Добивај вести на Viber
Од Владата тврдат дека Одлуката за градби од посебен интерес не значи дека е донесена одлука за реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар во Скопје, туку само дека е донесена одлука за постапка за изработка на урбанистичка документација.
Во „Одлуката за утврдување на градби од посебен интерес заради изработка на урбанистичко планска документација“, објавена во Службен весник стои дека „К
ако градби од посебен интерес се утврдуваат градбите со основна класа на намена Б2 - големи трговски единици и компатибилни класи на намени на основната класа на намена, кои е потребно да се предвидат во рамки на ГП 1.1.1, определена со Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје МАЛ РИНГ, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-9816/8 од 21.12.2012 година, преку изработка на урбанистичко планска документација за градби од посебен интерес“. Иако не е јасно прецизирано кои точно објекти ќе бидат опфатени, сепак упатените архитекти велат дека е јасно оти меѓудругите станува збор и за новата барокна фасада на ГТЦ. Одлуката е донесена на 1-ви јуни и е потпишана од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Дел од архитектите не се изненадени од ваквата одлука и велат дека ова е само продолжение на игнорантскиот однос на Владата кон укажувањата на стручните лица и спроведување на проектот „Скопје 2014“. Архитектите велат дека во овие случаи со законот не е предвидена стручна или јавна расправа, што како што велат значи неодговорно однесување кон урбаните вредности.
„ Ние, од Граѓанската инцијатива „ГО САКАМ ГТЦ“, мислевме дека со суптилна одмереност во демонстрација на потребите и волјата на граѓанинот ќе допреме до умовите, совеста, рациото на моќниците - одлучувачи. Но очигледно дека интелектуалното ниво на пораките што ги пративме е превисоко за нив. Се работи за правно утврдување на нов статус на посебен интерес на градбите ГТЦ, МОБ, Универзитетска библиотека, што значи дека за интервенциите над нив одлучува Министерството за транспорт и врски без стручна и јавна расправа. Тоа министерство заедно со Агенцијата за просторно планирање (кое ја изготвува урбанистчката документација) всушност ги спроведуваат политиките на (за жал, сеуште) актуелната власт, односно најдрско се продолжува со реализација на проектот „Скопје 2014“. Познато е и објавено дека веќе е изготвен проект за (срамната) интервенција на ГТЦ, а што и беше непосреден повод за сите добро познати активности на Граѓанската иницијатива, кои ете, со неизмерна леснотија се игнорираат. Ова е срамно и жално“, вели архитектката Даница Павловска Циги, од Граѓанската инцијатива „ГО САКАМ ГТЦ“.
Архитектите порачуваат дека нема останат неми набљудувачи на уништувањето на овој култен објект. Следен чекор на Граѓанската инцијатива „ГО САКАМ ГТЦ“, се очекува да биде оспорување на одлуката објавена во Службен весник на Уставен суд.
Од Асоцијацијата на архитектти велат дека со оваа одлуката Владата уште еднаш покажа дека нема слух за почитување на архитектонските вредности и ќе се борат со сите расположливи средства за да го спасат ГТЦ од барокизацијата.
„Не сме изненадени. Многу пати до сега покажале дека немаат слух, не почитуваат стручност. Дека во оваа деликатна состојба во државата кога треба да се понесе одговорност за стореното, во оваа ситуација упорно да се продолжува со сквернавењето е апсолутна негрижа и неодговорност. Сите реакции очигледно се без ефект“, вели Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, претседател на Асоцијацијата на архитекти.
Референдум, гушкање, протести -ништо не ја промени одлуката на Владата
Граѓаните и архитектите изминативе години неколку пати протестираа против одлуката за барокизација на ГТЦ. Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” организираа низа настани за спас на ГТЦ од трендот на барокизација. Два пати се организираше симболично гушкање на трговскиот центар, се собираа потписи за спас на ГТЦ. Се спроведе и кампања со различни настани, видео спотови, кои имаа за цел да покажат зошто ГТЦ не треба да има барокна фасада.Од ААМ и од и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” неколку пати бараа средби со надлежните но безуспешно. Во целиот период додека преку најразлични кампањи архитектите се обидуваа да ја докажат вредноста на делата на познати архитекти како што е ГТЦ и зошто е важно да го задржи автентичниот изглед на овој архитектонски белег на Скопје, властите остнаа глуви и продолжија да ја тукраат постапката за изведбениот проект. Кон средината на ланската година општината Центар распиша референдум за ГТЦ, но тој заврши неуспешно. Компанијата „Грант Торнтон Консалтинг“, е задолжена за изработка на физибилити студијата за која што од буџетот се одвоија над 95.000 евра.Наскоро треба да биде избрана фирма која ќе го реновира објектот, но засега нема информација колку ќе чини реконструкцијата. Од ГТЦ кога почна постапката за изработка на основен и изведбен проект, посочија дека во опција се неколку начини како да се обезбедат пари, односно преку финансиска помош од Владата или преку јавно-приватно партнерство. Физибилити-студија за економска исплатливост за јавно-приватно партнерство за изградба, реконструкција и управување, е изработена.
Инаку идејното решение за новата фасада е на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Основниот проект го изработи архитектонското биро “Архитектоника“. Според решението фасадата која гледа кон Собранието ќе биде во неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури и куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја.Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат.
Сегашниот објект на ГТЦ е изграден според идејното решение на професорот Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1971 година, од средствата за солидарност по земјотресот на Скопје. Токму затоа екпсертите укажуваат дека објектот треба да биде заштитен како културно наследство од особено значење.
Т.С