28 Ноември, 2024
0.0427

Гечевски: Цените на становите нема да пораснат, но ќе се намалат трошоците за енергија!

Објавено во: Економија 27 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Новите правила на градба нема да ги зголемат цените на становите, но ќе ги намалат трошоците за енергија, вели првиот човек на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски во интервју за Фактор. До крајот на месецот треба да бидат објавени Правилниците за градба, и во иднина пред секоја нова зграда на видливо место ќе мора да има поставена табла со сертификат, кој ќе содржи податоци за степенот на енергетска ефикасност на зградата, вклучувајќи ја и енергетската класа на самиот објект.   Сепак, за побрзо да профункционира овој систем, Гечевски пососочува дека се размислува за стимулативни мерки, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Се размислува за субвенционирање на ДДВ од 5% на 3%, при продажба да нема посреднички данок од 3%, само административни услуги итн., но за тоа последен збор ќе има Владата т.е. Министерство за финансии по направени анализи. Фактор: Во градежиштвото се воведува нов термин - „енергетски пасоши“. Односно сите објекти што ќе се градат во иднина ќе мора да имаат такви пасоши. Што практично значат тие енергетски пасоши? Гечевски:Терминот енергетски пасош е широко прифатен, но сепак во Законот за енергетика се користи терминот сертификат за енергетски карактеристики на згради. Сертификатот за енергетски карактеристики на згради треба да содржи податоци за енергетските карактеристики на зградата или градежната единица и референтни вредности, како што се минималните барања за енергетски карактеристики. Исто така, сертификатот за енергетски карактеристики на згради треба да содржи и податоци за годишната потрошувачка на енергија и процентуалното учество на енергија од обновливи извори во вкупната потрошувачка на енергија, како и препораки за спроведување на економски оптимални, односно економски исплатливи мерки за подобрување на енергетските карактеристики на зградите или градежните единици, освен ако не постои доволен потенцијал за такви подобрувања. Фактор: Дали се изработени правилниците и кога се очекува да бидат донесени? Гечевски:Изработени се завршни предлог верзии на Правилникот за енергетска контрола и Правилникот за енергетски карактеристики на згради. Со усвојување на измените и дополнувањата на Законот за енергетика, кои излегоа во Службен Весник на Р. Македонија бр.79, од 31 мај 2013, се очекува усвојувањето на Правилниците да биде до крајот на јуни, 2013 година. Фактор: Во иднина, дали ќе може да се градат нови згради без да се добие енергетски пасош? Гечевски: По усвојување на Правилникот за енергетска контрола и Правилникот за енергетски карактеристики на згради и новоизградените згради ќе подлежат на енергетска контрола од страна на правно лице кое поседува лиценца за вршење на енергетски контроли и според тоа ќе добие соодветен сертификат за енергетски карактеристики на згради. Новите згради мора да имаат елаборат за енергетска ефикасност,а комисијата пред да изврши технички прием на објектот за употреба, објектот мора да поседува сертификат за енергетски карактеристики на згради. Фактор: Кои се критериумите и стандардите што ќе треба да се исполнат за да се добие „енергетски пасош“? Гечевски: Минималните критериуми и барања кои треба да ги исполнат градежните единици во поглед на енергетската ефикасност се зададени во Правилникот за енергетски карактеристики на згради. Енергетската контрола ќе покаже дали се задоволени минималните критериуми и барања на зградата, односно градежната единица, и по примена на методологијата зададена во Правилникот, ќе биде издаден и сертификатот за енергетски карактеристики на зграда. Фактор: Со каков градежен материјал ќе треба да се градат новите објекти? Гечевски: Во Правилникот за енергетски карактеристики на згради се зададени сите релевантни параметри и карактеристики на градежните материјали кои треба да ги поседуваат градежните материјали кои ќе се вградуваат во објектите т.е. градежните единици. Правилникот не наложува користење на одредени типови на градежни материјали, туку обврзува градежните материјали кои ќе се вградуваат да ги исполнат минималните барања кои се зададени со овој документ. На нашата web страна, на Бирото за јавни набавки и Царинската управа на РМ, од 2011 година е поставено Упатството за примена на мерки за енергетска ефикасност и заштеда на енергија при определување на карактеристиките на стоките и услугите што се предмет на јавните набавки и примена на критериумите што се однесуваат на енергетската ефикасност и заштеда на енергија при избор на најповолен понудувач. Тоа значи дека и градежниот материјал треба да е со висока енергетска класа, а Упатството содржи список на препораки и постапки за да дојдеме до имплементација на повисоки стандарди вградени во градежните објекти. Фактор: Како ќе се докажува квалитетот на градежен материјал што ќе се користи во новите  објекти? Гечевски:Квалитетот и енергетските карактеристики на градежните материјали кои се применети во еден објект, односно градежна единица ќе се увидат и докажат при вршење на енергетската контрола. Фактор: Дали тоа значи дека пред секој објект ќе треба да има податоци која класа е (Односно кога ќе купуваме стан ќе имаме податоци за тоа колку е енергетски ефикасен, како кога купуваме машина за перење)? Гечевски: Да, секако, согласно извршената енергетска контрола ќе се издава и енергетски сертификат за зградите, кој сертификат ќе биде поставен на видливо место во самата зграда. Сертификатот ќе содржи повеќе податоци и параметри кои укажуваат на степенот на енергетска ефикасност на зградата, вклучувајќи ја и енергетската класа, како ознака слична на енергетските класи на електричните производи, која во вид на налепница ќе се залепи на  видливо место на градежната единица. Фактор: Која е придобивката за граѓаните? Гечевски:Придобивката за граѓаните е во подобрувањето на квалитетот и условите за живеење и работење, а со зајакнување на стандардите и критериумите за градење и подобрување на енергетската ефикасност ќе се постигне намалување на сметките за енергија. Исто така, со сертификатите за енергетски карактеристики на згради, граѓаните ќе имаат увид во енергетската состојба и квалитетот на градежната единица и според тоа ќе може да се направи реална проценка на вредноста на објектите од енергетска гледна точка. Како држава добиваме повеќе кратно,а тоа е намалување на потрошувачката на електрична енергија и нејзино рационално користење (не за греење), ќе го реализираме како потписници за спроведувањето на 20:20:20 т.е. зголемувањето на енергетската ефикасност и намалувањето на СО2 емисија. Фактор: Дали ова нема да ги зголеми цените на становите во земјава? Гечевски: Примената на критериумите и барањата кои се дефинирани во Правилникот за енергетски карактеристики на згради нема да влијае на зголемување на цената на новоизградените станови, но сепак мора да се истакне дека со енергетски ефикасните објекти и станови, на подолг рок ќе се постигне многукратно намалување на трошоците за енергија. Фактор: Како ќе се натераат градежните компании кои се во трка за профит дали ќе има некаква дополнителна стимулација за нив? Гечевски:Во Правилникот за енергетски карактеристики на згради се дадени минималните барања и услови кои треба да ги исполнат зградите од аспект на потрошувачка на енергија и енергетска ефикасност, така што градежните компании ќе биде потребно да ги запазат овие параметри и критериуми. Секако мотивација за градежните компании да градат енергетски ефикасни објекти и да инвестираат во квалитетни системи и материјали е фактот, дека објектите ќе имаат реално повисока цена на пазарот, од објектите кои не посветиле внимание на енергетската ефикасност и не вградиле квалитетни енергетски материјали, а купувачите преку користење на објектите ќе имаат многукратни заштеди. Сепак, за побрзо да профункционира овој систем треба да се размислува за стимулативни мерки, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Се размислува за субвенционирање на ДДВ од 5% на 3%, при продажба да нема посреднички данок од 3%, само административни услуги итн., но за тоа последен збор ќе има Владата на РМ т.е. Министерство за финансии по направени анализи за истите. Фактор: Што е со старите објекти, оние веќе изградени во кои граѓаните живеат, а се далеку од енергетски ефикасни? Гечевски: Согласно Правилникот за енергетски карактеристики на згради, сертификат за енергетски карактеристики на зграда се издава за сите нови згради и градежни единици, како и зградите и градежните единици кои се предмет на значителна реконструкција, згради и градежни единици кои се продаваат или издаваат под закуп и згради или градежни единици што се во сопственост или се закупени од лица од јавниот сектор, како и згради и градежни единици од јавен карактер. Но, ако се увиди дека непостои доволен потенцијал за такви подобрувања или социјалниот статус на граѓаните, тогаш тие градежни единици ќе чекаат подобри времиња, каде ќе се одвојат средства во општините и целосно или со процентуално учество на граѓаните или некои институции “ ангели “ или ЕСКО компании или фондови, за да се направат објектите со подобра енергетска класа. Фактор: За почеток веќе се прави анализа на јавните објекти. Што точно ќе опфати таа анализа? Гечевски: Веќе е изработена Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради и истата опфаќа анализа на 2441 јавна зграда и дефинирање на потенцијалот за подобрување на енергетската ефикасност во истите, со цел достигнување на индикативните цели за заштеда на енергија, односно најмалку 9% намалување на потрошувачката на енергија во Р. Македонија до 2018, споредено со просечната потрошувачка на енергија од 2002 до 2006 година. Со најновата директива од ЕУ од 01.01.2014 год. секоја година треба да се имлементира енергетската ефикасност со 3% пораст. Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради има за цел да придонесе кон исполнување на поставените цели за намалување на потрошувачката на енергија во комерцијалниот и услужниот сектор, согласно Стратегијата за енергетска ефикасност и Националниот акционен план за енергетска ефикасност. Фактор: Имате ли сега податок, колкава е потрошувачката на енергија во овие институции и колку ќе треба да се намали? Гечевски: Според Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради, учеството на јавниот сектор во вкупната потрошувачка на енергија, во 2008 година изнесува околу 12%. Очекуваните заштеди на енергија со имплементација на оваа Програма изнесуваат околу 33,2%, додека вкупната потребна инвестиција за реализација на предвидените мерки изнесува 92 милиони евра. Фактор: Како тоа ќе се направи заштедата во тие објекти, сами ќе треба да инвестираат или ќе има државни субвенции? Гечевски:За имплементација на мерките кои се предвидени со Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради постојат и се предложени неколку можности за финансирање. Постои можноста за кредитирање преку комерцијалните банки, но оваа можност се однесува само на кредитоспособните општини, чиј број во моментов е многу мал за остатокот од општините и државните институции кои не се кредитоспособни, постојат можности за финансирање како што е буџетското зафаќање, при што Министерство за финансии обезбедува средства за финансирање на проектите за подобрување на енергетската ефикасност, а вложените средства ги враќа од разликата на намалените трошоци за енергија. Фактор: Кој ќе го издава енергетскиот пасош? Гечевски: Енергетските пасоши, односно сертификатите за енергетски карактеристики на згради ќе ги издаваат правните лица кои поседуваат лиценца за вршење на енергетска контрола. Со предходна едукација од еминентни предавачи – експерти, како тренери, во временски период не подолг од три месеци со 60 – 80 часа наставен процес, физичките лица ќе се стекнат со овластување за енергетски контролор, по полагање на испит подготвен од Агенцијата за енергетика на Република Македонија. Фактор: Кој ќе може да биде енергетски контролор?  Гечевски:Согласно Законот за енергетика, физичките лица се стекнуваат со овластување за енергетски контролор, кое го издава Агенцијата за енергетика, а пак правните лица се стекнуваат со лиценца за енергетски контролор, која ја издава Министертво за економија. Критериумите кои треба да ги исполнува едно физичко лице за да се стекне со вакво овластување се да поседува минимум високо образование од една од техничките насоки, најмалку 5 години работно искуство, како и да го положи стручниот испит за енергетски контролор. Правните лица пак, кои ќе имаат вработено најмалку две физички лица кои се овластени енергетски контролори, ќе можат да вршат енергетска контрола на згради и да издаваат енергетски сертификати. Фактор: Како ќе се контролираат енергетските контролори за да не се појават неквалитетни градби или несоодветни енергетски класи? Гечевски: Енергетските контролори нон стоп ќе бидат под мониторинг од повеќе аспекти, едукативно, секоја година ќе имаат аудит и надградување, на секои 3 години ќе се врши испитување за продолжување на важноста на овластувањето издадено од Агенцијата за енергетика и истата бидејќи ќе го води регистерот на енергетски контролори т.е. прегледи од издадените сертификати за енергетски карактеристики на згради, ќе се вршат проверки на истите по случаен избор, така да нема да има можности за манипулации во неквалитет или несоодветни енергетски класи. Фактор: Стопанската комора на Македонија предупреди дека новите правила на градба ќе отворат нов проблем, односно недостиг на едуциран кадар? Како тоа ќе се реши? Гечевски: Агенцијата за енергетика на Република Македонија, е вклучена како партнер во Европски проект во делот на Интелегентна енергетика за истражување и проценка на потребите од едукација и доедукација на работници во градежништво во делот на начините и критериумите за извршување на градежни работи со цел подобрување на енергетската ефикасност и инсталирање на системи на обновливи извори на енергија. Овој проект успеавме заедно со Стопанска комора, ФЕИТ и ГИМ да го добиеме први во Европа од 27 земји од ЕУ, плус Норвешка и Хрватска. Со негова имплементација се очекува да се намали ризикот од несоодветно извршување на градежните работи на објектите од аспект на квалитет на градба и енергетска ефикасност, преку организирање на обуки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија или доквалификација за да го надминеме големиот проблем со недостиг на квалитетно едуциран кадар. Фактор: Дали е сега вистинско време за појава на ЕСКО компаниите во Македонија? Гечевски: Можноста за формирање на ЕСКО компании во Р. Македонија е повеќекратно разгледувана од Агенцијата за енергетика и други релевантни институции. Во соработка пред се со Светска Банка и ЕБРД се прават напори за изнаоѓање на начини за формирање на ЕСКО компании, кои ќе помогнат за полесно спроведување на енергетската ефикасност во земјава. С.Н.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Министерката Божиновска на средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон, и амбасадорот Метју Лосон

Министерката Божиновска на средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон, и амбасадорот Метју Лосон

Трамп со најавите за зголемени царини дополнително „ја надува“ рекордно високата цена на кафето

Трамп со најавите за зголемени царини дополнително „ја надува“ рекордно високата цена на кафето

МИЦКОСКИ ДАДЕ ДЕТАЛИ ЗА НАБАВКАТА НА АВТОБУСИ: Кога ќе почне нивното отплаќање?

МИЦКОСКИ ДАДЕ ДЕТАЛИ ЗА НАБАВКАТА НА АВТОБУСИ: Кога ќе почне нивното отплаќање?

Струјата поскапува? ЕСМ понуди за 2 евра повисока цена до ЕВН Хоме

Струјата поскапува? ЕСМ понуди за 2 евра повисока цена до ЕВН Хоме

КРИЗА ЗА РАБОТНИЦИ: Германија има потреба од негуватели

КРИЗА ЗА РАБОТНИЦИ: Германија има потреба од негуватели

Мицкоски: „Акуо“ беа кај мене, под вакви услови не може да биде странски инвеститор

Мицкоски: „Акуо“ беа кај мене, под вакви услови не може да биде странски инвеститор

РУСКИТЕ АНАЛИТИЧАРИ ПРЕДВИДУВААТ ЛОША 2025 ГОДИНА: Eдно евро се тргува за 115.66 рубљи

РУСКИТЕ АНАЛИТИЧАРИ ПРЕДВИДУВААТ ЛОША 2025 ГОДИНА: Eдно евро се тргува за 115.66 рубљи

Азески и Туркменоглу: Поддршката за конкурентноста на приватниот сектор – дел од стратегијата на ЕБОР

Азески и Туркменоглу: Поддршката за конкурентноста на приватниот сектор – дел од стратегијата на ЕБОР

КОШНИЦАТА СЕ КРЧКА, АМА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ УШТЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ – граѓаните скептични

КОШНИЦАТА СЕ КРЧКА, АМА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ УШТЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ – граѓаните скептични