СЕ ПАЗАРИ КАКО ДА УТРЕ ЌЕ НЕМА: Почна хаосот во продавниците
Објавено во: Македонија 31 Декември, 2024
Вистински хаос владее во маркетите деновиве, бидејќи граѓаните ја подготвуваат новогодишната трпеза, а брзаат и да ги завршат обврските пред стартот на новата година.
Скопје веќе неколку дена е закочено и блокирано а иста слика беше и во текот на вчерашниот ден. Низ улиците, едвај можеше да се помине, а уште потешко беше да се испазари во поголемите маркети.
Полни корпи со производи и долга редица од повеќе и од десетина граѓани е сликата што може да се види и во текот на денешниот ден во маркетите.
Некои од граѓаните велат дека намерно испазариле се пред неколку дена за да го избегнат овој „апокалиптичен“ хаос.
„Некои навистина пазарат како да е последен ден пред крајот на светот. Ова е вистинска катастрофа, и бидејќи секоја година е исто, годинава си испазарив се порано, зда го избегнам овој хаос“, вели Милица Андревска.
Граѓани за Фактор велат и дека во некои од маркетите имало турканици и пцовки за тоа коој е на ред.
„Се купуваат пакети, се оставаат празни полици. Ова е навистина себично од некои луѓе. Прават залихи како да е крај на светот. Пред мои очи се испокараа за обичен ред за на каса. Ова што се случува е хаос“, вели скопјанецот Михајло.