26 Април, 2024
0.0279

Гранчиња за Бадник

Објавено во: Колумни 21 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Првото бадниково гранче за спонтаната средба пред пазарчето Буњаковец во 93-та, го има скинато Кире Тип. Според неговото сведоштво, тој со Фиќо, ден пред Бадник се искачил на Водно и некаде над Панорама набрал една вреќа бадникови гранчиња (колку за еден багажник) газејќи снег „до појас“. Откако тоа скромно количество се потроши првите тројца Бадникари решиле да го откупат сиот бадник што се продавал на пазарот за да го делат бесплатно на своите сограѓани (заедно со топлата ракија што како на шега ја најави Диме Циго на Третиот канал на МТВ).

Бевме свесни дека за следната средба што ја закажавме пред Соборен Храм (по сугестија на Отец Методија) ќе ни требаат многу повеќе гранчиња (а и топла ракија, разбира се). Мац и Борче добиле ветување од директорот на Македонски шуми Тофе Здравески (син на Милан од Тресонче, познат скопски келнер кој долго го печел занаетот по белградските„кафани“) дека негови вработени ќе донесат со возило гранки бадниково дрво што ние би го подготвиле натаму со ножици за кроење лозница.

Неколку дена пред 6-ти јануари 1994 година пред кафеаната на Жабарот во Парк маало со камионче беа донесени гранките, со убав и крупен лист,од Катлановско Брдо. Се собравме сите од Одборот, а тука беа и маалчани на Жабар и задолжителниот Лабуд,кој подоцна беше кооптиран во Одборот заедно со Аце (откако од нашите редови засекогаш си заминаа Жанте и Веле). Атмосферата не треба ни да ја опишувам-полетна и весела-со песна,жива музика и оро. Однекаде тука се створи и екипа на„Сител“ која тоа го овековечи. Првите година-две беше така, гранки со камион од Катланово, ние го поткаструваме бадникот и го складираме во покриениот дел на верандата на кафеаната (еднаш дури некој се дрзна да ни украде бадник). Од пред знаменитиот скопски локал заминаа на првиот разговор за „Сител“ и Дечко и Иве,а ние го гледавме во кафеаната,коментирајќи со чашка жолта и варено јајце за мезе.

Здраве ни даде дозвола сами да си береме гранчиња бадник на падините на Водно,а ние за таа активност ги одбравме јужните падини на патот за езерото Козјак, месноста локалните жители ја нарекуваат Краста и таа остана синоним за нашата важна работа околу подготовките на манифестацијата-бербата.Секоја година по договор за точно време на почнување и бројката на бадникари и симпатизери кои за неколку часа здрава работа, но и дружење и по некоја шега успеваа да наберат по 40-на бали гранчиња што со камионот на Владо- пивара ги носевме долу и ги складиравме прво кај Жабар, а подоцна благодарение на Коле, во магацинскиот дел под базенот во Карпош ( сувиот и затоплен простор убаво доаѓаше за бадниковите гранчиња-често мокри од дожд, но и од снег). Берачите добиваа четврт бурек и јогурт од „Златен Клас“,а тие си носеа од дома и по некоја чваркаи туршија за мезе со ракијата.

Добивме идеја на Крста да ги каниме скопјани секоја последна недела пред Нова Година на дружба и веселба и запознавање на Кумот и Здравичарот (главните ликови на Бадникарските свечености чија грандиозна завршница беше на платото пред Соборен во присуство на илјадници скопјани,кои од првиот момент ни покажаа дека им се допаѓа тоа што сме го замислиле и го остваруваме како трдиција што стана дел на Главниот град на Македонија.Се павташе скара,се пиеше чај,вино и пиво,а по извесно време по забелешките дека тоа е време на пост и не е ред и не доликува да се јаде кебап,почнавме да печеме риба,а  потоа купената риба ја носевме во„Тинекс“ каде што вработените бесплатно ни ја пржеа и ние ја носевме горе на Водно за да им ја поделиме на насобраните луѓе.Славе Желчето  нашиот спонзор на нафората од „Златен Клас„ донираше една векна леб од метро и тука Кумот и Здравишерот со своите тајфи дојдени на Краста ја кршеа и ја делеа за среќа.Ора и песни со жива музика се до првиот студен ветер од планините.Гостите си заминуваат,а ние остануваме за да средиме се како што најдовме и како што сме се договориле со луѓето и градоначалникот на Сопиште.

Пред некоја година на крстопатот за централата „Света Петка“ општината изгради убав сенкарник,кој ние понекогаш го користиме за дружба при летните и пролетни престои на Краста.По толку години поминати на овој локалитет во шумата од даб ние наоѓаме доволно гранчиња(не ја оштетуваме сечејќи големи гранки,напротив сметаме дека придонесуваме за густината ретчејќи го бадникот за да го има и натаму.

Бадникарски свечености ќе организираме и натаму-ние или некои други бадникари-сеедно,тоа е дел од нашиот завет- за Бадник до крај! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД