ГРЕЕЊЕТО ПОЧНА, РАДИЈАТОРИТЕ ЛАДНИ – Граѓани се жалат дека и по петтиот ден од стартот на сезоната немаат затоплување
Објавено во: Економија 20 Октомври, 2023
Иако грејната сезона почна до нашата редакција пристигнаа повеќе поплаки дека радијаторите на дел од корисниците и понатаму се ладни. Граѓаните се жалат на неажурност и потенцираат дека за реакција од надлежните биле приморни да пријавуваат неколку пати, и тоа повеќе жители од една зграда.
- Бидејќи од првиот ден кога беше најавено пуштањето на парното немавме греење, веднаш во понеделникот почнав да пријавувам. Тек после два дена, откако пријавуваа и другите соседи и компанијата за одржување на зградата пристигна екипа која утврди дека е прегорена пумпата и ни беше кажано дека ќе биде променета, но без да прецизираат кога. Следниот ден пристигна нова екипа која го санираше проблемот. Факт е дека за неколку дена се реши состојбата, но проблем е што сите мора да пријавуваме за да сфатат дека немаме парно и треба побрзо да се реагира – вели еден жител на општина Аеродром. Дополни дека секоја година греењето во нивната зграда доцни, во целиот објект, кој брои над 40 станови, и оти секоја година бараат екипа да дојде да провери каде е проблемот, па се случувало и цела недела од почетокот на грејната сезона да немаат греење.
Вообичаено е на почеток на грејната сезона да се појават проблеми кај некои корисници на парно. Сличен случај до нашата редакција пристигна од уште едни жители на Аеродром, каде се случило дел од корисниците да немаат парно, а дел да имаат.
- Иако пола зграда има греење, дел од нас немаа. Тек после третиот ден добивме парно, а проблемот го пријавуваше сопругот неколку пати во ЕСМ, но да се добие кај нив за пријавување дефект беше на моменти вистинска лотарија – вели оваа жителка на Скопје.
Од ЕСМ Снабдување со топлина за Фактор посочуваат дека почетокот на грејната сезона секогаш се карактеризира со пропратни дефекти кои се случуваат и компанијата посветува посебно внимание за решавање на истите.
- Екипите се на терен и делуваат согласно пријавувањето на граѓаните и приоритетот на проблемот. Се случуваат дефекти во три сегменти: дефекти на дистрибутивната топлификациона мрежа, дефекти во топлинските станици и дефекти на внатрешната инсталација на објектите (дефекти за чие решавање се одговорни потрошувачите согласно законот за домување). Дефектите на дистрибутивната топлификациона мрежа можат да бидат од мал и голем обем и за нивно лоцирање и санирање нашите екипи веднаш излегуваат на терен, се вклучуваат сите расположиви капацитети, работна сила и механизација со цел нивно брзо отстранување – посочуваат од ЕСМ Снабдување со топлина.
Од компанијата потенцираат дека поразличен тип на дефекти се дефектите на пумпите и опремата во топлинските станици, коишто се наоѓаат во објектите. Напоменуваат дека за отстранување на дефект во топлинските станици, особено важно е нашите екипи да имаат пристап во објектите и до топлинските станици, а пристапот е потребно да го обезбеди Управителот или Заедницата на Сопственици.
- Проблемите со дефекти во потстаниците и мрежата можат да бидат доста комплексни, и за нивно решавање е важно да се следат сите потребни процедури и стандарди за безбедност. Трет тип на дефекти се дефектите на внатрешната инсталација во објектите. Секој потрошувач може да пријави дефекти и рекламации за квалитет на греење во Центарот за грижа на потрошувачи. Приоритет на постапување имаат пријавите на истекување на вода од внатрешната грејна инсталација заради фактот што можат да предизвикуваат поголема материјална штета во домовите – појаснуваат од ЕСМ Снабдување со топлина.
Од компанијата додаваат дека останатите рекламации се спроведуваат по редослед прв јавен, прв услужен. Појаснуваат дека нивните екипи проверуваат дали станува збор за проблем во топлинската станица и соодветно интервенираат или детектираат проблем во внатрешната грејна инсталација и ги информираат потрошувачите што понатаму да преземат.
- Согласно Законот за домување одржувањето на внатрешната грејна инсталација е одговорност на потрошувачите. Потрошувачите се грижат за функционалноста и исправноста на внатрешната грејна инсталација со ангажирање на компании или стручни лица кои се занимаваат со одржување на системи за греење. Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија, а објектите ќе добиваат топлина од системот откако потрошувачите ќе го отклонат дефектот – потенцираат од компанијата.
Дополнуваат дека со цел граѓаните навреме да добијат греење во домовите се постојаните апели до Потрошувачите, Заедниците на сопственици и Управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона, односно да ги ортстранат дефектите во внатрешна инсталација, да овозможат пристап на екипите на компанијата до топлинските станици и да обезбедат електрична енергија во топлинските станици (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.