01 Декември, 2024
0.0279

Годинава решавачка за политичката иднина на Путин и Зеленски

Објавено во: Колумни 02 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

На пролет идната година ќе се определи политичката иднина на рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Владимир Зеленски. Но решавачките чекори за неа ќе треба да се направат годинава. Во 2024 година и на двајцата им истекува претседателскиот мандат. И оттука почнуваат проблемите за обајцата. Најголемиот е актуелната војна. А потоа и се’ друго што е поврзано со изборите. Поддршката од елитите., воени и политички, но и од оние кои стојат во сенка - олигарсите, кои и покрај јавната поддршка на имењаците,  кога се војува, не се знае кому ќе му „истурат“ пари за изборите.

Сега е јасно дека војната нема да заврши наскоро, а можеби ќе се продолжи и во 2024 година, ако не и подолго. Претседателот Путин во новогодишното обраќање истана дека Русија ги заштитува своите историски територии во новите субјекти на Руската федерација. За тоа се бори. Путин вели:„Западните елити со години лицемерно не уверуваа во своите мирни намери, во тие рамки и решавањето на тешкиот конфликт на Донбас...Западот лажеше за мирот, а се подготвуваше за агресија и денес тоа отворено го признава, без да се срами, а Украина и нејзиниот народ тоа цинично ги користат за ослабување и раскол на Русија. Ние никогаш, никому не сме му дозволиле, нема ни да му дозволиме  тоа да го направи“.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во едно предновогодишно интервју, зборувајќи за она што ќе го прави Русија во 2023 година рече дека Русија не се брза, дека сака што побрзо да ја заврши војната, која ја подготвувал Запад. И како резултат на тоа преку Украина ја почнал и против Русија. „За нас приоритет се животите на војниците и мирните граѓани, кои остануваат во зоните на воени дејства. Ние сме трпелив народ. Ќе ги штитиме нашите сонародници, граѓаните и териториите кои со векови биле руски..“ Лавров кога го зборува ова смета на новите територии кои сега се дел од Русија, иако не се до крај ослободени. Но секако треба да бидат ослободени и тоа во границите со кои влегоа во состав на Русија. На воен план Лавров вели дека нема сомнение дека мобилизацијата ќе даде резултати. Дека ќе се уриваат каналите по кои се испорачува западно оружје. Пруги, мостови и тунели. Се разбира и преку уништување на инфраструктурата, енергетска, која овозможува испорака на западното оружје. Тој е убеден дека има и други планови за ова.

СИТЕ ПОДДРЖУВААТ ВОЈНА

Украинскиот претседател Зеленски во новогодишното обраќање јасно ја искажа мислата дека Украина треба да ги врати сите територии освоени од непријателот, вклучувајќи го и Крим. Тој дури ја означи и картата на териториите што ќе се ослободат. А во неа влегува и Херсонската област и Запорошката, целиот Донбас и Крим. Тој потврди дека нема компромис со Русија за тие прашања. Првиот човек на украинското разузнавање, Кирил Буданов, пак, даде оценки кои се разликуваат од она што го кажа за некои западни медиуми во изминативе денови. Тој за BBC зборуваше за ќорсокак на фронтот поради руската мобилизација, недостигот на оружје...А за украинската публика тој рече дека до март годинава Русите ќе имаат критична ситуација со оружјето, дека нивната воена индустрија не може да произведува како во времето на СССР. Буданов не очекува протести во Русија, бидејќи над 70 проценти од населението ја поддржуваат војната. Според него во Русија има непрекината мобилизација, а наредниов петок руските граници ќе бидат затворени за лица до 55 години. Буданов вели дека годинава ќе и донесе на Украина радост и победа, а во Русија ќе има „трансфер на власта“. Победа за него е враќање на Украина на границите од 1991 година, но тоа нема да биде крај на сите процеси! Тие ќе продолжат.

Што очекува Западот годинава околу војната во Украина. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за BBC рече дека војната скоро нема да заврши и дека Запад треба да биде подготвен за долгорочна поддршка на Украина. „Ние треба да бидеме подготвени за долг пат, зашто Русија нема намера да се откаже од својата главна цел – воспоставување контрола врз Украина“, изјави Столтенберг. Тој го одбележа значењето на контраофанзивите на Украина, но предупреди да не се смета дека Русија е скршена од нив. „Русија спроведе мобилизација и ги пополни воените редови, многу мобилизирани сега се обучуваат. Сето тоа зборува за тоа дека руската војска се подготвува за продолжување на војната и за можна нова офанзива“, предупреди Столтенберг. Тој ја повтори тезата од Западот дека војната ќе заврши со преговори, но условите треба да ги диктира Украина, а тоа треба да се обезбеди на военото поле, за што Западот треба да даде сериозна поддршка.

За разлика од Столтенберг некои експерти за BBC имаат поразлични мислења за тоа како ќе се одвиваат работите годинава. За некои е клучна пролетната офанзива на Русите. Значи се очекува Русија овие месеци да се подготви за нов напад. Други пак велат дека до крајот на годинава Украина ќе си ги врати сите територии. Трети, сметаат дека не се гледа крајот на војната. Путин очекуваше брза победа и немешање на Западот, ама се пресмета. Што е сериозна грешка. За некои експерти нема друг излез од војната освен пораз на Русија веќе годинава. Додека други предвидуваат уште поголем конфликт. Бидејќи и двете страни сериозно се подготвуваат за тоа. Одлучувачки ќе бидат периодите на големи студови.

КРИТИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА

Од сето погоре кажано јасно е дека никој не верува во мирен договор годинава. Ниту еден политичар, ниту пак експерт не зборна за мир годинава. Тогаш како ќе излезат на избори Путин и Зеленски, ако има војна и во 2024 година? Или пак нема да дозволат да има избори, повикувајќи се на „виша сила“. Обајцата најмногу би сакале на избори да одат како победници. Но победник може да биде само еден.

Војната е тежок испит за секоја држава. Фронт, жртви, социјално-еконоомски проблеми, сето тоа може да го потресе секое општество кое е во војна. За Украина засега работите на тој план одат стабилно. Но никој не знае до кога. Во земјата имаше голема корупција, а таа не е намалена ни сега. Особено во ешалоните на власта. Западот дава пари, но и праќа ревизори за, колку, толку, да може да види, каде и како се распределуваат милијарди долари или евра дадени за социјални или други потреби. Во САД републиканците во Конгресот постојано бараат „чисти сметки“ за помошта што и се доделува на Украина.

Ако нешто може да ја наруши сегашната стабилност на режимот во Украина, тогаш тоа се ударите по критичната инфраструктура. Веројатно Русија и свесно оди кон тие удари за да се предизвика незадоволство кај луѓето од власта. Ако нема успеси на фронтот, тогаш заедно со проблемите со инфраструктурата ќе почне да се јавува хаос во општеството, бидејќи државата не ќе биде во можност да ја контролора и да ја управува ситуацијата. Успесите на фронтот би го компензирале незадоволството на граѓаните од властите. Па претседателскиот кандидат Зеленски, ако се кандидира, на секој начин ќе се труди да не се прават такви грешки. Но, според некои експерти поради сите проблеми со кои се соочува Украина, ситуацијата во земјата само ќе се влошува. Ќе настапи период на економска стагнација, ќе се засилат политичките репресии и теророт од страна на власта.

И во Русија работите на тој план не се подобри. Иако независните истражувачи потврдуваат дека 74 проценти ја поддржуваат војната во Украина. Но, исто така и дека над 50 проценти од испитаниците се за преговори. Резултатите од фронтот можат да ја поткопаат довербата кон Путин. Разидувањата меѓу реалноста и очекувањата би си го направиле своето. Путин засега успева да ја прикаже војната во Украина и како војна против Западот, што делува мотивирачки кај населението. Поради војната и санкциите изгубени се големи пазари и се влијае врз економијата. Ударите засега не се големи како што се најавуваше на почетокот на војната, благодарение на азиските пазари. Но тоа не значи дека наредниве години Русија ќе може да биде спокојна на економски план.

На воено-политички план работите во Русија не се неопасни. Рамзан Кадиров и Евгениј Пригожин со „своите“ армии работат во прилог на Путин, но како ќе биде кога ќе ја завршат работата? Или пак во случај да дојде до смена на власта во Русија. Луѓе со либерални погледи се ставаат во затвор поради искажувања за „специјалната воена операција“, како за војна. Додека на други, претежно радикални поединци и групи тоа им е дозволено без никакви санкции. Тие ја подржуваат војната, но од друга страна ги критикуваат воените раководители за нејзиниот тек. Тоа создава некакво двојствие во воената операција.  Го знае ли ова Путин? Сигурно, но можеби тој го одобрува за да се содаде во земјата уште поголем отпор кон Западот и да му се покаже, кој би можел да дојде на местото Путин. Но има и тврдења дека ова не е под контрола на Кремљ и дека е дело на луѓе од руската елита. Ова не може да се исклучи, бидејќи сигурно има луѓе кои не би сакале Путин да се кандидира на изборите во 2024 година, да победи и да остане легално на власт до 2036 година! Има гласини дека и дел од руската елита е замината во странство и таму се договара за услови под кои би се прекинала војната, а и Путин би се тргнал од власта.

Татјана Становаја од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир смета дека 2023 година може да стане преломна за Русија. Начинот на кој ќе се разрешат три главни внатрешно политички интриги може да го определи развојот на земјата во наредните десетлетија. Првата интрига е дали ќе има наследник на Путин. Оваа интрига  може да се смета и како еден од елементите за решавање на конфликтот со Украина. Втората интрига е колку ќе се продлабочи расколот внатре во руските елити, меѓу условните приврзаници на ескалацијата и прагматиците. Колку полоша ќе биде работата со војната, толку пожестока ќе биде битката меѓу прагматичарите и радикалите. И третата интрига се кадровските промени. Никој не е задоволен од никого, а Путин сака да ги конзервира работите, па ќе се стреми за урамнотежување на стабилноста и обновата.

За Становаја нема сомненија дека репресиите во Русија ќе се засилуваат. Ќе се криминализира се’ она што е „несогласно“, ќе се воведат елементи на државна идеологија и ќе има нови затворања на подолги рокови. И сето тоа ќе биде  логично продолжување на старите трендови кои, најверојатно, ќе се забрзаат. Конечно, 2023 година ќе почне да ја менува Русија однатре, пречејќи му на раководството на земјата да ја контролира ситуацијата и однапред да ги планира своите решенија.

Колку од сите работи што се споменаа, а се поврзани со новите избори на Путин и Зеленски  се реално остварливи? Речиси сите. Во своите обраќања и едниот и другиот зборуваат за единство во општеството. Што значи дека се свесни дека со одлуките да се води војна народот не е задоволен. Се ќе биде појасно по нејзиното завршување. Кога ќе се пребројат жртвите и штетите од неа. Па да се пресмета дали вредела таа цена за да се помисли за уште еден претседателски мандат. Зеленски е соживеан со улогата на претседател, обединител на украинските земји. А тоа значи дека ќе мисли дека му следува уште еден мандат за да се насладува на успехот, доколку го оствари. Путин ,пак, во 2020 година го смени Уставот кој му ги брише досегашните мандати и му овозможува ново кандидирање и при евентуален избор да ја води Русија до свои 84 години! За се’ ова ќе зборува и резултатот на бојното поле. Ако дотогаш заврши војната.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.