мото беше „Една земја, едно семејство, една иднина“. Лидерите на членките земји ја усвоија завршната Декларација, обемен документ со десет поглавја и 83 точки, која, на големо изненадување, беше со многу поомекнат став кон Русија и војната во Украина. Особено, ако се има предвид Декларацијата од пред една година усвоена на Самитот на Г-20 во Бали, Индонезија.
Во Декларацијата со длабока загриженост се однесуваат кон големите човечки страдања и лошото влијание на војните и конфликтите низ цел свет. Без да се спомене војната во Украина. Во поглед на неа има навраќање на Самитот во Бали, при што се вели дека врз основа на ланската расправа за Украина се потврдени „нашите национални позиции и резолуции усвоени на СБ на ОН и на Генералната Асамблеја на ОН и нагласивме дека сите држави треба да дејствуваат на начин што ќе одговара на Целите и Принципите на Повелбата на ОН во целост. Во согласност со Повелбата на ОН сите држави треба да се воздржат од закани со сила или нејзино користење со стремеж за територијални зафаќања, насочени против територијалната целосност и суверенитетот или политичката независност на било која држава. Примената на нуклеарно оружје е недозволена“.
Одново се нагласува дека Г-20 е водечки форум за меѓународна економска соработка и „согласувајќи се дека, иако Г-20 не е платформа за решавање на геополитички и безбедносни прашања, признаваме дека тие прашања можат да имаат сериозно влијание врз светската економија“. Па оттука се нагласува влијанието на војната во Украина „врз односите во глобалната безбедност со храна и енергетика, синџирите на снабдување, макро финансиската стабилност, инфлацијата и економскиот раст, што ја усложни политичката ситуација за земјите, особено оние во развој и најмалку развиените земји, кои се’ уште се на етапата на обнова после Корона вирусот и економските потреси, како резултат од што беше поткопан напредокот во достигнување на целите за одржлив развој. Беа изразени различни погледи кон ситуацијата и нејзина оценка“. Учесниците на Самитот повикаа кон целосна, навремена и ефикасна реализација на договорите од Истанбул за безбеден транспорт на житото од украинските пристаништа и на руските прехранбени стоки и вештачки ѓубрива“.
ЕДНА ЗЕМЈА, ЕДНО СЕМЕЈСТВО, ЕДНА ИДНИНА
Потоа се констатира дека е важно да се поддржат прехранбената и енергетската безбедност и прекин на военото уривање или други напади врз објектите од инфраструктурата. Искажана е загриженост за безбедноста на граѓанското население...Понатаму се повикува кон почитување на принципите на меѓународно право, територијалната целосност и суверенитетот, меѓународното хуманитарно право... Мирното решавање на конфликти и напорите за надминување на кризите, а и дипломатијата имаат решавачко значење. „Ние ќе ги обединиме напорите во борбата со негативното влијание на војната врз светската економија и ќе ги поздравиме сите конкретни иницијативи кои придонесуваат за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, кој ќе ги исполни сите цели и принципи на Повелбата на ОН. во интерес на поддршката на мирни, пријателски и добрососедски односи меѓу народите во духот на мотото „Една земја, едно семејство, една иднина“.
А само пред една година односот кон Русија беше сосема друг. Во ноември лани во Бали на Самитот на Г-20 јазикот во декларацијата беше многу потврд, кога стануваше збор за војната во Украина. „Оваа година се соочивме со негативното влијание на војната во Украина врз глобалната економија. Разговаравме за ова прашање. Ги потврдивме националните позиции кои беа изразени на други форуми, особено во Советот за безбедност на ОН и Генералното собрание на ОН, кое во резолуцијата бр. ES-11/1 од 2 март 2022 година, усвоена со мнозинство гласови (141 гласови за, 5 – против, 35 воздржани и 12 отсутни), изразува најдлабоко жалење за агресијата на Руската Федерација врз Украина и бара целосно и безусловно повлекување на вооружените сили од територијата на Украина. Мнозинството членови најостро ја осудуваат војната во Украина и укажуваат на огромното човечко страдање што таа го предизвика и влошувањето на актуелни проблеми во глобалната економија - забавување на економскиот раст, зголемена инфлација, нарушување на синџирите на снабдување, влошување на безбедноста на енергијата и храната, зголемување ризици за финансиската стабилност. Исто така беа искажани и други гледишта и различни оценки за ваквата состојба и санкциите. Забележуваме дека Г-20 не е соодветен форум за дискусија за безбедносни прашања, но тие можат да имаат големо влијание врз глобалната економија“, се вели во Декларацијата од Бали.
Што се случи за неполна една година, па да дојде до омекнување на ставот кон Русија. Во Декларацијата од Њу Делхи не се изразува „ најдлабоко жалење за агресијата на Руската Федерација врз Украина.. и не се „бара целосно и безусловно повлекување на вооружените сили од територијата на Украина“. Мнозинството членови не ја осудуваат „најостро војната во Украина и не укажуваат на огромното човечко страдање...
Украина е незадоволна од резултатите на Самитот. Таа е разочарана и ја критикуваше завршната Декларација. Во неа нема осуда на руската агресија, туку само повици кон дипломатија и воспоставување на мир, соопштуваат од украинското МНР. Портпаролот на министерството Олег Николенко на Х (Твитер) напиша: „„Украина е благодарна на партнерите кои се обидуваа во текстот да вклучат посилни формулации. Во исто време во делот на агресијата на Русија против Украина - Г-20 нема со што да се гордее. Очигледно учеството на украинската страна би им овозможило на учесниците подобро да ја разберат ситуацијата“. Украина сакаше претседателот Владимир Зеленски да патува во Њу Делхи, но Индија не го покани со образложение дека „Г-20 не е СБ на ОН“. Николенко се обиде да ја „коригира“ Декларацијата, па предложи наместо „војна во Украина“ да стои „војна против Украина“. Или не „сите земји треба да се воздржуваат од примена на сила“, туку „„Русија да се...“ Предлага и други корекции.
УДАР ВРЗ ЗАПАДНАТА ЗАЕДНИЦА
Весникот Financial Times смета дека завршната Декларација од Самитот во однос на војната во Украина е „удар врз западната заедница, која цела последна година се обидува да ги убеди земјите во развој да ја осудат Москва и да ја поддржат Украина“. Но западната заедница очигледно не мисли така. Ако западна заедница се смета Г-7 , најразвиените земји во светот, тогаш сите тие беа во Њу Делхи. И очигледно не успеале да го наметнат она што забележува Financial Times. Но, дали е баш така?
Првиот човек на западната заедница, американскиот претседател Џо Бајден смета дека на самитот на Г20 имало значаен договор за потребата од мирно решавање на ситуацијата околу Украина. „Имаше значаен договор во просторијата (на состанокот на учесниците на самитот) за потребата од праведен и траен мир кој ги почитува принципите утврдени во Повелбата на ОН, вклучително и територијалниот интегритет и суверенитет“, рече Бајден на прес-конференција по неговото патување во Индија и Виетнам. И државниот секретар Ентони Блинкен не се согласува со критиките на завршната Декларација од Њу Делхи. Блинкен укажа дека сите присутни на Самитот се искажале во целосност и суверенитет на Украина, што е силна изјава. Освен тоа, според него, учесниците, „лидер по лидер“ зборувале за негативното влијание на конфликтот врз светот. „Во салата, на маса, беше сосема јасно, дека земјите чувствуваат последици и сакаат руската агресија да прекине“, рече Блинкен. Но такво нешто нема воопшто во Декларацијата, за разлика од Бали.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така е дел од западната заедница. Не е втор човек, ама сака да биде тоа. Тој изјави дека самитот на Г-20 во Њу Делхи не мора да е место каде што треба да се очекува дипломатски напредок околу војната на Русија против Украина. Тоа тој го кажал на прес – конференцијата по затворањето на Самитот. Според Макрон овој самит потврди дека Русија е во изолација. Патем да кажеме дена во Њу Делхи не беа рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Шји Џинпинг. „Денес огромно мнозинството членки на Г-20 ја осудуваат војната во Украина и нејзините последици“, нагласил Макрон. Но Декларацијата не го потврдува тоа. Макрон , исто така, не ја смета Декларацијата за дипломатска победа на Русија, одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој позитивно го оцени текстот на декларацијата.
За германскиот канцелар Олаф Шолц, завршната декларација на Г-20 е успех. Тој е задоволен од неа. Како што пренесе DW канцеларот високо го оценил фактот дека во Декларацијата се одбележува „територијалната целосност“ на сите земји, дури без оглед на тоа што во документот нема осуда на Русија за нападот на Украина. Според Шолц, успех е што на крајот од краиштата Русија се откажала од отпор кон такво решение, само затоа што сите други оделе во во тој правец. Кон гаранција на територијалниот суверенитет. Инаку, формулациите на Г-20, посветени на Украина, зборуваат за отсуство на глобален консензус за поддршка на Украина. Впрочем тоа е и ставено во докментот кога се зборува за разликите.
РУСИЈА ИЗНЕНАДЕНА
Се јави и четвртиот член од западната заедница. Премиерот на Велика Британија Риши Сунак. Како што се пренесува, Сунак е задволен од „силниот“ јазик во декларацијата на Г-20. И тој е задоволен. „Вестите... кои со задоволство ги споделувам се, дека под (водство) на премиерот Моди и индиското претседателство, Г-20 усвои коминике со многу силен јазик... Она што ќе го видите во ова коминике е многу силен јазик, што го истакнува влијанието на војната врз цените на храната и безбедноста на храната и ја повикува Русија да се врати на договорот за жито за да дозволи извозот да тече од овој дел на светот и да помогне да се прехранат милиони најранливи луѓе“, рече Сунак. Британскиот премиер истакна дека декларацијата ги признава принципите на Повелбата на ОН во однос на територијалниот интегритет.
Русија не ја очекувала ваквата содржина на Декларацијата. Тоа го призна Сергеј Лавров на прес конференцијата во Њу Делхи. Го прашаа:„ Зошто мислите дека сите земји се согласија да ја променат формулацијата на точката од Декларацијата од Делхи за Украина? Ова е различно од она што беше во Индонезија во 2022 година. Бевте изненадени? Одговорот беше:„ Се согласивме. Можеби затоа што совеста се разбудила? Да бидам искрен, не го очекувавме. Бевме подготвени да одбраниме чесен текст (а тој излезе таков). Точката за Украина не може да се изолира од останатиот дел од работата на Декларацијата, а чија главна содржина оваа година беше будењето на Глобалниот Југ и неговата консолидација. Овие земји сакаат Г20 да го направи она за што е создаден, вклучително и справување со предизвикот на развојот во согласност со Целите за одржлив развој на ОН. Глобалниот Југ повеќе не сака да слуша предавања дека наводно сè е поради Русија, дека треба да ја принудиме да ја исполни „формулата на Зеленски“ (која е целосно нереална и утопистичка), а потоа сè ќе функционира во светската економија . Овој пат тоа не успеа. Мислам дека овој тренд повеќе не може да се запре“
Лавров исто така ја забележа активната улога на индиското претседателство, кое многу помогнало во консолидирање на позициите на Глобалниот Југ во одбрана на неговите легитимни интереси. И токму поради тоа „беше можно да се спречи успехот на обидот на Западот повторно да ја украинизира целата агенда на штета на дискусијата за итните проблеми на земјите во развој.Значајно е што „украинскиот параграф“ е вклучен и е предмет на консензус, но не се работи за Украина. Да, таму се споменува украинската криза, но исклучиво во контекст на потребата од решавање на сите конфликти, кои постојат во светот, во согласност со сите цели и принципи на Повелбата на ОН, во нивната комплетност и меѓусебна поврзаност. Ова е важно затоа што Западот, штом станува збор за Украина, не може да влезе во интелектуални дискусии, туку само бара прекин на „руската агресија“ и обновување на територијалниот интегритет на Украина“, одговори Лавров на друго новинарско прашање.
ЕКОНОМСКИ ФОРУМ, А НЕ ДЕБАТЕН КЛУБ
Несакањето на Индија на Самитот да се разгледува украинското прашање, се темели на ставот дека Г-20, пред се’, е економски форум, а не дебатен клуб. Times of India пишува дека на усогласување на завршната Декларација се работело 150 часа. И токму затоа резултатот беше Декларација која е „мирна“ и која не бранува. Згора на се’, секој може да ја толкува по свое. Русите да викаат дека тоа е победа над Западот. Западот дека Русија е „ставена на местото кое и припаѓа“, а дека Декларацијата е успехот кој придонесе кон тоа. Никој не вели дека е уморен од војната во Украина, иако тоа блика од текстот на Декларацијата.
Во прилог на ова оди и веста пренесена синоќа од украински медиуми. Дека државниот секретар Ентони Блинкен, во интервју за телевизијата ABC, изјавил дека Украина е подготвена за преговори со Русија. Доколку Москва покаже интерес за преговори за Украина, тогаш Киев ќе се согласи да ги почне, а Вашингтон ќе го поддржи мировниот процес. Што фактички значи дека украинските власти се подготвени за преговори по прекинување на војната. „Што се однесува до преговорите, за танго се потребни двајца. А засега ние не видовме досега никакви знаци на интерес за дипломатија од страна на Владимир Путин. Ако тој пројави интерес, тогаш, мислам, Украинците ќе бидат први кои ќе стапат во преговори, а ние веднаш по нив. Сите сакаат овој воен конфликт да заврши, но тој треба да заврши на праведни и трајни услови, кои ќе одразуваат суверенитет и територијална целосност на Украина“, изјави Блинкен.
Блинкен минативе денови беше во посета на Киев и таму најави нова голема воена помош на Украина. Веројатно зборувале и за контраофанзивата и наводното нејзино заглавување. Имаше и коментари дека може да дојде до замрзнување на конфликтот. Па и повици за преговори и мировни инцијативи што доаѓаат од разни краишта во светот. Оваа изјава на Блинкен само прикрива дека има умор од војната. Таа во суштина не е ништо ново. Бидејќи САД се богот на војната во Украина тие и ги поставуваат условите за преговори. А тоа се американски услови. Кога, како, што...А најпрво, повлекување на Русија од територијата на Украина. Путин, пак, има свои услови. Преговори, но не и за териториите кои се под контрола на Русија. Оттука, ќе нема ни преговори и покрај целиот замор. Американците веќе еднаш, лани, и наредија на Украина да се откаже од преговори со Русија и покрај постигнатиот договор во Истанбул. Лани Зеленски донесе решение да се забрани водење преговори со Русија се’ додека таму на власт е Путин. Па така, уморот може да донесе само принуден прекин или намалување на интензитетот на војната, но не и преговори. Нареднава зима најавен е нов Самит на Г-20 во видео формат. Можеби тогаш ќе може да чуеме нешто ново. Можеби оние кои најмногу придонесоа за Декларацијата, а на кои исто им е преку глава од војната, и се уморени од неа, да преземат чекори за мир наспроти ставовите на САД и на Русија за преговори..
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.