ХЕЦ „Шпилје“ произведe 228 милиони киловат часови електрична енергија
Објавено во: Економија 11 Јуни, 2013
Благодарение на исклучително поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое го сочинуваат реките Радика и Црн Дрим, и максималната подготвеност на електромашинската опрема, ХЕЦ „Шпилје“ е пред реализација на годишниот производен план, велат надлежните.
- Во изминатиот период од годинава се произведени 228 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува остварување за над 90 отсто на годишниот план кој изнесува 252 милиони киловат часови. Моментно, дотекот на вода е околу 140 метри кубни во секунда. Во акумулацијата која е преполна, но е под максималната кота од 580 метри, има резерва на вода за производство на 35 милиони киловат часови струја, посочуваат надлежните.
Поради дотекот и солидната резерва Шпилје продолжува со максимално дневно производство од два милиони киловат часови електрична енергија.
По цели четири месеци, деновиве прекина прелевањето вода преку шахтата на акумулацијата Дебарско Езеро, што беше условено од големиот дотек на вода од Радика и од Црн Дрим.
Продолжуваат и активнстите за ревитализација на 103 метри високата брана на на ХЕЦ „Шпилје“, што е во рамките на втората фаза од ревитализацијата на хидроцентралите Вруток, Равен, Врбен, Шпилје, Глобочица и Тиквеш.