ГРУЕВСКИ НАЈАВИ НОВИ ИНВЕСТИЦИИ: А колку тие ќе ги зголемат платите?
Објавено во: Економија 20 Јуни, 2016 11:08
200 нови вработувања најави на синоќешниот роденден на матичната партија, екс премиерот Никола Груевски.
Овој пат, според зборовите на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ се работи за компанија од Северно-американскиот континент која планира да инвестира во земјава.
Со отворање на кол центар таа компанија ќе отвори најмалку 200 работни места, вели Груевски.
„Тоа ќе значи решавање на проблемот на 200 семејства кои што немаат вработување и кои што се фрустрирани, кои што се несреќни ќе добијат вработување, ќе добијат сигурни приходи, посигурна иднина, ќе добијат смирување, зошто секој од тие семејства имаат немир во душата и неизвесност за понатаму. Намалувањето, или завршувањето на оваа криза ќе значи уште подинамично носење на инвеститори, потенцира Груевски.
Но, она кое на секој му се врти во глава, е колкава плата тој инвеститор ќе им даде на оние кои ќе ги вработи?
Премиерот во најавата ова не го спомена. А многумина се прашуваат дали примањата ќе бидат слични или исти како кај досегашните инвеститори? Ќе бидат ли доволни да се прехрани семејството и да се истурка месецот, ако се знае дека просечна плата во зоните е нешто повеќе од 200 евра?
Просечна плата во зоните 260 евра
260 евра изнесуваат примањата кои вработените ги добиваат за својот труд во десетина компании ширум земјава.
Неодамнешната анализа на Советот на странските инвеститори потврди дека платите во зоните се за стотина евра пониски од просечната плата во државата. Сепак, според нив, ако се направи споредба исклучиво со секторите кои се застапени во зоните, како автомобилската и компјутерската индустрија, отстапувањето од фирмите надвор од зоните е минимално.
Просечната плата на вработените во слободните економски зони во 2014 година изнесувала 325 евра. До оваа сума се доаѓа кога вкупниот износ на нето исплатени плати што е објавен во финансиските извештаи за работењето на компаниите ќе се подели со вкупниот број на вработени.
Односно, седумте компании што работат во зоните во 2014 година исплатиле 12,4 милиони евра нето плата за 3.177 вработени.
Од Здружението на млади истражувачи (ЗМАИ) објаснуваат дека просечната месечна нето-плата на вработените во компаниите во зоните во 2014 година изнесувала 19.981 денар, наспроти 22.696 денари во 2013 година, но потенцираат дека во овие плати се вклучени и менаџерските плати.
Најниска просечна плата од 11.789 денари е регистрирана кај Џонсон Контролс, компанијата која има најголем број на вработени и единствена која го има постигнато ветениот број на вработувања.
„Бројот на вработени во 2014 година во „Џонсон Контролс“ во Штип изнесувал 1.499 лица кои имале просечна плата од 11.789 денари, додека бројот на вработени во 2013 година изнесувал 682 лица, кои оствариле просечна месечна нето плата од 13.890 денари,“ вели Славица Тодоровска од Здружението
Од Џонсон Контролс прескокнувајќи го делот за платите на вработените велат дека Македонија нуди добро квалификувани и образовани кадри и слободни индустриски зони со логистика и административна поддршка и посочуваат дека отвораат нова компанија во Струмица.
Податоците од финансиските извештаи за работењето на компаниите покажуваат дека највисоки плати има во Џонсон Мети и во Вистеон Електроникс, компанија која најави дека ќе го затвори погонот во Македонија до крајот на годинава. Просечната плата на вработените во овие две компании била нешто повеќе од 30.000 денари, но и тука се вклучени платите на менаџерите.
Од Советот на странски инвеститори посочуваат дека според нивната анализа платите на вработените во зоните се незначително пониски од платите што ги даваат домашните компании, но споредбата е направена само со истите сектори. Нето-платата на ниво на Македонија во индустриите што ги компарирале изнесувала 17.555 денари, додека во зоните е 16.143 денари. Сепак, ваквите податоци, практично ја потврдуваат тезата дека и покрај државната помош што ја добиваат странските инвеститори, платите што ги даваат се пониски од платите кај домашните компании кои не работат во зоните и не добиваат државна помош.
Во 2013 и 2014 година странските компании што работат во технолошко индустриските развојните зони оствариле вкупни приходи од 1,8 милијарди евра и добивка од 96,5 милиони евра. Анализата на Призма покажува дека најголем дел од приходите и од добивката отпаѓаат на работењето на Џонсон Мети. Оваа британска компанија во периодот од 2013 и 2014 година остварила приходи од 1,5 милијарди евра, додека приходите на сите останати компании што работат во зоните изнесувале 300 милиони евра. Во истиот период, Џонсон Мети остварила и добивка од 85,8 милиони евра, а додека сите останати, имале добивка од 10,7 милиони евра.
Колку странските инвеститори ги исполнуваат ветувањата за вработување
Само еден од странските инвеститори во зоните вработил онолку работници колку што ветил, покажа истражувањето на Призма.
Да ги отвореа сите работни места што ги ветуваа кога ги сечеа црвените ленти, во фабриките на странските инвеститори во слободните зони ќе работеа околу 4.000 луѓе. Меѓутоа, податоците од Централниот регистар покажуваат дека реалноста е поинаква. До крајот на 2014 година (до кога има податоци), во сите фабрики што имале производство во технолошко индустриските развојни зони работеле вкупно 3.187 луѓе.
Анализата на податоците покажува дека само една од странските компании го исполнила целосно ветувањето, а ниту една не отворила повеќе работни места отколку што ветила.
Во двете фабрики на Џонсон Мети во Бунарџик, заклучно со 2014 година работеле вкупно 534 луѓе, односно над сто работници помалку што е далеку од бројката од 650 најавени работни места. Сепак, тие посочуваат дека во моментов веќе е исполнета целта што ја поставиле.
Секое работно место државата ја чини по 21 000 евра
Државната помош преку директни субвенции и даночни ослободувања, кај некои од странските инвеститори достигнува и до скоро половина од висината на средствата кои се вложиле во Македонија.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за економски анализи, од каде информираат дека седум странски компании кои работат во зоните за седум години добиле вкупна државна помош во висина од 56 милиони евра.
И.С.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии






