23 Мај, 2019
0.0734

Хотел „Карпош“

Објавено во: Колумни 27 Април, 2019

Ако дрвениот хотел „Македонија“ беше своевиден римејк на некогашното здание на плоштадот што се урна во земјотресот,тогаш хотелот „Карпош“ што никна годиниве е римејк на дрвениот провизориум напревен на Партизанска набргу по стихијата од 1963 година.И двете дрвени посестрими беа значајни места на поземјотресните случувања во Скопје,за кое често велиме дека само за миг престана да постои,за да се издигне од пепелта со сета виталност што ја има докажано со стотици години наназад.Тешко се навикнуваме на модерниот изглед на убаво скоцканиот хотел што никна место монтажниот, длабоко прираснат во срцата на луѓето од овој дел на градот.

Хотелот „Карпош“,чинам, беше замислен како објект што требаше да им се најде при рака на гостите и намерниците што доаѓаа од западниот дел на Републиката,но и од северната покраина, со која граничеше СРМ во поранешната држава омеѓена со гранични линии исцртани при крајот на  последната војна во историското Јајце.Тој таа функција си ја презеде уште од првиот ден.Но,доби и безброј други што му ги сосздадоа и одгледуваа неговите секојдневни гости и посетители.


Со години неговата бавча со поглед на булеварот што никогаш не стана трансверзала меѓу автопатот Братство-единство и Јадранската магистрала и застаклената сала, во која дуваше отсекаде,мирисаше на прегорениот зејтин од фритезата во која се пржеа компирите за помфрит и се слушаа југо-хитови од издрданиот џубокс, беа задолжителен тренд во дневно-ноќната агенда на младите и помалку младите.

Студентите од блиските факултети-правниот,економскиот, електро машинскиот  и технолошкиот,но и  ВПШ и  ФДУ,тука најдоа секојдневно врталиште од бруцошките па се до апсолвентските денови.Постојано беше полно и бучно.Тука продолжуваа пробите на актерите,но и се средуваа впечатоците по претставите на Драмски,првиот сосед на хотелот, што од Младинско-детскиот  кај кино „Младина“овде ја раскажува до ден денешен својата успешна приказна.Имавме постојано можност,не баре сме на Беверли Хилс,одблизу да ги гледаме и слушаме ѕвездите на глумиштето,кои неретко беа и во опуштени мигови(со песна и пијачка).На јадење и пиење(на писмо,се разбира,доаѓаа и тогашните директори на многу фирми,во придружба на непознати убави жени,но и на маалските убавици што се врткаа наоколу,жедни за провод и слава).

Конгломератот од ликови се надополнуваше со маалските фаци,кои овде царуваа и успеваа да го живеат кафенскиот живот со малку пари или без динар во џебот(„викни ми една пијачка,што ме гледаш така,не сум еклер“).Во спротивно, се знае, мала или голема тепачка најчесто само со голи раце и без употреба на никакви „помошни средства“!

Продефилираа безброј конобари,но во сеќавање останаа Генадие и Тофе,белградски „предратни“ манги кои служеле и занаетот го учеле во Балкан и Москва,но и на Скадарлија и во подавалските биртии.Тие ги чувствуваа гостите,со еден збор како да имаа рентген во дебелите паричници(„шлајпаци“)во кои никогаш немаше ситно за кусур.Во саботите и неделите се знае(не работиме поради свадба,со музика,неретко Белич и Смолски ја ссоздаваа и одржуваа атмосферата на скромната свеченост).

Цело лето поминувам крај новиов„ Карпош“-на терасата двајца-тројца,модерни чадори ги штитат од сонцето,а внатре којзнае,можеби е возбудливо и пријатно.

Се уште не се осмелувам да проверам-да не  ја расипам петката од порано!!!!   


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Јагоди и локум

Јагоди и локум

Ќе биде ли „надигран“ Путин од Трамп и по третпат?

Ќе биде ли „надигран“ Путин од Трамп и по третпат?

Јуни во Скопје

Јуни во Скопје