ГЕРМАНИЈА - МАКЕДОНСКИОТ СОЈУЗНИК ЗА РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ
Објавено во: Колумни 08 Март, 2023
Германија претставува најголем сојузник и бизнис партнер за развој на македонската економија. Тука, да нема сомнежи. Имено, ако се погледнат бројките во официјалните статистики, може да се забележи, наназад во годините, еден тренд на нагорна линија со константен суфицит на македонската економија во контекст на меѓусебната трговска размена со Германија. Исто така, во последната декада, се забележува и зголемена активност и интерес за инвестирање во нашата економија, од страна на германските стопанственици. Тоа, со право, ја оправдува тезата за нашиот најголем сојузник во одржливост на економијата. Покрај другото, ефектите од ваквата нагорна динамика во економските релации со Германија, може, првенствено да имаат директно влијание врз намалувањето на стапката на невработени и подигнување на платите поради недостаток на одредени профили. За таа цел, преку трансфер на технологии и системи на работа, од страна на германските компании - инвеститори, се врши директно имплементирање на нивните практики, тука, како и стимулирање на побрзи реформи во образованието. Крајната цел на ова, ќе биде позитивен притисок за брз развој (трансформација) од општото кон стручно образование (читај: дуално). Во иднина, тоа ќе биде персонализирано кон одредени модерни занаети, како што се: електроника, програмирање, дигитални и дизајн комуникации, сметководство, банкарство, контролинг, мобилни апликации, како и занаетите од машинството и металургијата.
На средината на 2017 година, како реципроцитет на добрите односи со Германија и низа на позитивни искуства со успешни инвестициски проекти во зоните и надвор од нив, група влијателни професори и стопанственици, предводена од управата на „ФОРУМ Институтот за менаџмент“ од Хајделберг, носат одлука да се основа, првата германска образовна установа во Западен Балкан, и тоа, со седиште во Скопје. Добро се сеќавам, институцијата, препознатлива како Хајделберг Институт, беше регистрирана во октомври, 2017 година, во Скопје како научна установа во доминантна сопственост на две германски компании. Како главен „мотор“ за развој беше професорот Улрих Цајтел, поддржан, преку малцинско учество во институцијата на висок член во управата на престижната Франкфуртска школа за финансии и менаџмент (Читај: Универзитет за банкари и финансисти во Франкфурт), поточно од професорот Роналд Глеих и неколкумина влијателни стопанственици. Професорот Цајтел, како ко-основач на „ФОРУМ институтот за менаџмент“ во 1979 година во Хајделберг (Германија) важи за еден од најголемите создавачи на стручно образование (со преку100 вработени и организација на повеќе од 4.500 настани во годината) и почесен член во економскиот совет на ЦДУ, а што е најважно за нас, пријател на Фридрих Мерц (според мене и јавното мислење во Германија, идниот канцелар). Во минатото, Мерц е препознатлив како внатрепартиски критичар на екс канцеларката Меркел. Добро запомнете го ова име.
За сите нив, поврзување е сојузната покраина Баден-Виртемберг. Држава со 11 милиони жители. Имено, најкарактеристично за Баден-Виртемберг, покрај другото, е тоа што, покраината е првата во Германија, која го осмислува и имплементира дуалниот систем во високото образование во 70-тите. Со тоа, можам да кажам дека таа е првата држава во глобални рамки, од каде, таквиот модел на дуално образование се зема како пример. Но, она што е уште позначајно од ваквите фантастични образовни реформи е податокот кој се појавува во економијата. Внимавајте, БДП (номинален) на Баден-Виртемберг изнесува близу 480 милијарди евра или во споредба со македонскиот БДП, тој е 44 пати поголем, што се должи на големиот број на производствени капацитети во фармација и здравство, како и дел во автомобилската индустрија. За ова, секако дека најзаслужни се оние кои се создавачи на човечки ресурси - квалификувани работници за соодветните работни места т.е. дуалните високи образовни институции во Баден-Виртемберг. Да, токму тие се основата на развојот.
Како е поставен системот на високо образование во Баден-Виртемберг?
Најнапред, вкупниот број на студенти изнесува повеќе од 250.000 млади лица. Сите тие се распределени во следниот тип на високообразовни установи, и тоа:
· 9 се традиционални истражувачки универзитети (Universität), а во споредба, кај нас, вака се поставени околу 20-тина државни и приватни универзитети (читај: кај нас, сите, во целост високообразовни установи се од ваков тип);
· 25 универзитети за применети науки (Fachhochschule) или кај нас, ваква образовна форма не постои, а за сметка на тоа, ние имаме правна форма на високи стручни школи со додипломски стручни студии и специјализации на последипломски. Имено, за да се основа ваков тип на универзитет во Германија, со правно име - универзитет за применети науки (University of Applied Science), истиот, потребно е да поседува најмалку две единици (факултети, а еден од нив, како бренд го донесоа сега и во Скопје);
· 9 универзитети за ликовни/сценски уметности и музика (Akademie), а во споредба, кај нас, вака се поставени чинам два (еден државен и другиот е приватен);
· 6 образовни универзитети (Pädagogische Hochschule), а во споредба, кај нас, вака се поставени педагошките факултети како единици на традиционални истражувачки универзитети (од точка еден); и
· 9 кооперативни државни универзитети (Duale Hochschule) синтетизирани во една централна управа во Манхајм и Штутгарт. Ова, се дуалните државни универзитети, независни едни од други во буџетите, но со една централна филијала и годишен буџет од фантастични 600 милиони евра.
Од ова, системот на образование во С.Р. Германија би изгледал како на сликата 1, подолу (се обидов да илустрирам со позајмена слика од колегите од Хајделберг):
Системот на продолжување на високото образование, пак, во Германија е многу јасен и дециден. Нема никаква забуна во кредитите. ЕКТС си е ЕКТС. Тие, иако се од различен тип на високо образование, сепак, сите се стекнати во високообразовни установи и немаат никакви ограничувања при трансфер од едно на друго ниво. Што значи, може, во текот студиската патека, студентот, сам да си избере каде сака или на каков тип на насочено образование да продолжува, а при тоа да стигне до најгоре, до ниво 3. На пример, за студенти, истражувачи, научници (теоретичари) државата инвестира огромни средства од БДП, во таа насока. Оттука, тие, се запишуваат на еден од деветте традиционални истражувачки универзитети (Universität). Со завршување на прв циклус на студии (ниво 1), студентот се стекнува со највеќе 240 ЕКТС. Потоа, ако се одлучи дека му треба мастер – практично ориентиран, ниво 2, може да се преориентира на еден од дуалните државни универзитети. На крај, со статус на стекнати најмалку 300 ЕКТС, истиот има право да оди на трет циклус студии, докторски. Значи, сите опции се возможни во комбинација на нивоата на високо образование. Друг пример - студент може да се запише на еден од дуалните државни универзитети на додипломски студии. Со завршување на три години се стекнува со 210 ЕКТС. Потоа, може да продолжи на еден од трите типови на мастер студии, и тоа: (1) практично ориентирани (на дуалните или универзитетите за применети науки); (2) теориски ориентирани (на еден од традиционални истражувачки универзитети); и (3) извршни МБА студии. На крај, и овој студент, од ниво 2, има право да оди на трет циклус студии, докторски, ако пројавил интерес за наука, а се изморил од работната кариера. Сега, јасно може да се забележи дека во Германија, високообразовниот систем прави јасна диференцијација помеѓу научните студии, науката и истражувањето од една, со практичните студии и бизнис секторот, од друга страна.
Кај нас, ваква распределба не постои. На сликата 2, подолу, земена од колегите на државниот универзитет од Манхајм, може да се види ваквата елаборација.
P.S.
Во едно интервју, лани, ме прашаа: Мажите визави жените во банкарската дејност... Кому му давате приоритет? И зошто? Придавката „работохолични“, кому му одговара повеќе? Искуствено.
Одговорив дека поделбата по било каква основа на луѓето (расна, верска, политичка или полова) е погрешна. За мене има една и единствена поделба на луѓето: добри и лоши! Секоја друга е неважна, според мене. Оттука, во насока на прашањето, јас им давам приоритет на луѓето „работохолични“ и добри, а во банкарството ги има доста, и мажи и жени. Искуството ми вели дека сум имал низа одлични моменти со жени „работохолични“ и добри, кои преку работа успеваат, а не преку лукавост. Оттука, денес е голем ден за жената. Во насока на тоа, ја користам приликата да им го честитам 8-ми март на сите жени, со следната порака:
Почитувани жените,
Вие сте чудо од упорен карактер, дури и тогаш кога ние мажите сме се откажале од некоја цел. Тука, би додал дека сите успеси на мажите, колку ние да не го признаваме тоа, сепак, се темелат на искрената и силна поддршка од жената. Затоа, жени, инспириран од денот, јас овој дел од писаниево ви го посветувам токму ВАС - на сите жени верници во успехот на својот партнер, дури и тогаш кога тоа изгледа речиси невозможно.
проф. д-р Синиша Наумоски,
Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.