28 Април, 2024
0.0329

Градот на светлината е мрачен град за нашата европска иднина

Објавено во: Колумни 18 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Да беше жив Алберт Ајнштајн, ќе ја  дополнеше веќе легендарната реченица „ само вселената и човечката глупост се бесконечни“ со „и лицемерието на Европската унија“. Како може да се протолкуваат  и  со кој  соодветен термин да се именуваат ,  последните случувања околу доделувањето на  Датумот за отпочнување на преговорите на ЕУ со Македонија, и после десетгодишниот застој во евроинтеграциите  да направиме сериозен исчекор, кој ќе ни донесе конечно динамизирање  на процесите во целото општество, освен бизарно лицемерие и  крајна непринципиелност од страна на европските челници, кој ни држат лекции за морал, етика и европски вредности? Дека нашите балкански  политичари се оперирани од срам, тоа ни е сосема јасно, но нели им е срам на европските ,  на  кои  од устите им излегуваат лекции за  принципи, вредности и  европско однесување, кога  не убедуваа од петни жили да го прифатиме Договорот од  Преспа ( со кој си го сменивме името и за внатрешна употреба),  велејќи  дека ќе ни се отворат европските порти, кои за нас живот значат, за да денес повторно  не држат во неизвесност  до последен момент, со голема  извесност  дека повторно портата ќе ни биде затворена пред носот.

Макрон пробај го македонското вино- може ќе се предомислиш!

Францускиот претседател  Макрон, предреферендумски дури и ни упати видео порака, со која не убедуваше  со неговиот авторитет на претседател на една од најмоќните европски земји, мотор на самата ЕУ, дека  во наша полза и за наше добро е да го прифатиме Договорот, за да во овој момент, упорно не дава „ зелено светло“, за  почеток на суштинското наше евроинтегрирање.  Се пониживме самите, дополнително не понижуваат се уште и крајот не ни се гледа.  Многу пати сум велел, не постои  пример во светот, не денеска, ами и низ историјата, каде што една земја под огромен притисок  користејќи и злоупотребувајќи ја својата позиција во меѓународниот свет, и вршела притисок на друга земја, многу пати послаба и понемоќна од  неа да си го смени сопственото име,  и пренебрегнувајќи го сето тоа , кога ги прифативме грчките ултиматуми прво решение за името, па деблокада на процесот, денеска повторно да се чувствуваме за извисени.  За жал, и изјавите на европските челници, но и на американските, дека доколку ЕУ не го заземе политички и економски просторот на Западниот Балкан, тогаш други сили ( Русија и Кина во прв ред), ќе пенетрираат и ќе остварат влијание во овој дел од Европа, го исфрла на површина  лицемерието на самата ЕУ: дека во суштина нема искрена воља и желба на европските челници  за евроинтегрирање на овие земји, и нивно полноправно членство во Унијата, туку  интересот на европските првенци се сведува само на пополнување на ваакум просторот, плашејќи се да не го стори тоа некој друг.

Дали секогаш сонцето ќе ни изгрева на Запад?!

 Веќе сме уморени, повеќе од 15 години чекаме отпочнвуање на преговорите, го направивме и невозможното со  Договорот од Преспа, а за нас „ сонцето никако да  изгрее на Запад“.  Крајно време е да покажеме карактер, доследност и  цврстина и работите да им се кажат со вистинските зборови, а не со целофански  замотани фрази со кои се внимава на дипломатската реторика. Не, време и простор за дипломатски еуфемизми веќе нема, истече , и колку повеќе им се  додворуваме и  им  се ставаме во улогата на тој кој упорно моли да го примат во „ елитниот клуб“, а од таму упорно да не одбиваат со  дипломатски  флоскули. Вистина е дека, и Македонија, а особено Албанија, не се држави кои се подготвени за полноправни  членки на ЕУ во овој момент, па прашање  е  и дали и  после една деценија би биле со ова темпо на реформи и развој,  но на сите нам ни е јасно дека процесот на преговори е суштински битен токму за тоа: трансформација на општествата, на нивните институции, судско- обвинителски систем, создавање на пазарноориентирано општеств о, слобода на медиумите и многу други аспекти од општественото живеење. На секому му е јасно, дека ниту политичките елити на земјите од Западен Балкан имаат сопствени капацитети за трансформирање на своите општества, ниту имаат пак  воља за тоа ( за крадење и корумпирање имаат само ),  но целата поента на давањето датум за преговори е токму тоа:  светлосните  рефлектори на европските авторитети да се запалат и над корупмираните и криминализираните глави на балканските босови и мафијаши преоблечени во одела на политичари и  константно да светат, за конечно овие општества преку тој процес на мониторинг колку толку да расчистат со својата ендемска мафија инсталирана во овие три децении на независнот во сите општествени пори на живеење.

Одговорност и образ!

Макрон ќе има историска одговорност доколку  и овој пат  Македонија не ги започне преговорите со ЕУ,  бидејќи и во јавноста се подигна летвичката на очекувањата околу тој фамозен датум, со негово поставување на пиедесеталот- да се биде или не. Доколку  не се додели датум, Македонија енергично ќе издише. Нема веќе да се зборува за ЕУ интеграции, или доколку се зборува , тоа ќе биде со цинизам и иронизирање и обвинување дека го променивме името (  читај:  извршивме предавство) за ништо, ќе се проблематизира политичкиот процес , и голема е веројатноста дека ќе се искреира нова политичка криза, со нови последници особено на полето на економијата.  Францускиот  прв  човек, сето  ова го знае, или пак му е многу добро објаснето кои се хипотетичките  опасности, визави неговата негативна одлука, и наскоро ќе видиме дали без никаква грижа на совест, иднината на  два милиони луѓе ( додуша толку најавуваниот попис за  април 2020 година, кој веројатно пак нема да се одржи, ќе треба да потврди дали сме два милиони) , ќе ја држи одново во неизвесност, со голема опасност истата повторно да заплови не во немирни води, ами во бура, од која излез може и ќе нема! 


Благојче Атанасовски - политиколог


Претходната колумна на Атанасовски читајте ја подолу...

„Хјустон, имаме проблем“


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД