01 Декември, 2024
0.0341

Геостратегија, пазар, дипломатија – Украина победи

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Украина ги почнува преговорите за утврдување на преговарачката рамка за членство во ЕУ. Унијата и подари надеж на Украина дека во догледна иднина и таа ќе стане дел од европското семејство. Овој факт зборува за голема политичка победа на претседателот Владимир Зеленски, Особено на фонот на несогласувањата меѓу политиката и војската, но и евентуалните претседателски избори. Не помалку и на фонот на неуспесите на фронтот.

Одлуката за почнување преговори меѓу Унијата и Украина, донесена минатата недела, а по неполни две години од поднесувањето на барањето, можеби е симболичен чекор за да се даде поддршка на Украинците во, за нив, немирните времиња. Но уште повеќе е потврда дека без геостратегија, без пазар и без дипломатија веќе не се станува преговарачка страна со Унијата. На сите им е јасно дека додека трае војната во Украина, таа нема да влезе во Унијата, ниту во НАТО. Исто како што е јасно дека вистински преговарачки процес ќе има по нејзиниот крај. Но кога ќе биде тоа никој не знае. Ниту, пак, како ќе биде. Под какви услови би завршила војната. Во моментов најважно е што Украинците и во таква ситуација мислат оптимистички. Заменик премиерот задолжен за евро и евроатланстски интеграции Олга Стефанишина, вели дека  Украина, по почетокот на преговорите за членство за две години би станала дел од ЕУ. Неа воопшто не ја засегаат изјавите на некои од сојузниците на Украина, па и од луѓе од НАТО, дека војната ќе трае со години.

По одлуката од минатиот четврток може слободно да се зборува дека таа е во прв ред геостратешка. ЕУ е заинтересирана за Украина уште од 2014 година. Со текот на времето се’ што се правеше до денес, беше подготовка на терен за отворање врати на Унијата за Украина. Во прв ред поддршката на „мајдановците“ кон крајот на 2014 година, а потоа саботирањето на спроведувањето на „Минските договори“. Но руската инвазија на Украина им ги измеша картите на сојузниците на Украина. Опасноста од осакатување на земјата ги натера политичарите од ЕУ да преземат чекор, кој обично бил втор за мнозинството нови членки на Унијата. Речиси сите тие прво влегуваа во НАТО, а потоа и во Унијата. Состојбата на теренот ги забрза работите, но и состојбата во државите сојузници. Конечно не треба да се отфрли и приодот дека подобро е сега да се отворат преговори, отколку по изборите што ќе бидат идната година, кога не се знае кој ќе биде победник и како ќе изгледа составот на Европскиот парламент, но и Европската комисија и Европскиот совет. А и нема да се знае ситуацијата на фронтот. Вака ЕУ би имала поголема обврска да и помага на Украина, отколку да не е преговарач.

ВЕШТО ИСКОРИСТЕН МОМЕНТ

Некои  неодамнешни анкети, како што пренесуваат украински медиуми,  покажуваат дека граѓаните на ЕУ стануваат сè помалку приврзани на нејзиното проширување. На пример, една студија за јавното мислење во шест земји на ЕУ (Австрија, Данска, Германија, Франција, Романија, Полска) спроведена од страна на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) покажа дека, во просек, испитаниците имаат поголема веројатност да не поддржуваат ( 37%) отколку да поддржат (35%)  приклучување на новите членки кон ЕУ. За Украина, пак, ситуацијата е попозитивна отколку за другите кандидати, бидејќи 37% од испитаниците сметаат дека Украина треба да стане членка на ЕУ, додека 33% не го делат ова мислење. Значи, зеленото светло за пристапните преговори со Украина ​​докажува дека лидерите на ЕУ ги разбираат ризиците од одложување на оваа одлука и затоа вешто го искористија моментот.

Веќе се излитени искажувањата за тоа како Украина доби статус на преговарач. Попрецизно, за потсмевот на кој наиде унгарскиот претседател, Виктор Орбан. Сите велат дека го „пратиле на кафе“. Или дека излегол „на кафе“. Сигурно е едно, и Олаф Шолц и Емануел Макрон и Џорџиа Мелони се испазарија со Орбан за да не става вето на одлуката на европските лидери. Ден пред таа одлука беа деблокирани 10 милијарди евра, замрзнати поред една година, со образложение дека Унгарија ги надминала забелешките на Унијата околу владеењето на правото. Па така Орбан не отиде на кафе, туку отиде по пари. Нему му требаат уште други 20 милијарди евра , исто така замрзнати од ЕУ. Затоа тој, истиот ден, во расправа до доцните ноќни саати стави вето на создавањето на Фонд за Украина во висина од 50 милијарди евра. Ќе видиме наскоро, велат во јануари, што ќе стане и со тоа вето и со тој пазар.

Некои членки на Унијата веќе денес се против ново вето на Орбан. Против нови пазарења. Се зборува за ставање на вистинско место на унгарскиот претседател, па се до исклучување на земјата од ЕУ. Многу оптимизам има во тврдењето дека работата е завршена, со или без Унгарија, и дека Украина ќе добие пари за наредните четири години. Тие пари делумно треба да се трошат за гасење на дефицитот во буџетот, кој е речиси половина од сумата на планираните трошоци.  А Орбан? Тој тера по свое, па дури и вети дека ќе има 75 случаи кога Унгарија ќе може да го сопре процесот на приближување на Украина кон членство во Унијата. 

АГРЕСИВНА ДИПЛОМАТИЈА

Ако некој има јголем влог во одлуката на ЕУ за Украина, тогаш освен сојузничките држави, несомнено е украинската дипломатија. Таа е пример кој што треба да се следи од сите кандидати. Војната во која што е втурната Украина ги „разнежнува“ сојузниците и тие гледаат со благонаклоност кон поддршката на земјата. Но, за таа благонаклоност имаат голема заслуга дипломатите, амбасадорите на Украина, веќе споменатата Стефанишина и нејзиниот тим, но пред се’ претседателот Зеленски, кој својот актерски талент го искористи максимално во обраќањата до парламенти, разни собири, средби со негови колеги. Во воени услови тој оди или разговара секојдневно со своите колеги. Дента кога се носеше одлуката за почеток на преговори со Украина, тој беше во Норвешка, каде што дојде по разочарувачката посета на САД. Зеленски дента беше и во Германија, каде што се сретна со Олаф Шолц, а во меѓувреме разговараше со Емануел Макрон и Џорџиа Мелони. Се’ во неколку часови.

Во борбата за благонаклоност кон Украина нејзините дипломатски претставници немаа милост. Амбасадорот на Украина во Германија, а сега заменик министер за надворешни работи, Андреј Мељник, не се стеснуваше да го нарече германскиот канцелар Олаф Шолц „колбас од црн дроб“! Агресивната дипломатија, конечно, дава резултати. Секако, ако знаеш правилно да ја насочиш и да ја темпираш во време и со интензитет кој нема да ти донесе обратен резултат.

Сега во Киев сите мисли се за тоа како да се усогласи рамката за преговори. Таму очекуваат до самитот на лидерите на ЕУ, во март, рамката да биде усогласена и во април да почнат конкретните преговори. Важно е, исто така, дека Украина заедно со Европската комисија цела година спроведувала самооценување (селф-скрининг) на нејзините закони, за да може максимално да се подготви за отворање на конкретните преговори. Да не се губи време на самооценување, година-две, туку веднаш да се оди на преговори. Станува збор и за создавање механизам и кадровски резерви за преговори. Има дискусии канцеларијата на Стефанишина да прерасне во вистинско министерство. Сега кај неа во кабинетот има околу 50 луѓе, но ќе има многу работа, експертизи и друго. Некои велат дека треба да се има предвид и љубомората на Министерството за надворешни работи.

Интересно, за украинските колеги е многу битно искуството од Балканот во поглед на членството во ЕУ, поточно, патот до него. Се тврди дека треба да се води сметка за нови проблеми и посериозни од оној со Унгарија. А тоа е проблемот на земјите од Западниот Балкан, кои се’ уште се во претсобјето или на прагот на Унијата, но практично не преземаат чекори за да влезат во неа. Зборувајќи со јазикот на евробирократите: „ не демонстрираат прогрес во реализацијата на реформите  и исполнувањето на критериумите дадени од ЕУ“. Ниту една држава за 20 години не направиле прогрес кој се очекува од држава кандидат. Уште полошо, сега движењето на балканските држави кон ЕУ е сопрено. И тоа не е субјективно гледање. Тоа се факти кои ги потврдува Европската комисија, пишуваат украинските колеги. Според некои истражувања земјите од Балканот се понапред од Украина во приближувањето кон европското право. Но, оценките за брзината на реформите покажува катастрофален од на балканските држави, додека Украина силно напредува. Впечатокот што се наметнува е дека за 20 години тие земји ја изгубиле верата во тоа дека кога било ќе влезат во ЕУ. Некои, имајќи и отворен процес на преговори го сопреле прилагодувањето на своето законодавство кон европските норми. На прашањето, а што има Украина со ова? Одговорот е дека нејзиниот прогрес веќе зависи од овие земји. А со текот на времето таа тенденција само ќе расте.

ИСТОШТЕНА ДРЖАВА

Во поткрепа на ова колегите го посочуваат примерот на Австрија и други земји кои давањето зелено светло за Украина за преговори, во предвечерието на Самитот го поврзувале со земјите од Западен Балкан. Па оттука и пораката дека украинската дипломатија сега ќе треба да биде активна во Австрија, во Словенија, во Италија...Да ги убедува дека кога Украина ќе ги исполни условите таа треба да биде нов член, а не да ја врзуваат со некои балкански земји.

Набројувајќи ги партнерите кои би можеле заедно со Украина да влезат во Унијата, авторите се задржуваат и на Македонија па велат:„ Наш партнер би можела да стане Северна Македонија. За жал тоа е држава истоштена од политичките претензии од страна на Грција и Бугарија и го загуби апетитот за европски интеграции. И тоа не е изненадувачки, со оглед на она што го доживеа во односите со ЕУ во изминатите 20 години. Македонците дури и мораа да го сменат името на својата држава поради грчкиот ултиматум, а сега беа соочени со Бугарите кои го негираат постоењето на македонскиот јазик и нација. Затоа сега таму нема ни законодавен напредок“.

Геостратегијата во поглед на Македонија ја одигра улогата при приемот во НАТО. Со најава дека тоа значи и влез во Унијата по исполнувањето на одлуките. Но се замеша бугарската дипломатија и го искористи својот квалитет и капацитет и наметна правила на игра за кои нашата дипломатија не е дорасната. Не беше до колена, ниту агресивна како украинската. Не знам што работеа или што сработија. нашите амбасадори во земјите од ЕУ. Резултатот од украинските амбасадори се гледа. И сега ќе си ја сркаме чорбата што ни ја  подготвија со наша помош. Нашите дипломати треба да учат од украинските, како се бори за интересите на својата земја. Самобендисаните премиери и суетни министри години наназад да погледнеа околу себе ќе видеа дека има дипломати, политичари, ќе направеа тимови, кои можат многу да им помогнат на патот кон ЕУ и НАТО. Во Украина некои научни институти дури им нудат решенија на Европјаните, само за да може земјата побрзо да влезе  во ЕУ.

Но, кога интересите на Косово ти се поважни од интересите на Македонија, резултатот е оној што го имаме. Нашата дипломатија од незнаење и неспособност дозволи два билатералани проблеми, на почетокот, да прераснат во европски. Конечно, главниот услов сега за нас, барем според двајцата задолжени за евроинтеграцијата, е да се внесат Бугарите во уставот. Ако е така, тогаш нека се седне и нека се направи договор, како да се исполни тој услов, а да бидат заштитени некои македонските интереси, ако ги има, македонски, а не партиски и не само папагалски да се повторува – влез во Унијата, влез во Унијата...

МЕД И МЛЕКО ОД УНГАРИЈА!

Прилика и ние да започнеме преговори со ЕУ, нема да се повтори ни до март, ни до јуни. Прво, ние  ќе имаме избори. Веќе ги спомнав изборите во ЕУ. Да не очекува никој дека Унгарија, кога ќе го преземе водењето на Унијата во јуни догодина, дека ќе потече мед и млеко на патот кон неа.

А за пазарење? Ние немаме ништо за размена. Видовме деновиве како Украина ја симна од црна листа Рајфајзен банката, само за да биде одобрен 12 пакет санкции, против Русија. Или Бугарија која го укина најавениот данок на транспортот на руски гас кон Унгарија. Само да нема вето од Унгарија за влез на Бугарија во Шенген зоната.

Украина ќе има уште многу маки за да ја оствари целта. Ќе има уште многу сопки. Неа и останува упорно, како досега да ги спроведува европските барања. Прво рамката за преговори. А потоа да докаже дека и во воени услови е апсолутно подготвена за рамноправно членство. Се разбира и најмногу со внатрешно единство, кое гледаме се распукува, па може да дојде до несакани последици, кои пак можат да нарушат некои европски норми. А тоа би било најлошо за сите нејзини поддржувачи, поединци од Европската комисија и Европскиот совет, а на задоволство на противниците на нејзиниот од кон Европската Унија. Но тука се и реалностите.

Францускиот претседател Макрон, Како што пренесе „Фигаро“ изјави дека ЕУ е далеку од вистинско проширување. „Сè уште сме многу далеку од тоа да ја вклучиме Украина“, рече тој. Според него, тоа ќе бара „длабока реформа“ на правилата за работа на Унијата. „Ова ќе биде можно само со значително зголемување на финансирањето или со промена на постоечките правила и механизми“, рече тој.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.