Граѓаните се охрабрија, „паднаа“ првите пријави за лихварите
Објавено во: Македонија 18 Март, 2021
Граѓаните се охрабрија, и анонимно телефонски почнаа да ги пријавуваат лихварите.
За половина месец откако бројот е во функција, има 37 пријави. Полицијата работи на расветлување на случаите.
„Од воведувањето на телефонскиот број 0800 00 201, вкупно 37 граѓани пријавиле лихва. Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на сите пријави од граѓаните“, велат од полицијата.
Министерството за внатрешни работи неодамна почна оперативна акција која има за крајна цел сузбивање на незаконската појава на позајмување на парични средства за несразмерна имотна корист (многу висока камата), позната како лихварство. За ова кривично дело следи парична казна или затвор до три години. Ги прашавме граѓаните, дали би се осмелиле да пријават лихвари и дали веруваат дека на овој начин ќе се стави крај на оваа појава. Мислењата се различни. Некои би пријавиле, а други велат дека никогаш не би се решиле на таков чекор затоа што се плашат и немаат доверба во институциите.
„Повеќето граѓани не би пријавите затоа што се плашат дека нешто лошо ќе им се случи. Јас лично не познавам такви луѓе, и не би земала пари од лихвари. Досега во животот сум земала само кредити од банка“, вели Родна Грговска, граѓанка.
Љубиша Т. вели дека лихвари има во скоро секој град, но смета дека луѓето нема да пријавуваат затоа што се незаинтересирани.
„Јас лично не би пријавил и никогаш не би земал пари од лихвари. Во градот има лихвари, но колку се и кои се не знам. Стојам подалеку од такви работи. Не е дека граѓаните немаат доверба во институциите, туку се незаинтересирани и затоа не пријавуваат“, изјави тој.
Весна Николовска вели дека и да знае дека некој се занимава со лихварство, не би пријавила.
„Јас избегнувам и кредити од банки да земам, немам земено кредит досега, а не пак да земам пари од лихвари. Во такво нешто не би се впуштила“, вели оваа жена.
Дел од граѓаните се скептични дека оваа телефонска линија на долг рок ќе даде резултати.
„Мислам дека тоа нема да функционира. Тоа е организиран канал и луѓето се плашат. Не верувам, ретко некој ќе се осмели да пријави. Сум чула дека има лихвари, но лично не познавам некој. Инаку, јас би пријавила по цена на било какви последици затоа што е нечовечки, неетички, незаконски ако ви дадат 1.000 евра, на крај да ви земат 2.000“, рече Сузана П.
Во текот на изминативе години во полициските билтени имаше информации за поднесени пријави против лихвари од повеќе градови, Куманово, Прилеп, Битола, при што беше наведено дека некои земале месечна камата од 10 отсто, а имаше и случај во Кавадарци каде лихвар наплатувал месечна камата од 200 отсто.
Сања Атанасовскаfoto freepik
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.