26 Април, 2024
0.0422

И децата ги трујат со политика, зарем не?

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Актуелни настани и моменти во декември-последниот месец од годината има во изобилие. Секој ден имаме низа новости, случувања кои го окупираат вниманието на секој добронамерник, дејанија кои многумина не ги оставаат рамнодушни.   Месец декември  изобилува со слави, религиски чествувања, празници кои се од посебно значење за луѓето и кои ја имаат нишката на сплотување, интеграција, продолжување на традицијата и ширење на радост и убост меѓу членовите на семејството и секој кој ги чествува и празнува си дава оддишка на душата и за миг заборава на грижите и маките кои се дел од човековото секојдневие. Во месец декември се случуваат и низа настани кои се директно или индиректно врзани и за напредокот и просперитетот на нашата ни мила држава, настани кои по дифолт ја брануваат јавноста, и експертска и научна и политичка. И токму кога размислував на што да посветам внимание во мојава колумна, бидејќи е тешко од мноштвото да го изделите приоритетното, случајно се изнедри еден настан, кој на почетокот не ми го примами во голема мера моето внимание, но кога подоцна потемелно го разгледав и детално го проучив сфатив дека и те како е суштински и вреден за посебно внимание и писание.

Образовните институции имаат за цел да му помогнат на детето да се изгради како здрава личност

Образованието е столб на секое општество и какво образование ќе изградиме, поаѓајќи од  образовните политики, образовните курикулуми и севкупната образовно-воспитна компонента, во голема мера од него ќе ни зависи и какви личности ќе создадеме за живот и нивно место во општеството во кое битисуваат. Секој добронамерник и дел од научната елита кој се занимава со прашања и проблеми врзани за образованието не е размодушен за образовните програми и севкупниот образовно-воспитен процес, бидејќи директно или индиректно и самиот ќе сноси дел од одговорноста или дел од ловориките за квалитетот или пропустите во образовниот сегмент. Образовните институции, почнувајќи од предшколските установи, потоа преку примарното образование, па се до високото, имаат за цел да го научат детето, подоцна младинецот и да му помогнат да се изгради како здрава личност. Тие треба да му ги пренесат основните сознанија и новитети од соодветните предметни програми, да ги прилагодат на нивната возраст, да дадат еден реален приказ на настаните, природните и општествените феномени кои се изучуваат и да му го збогатат сознајниот капацитет кој секако ќе се надградува со текот на годините. Образованието ја има и улогата на воспитувач, морален едукатор и вредносен надградител. Имено, она што е осознаено во семејството и почетните вредносни и морални ориентации треба да се надградат, но и она што е пропуштено да се надополни. Самите едукатори, наставници и стручни соработници, ја имаат таа благородна и исконска мисија да образуваат и воспитуваат и да придонесуваат вистински и правилно во градењето на здрава младина која е иднина на секое општество.

Не можев да се изначудам за потребата од индоктринација на чистите детски души со проекти кои се дел од јавната дебата на политичката

Но што реално ни се случува во сферата на образованието и воспитанието и дали оние кои се задолжени за едукација, но и оние кои се на некој начин супервизори на самиот образовен процес се свесни за севкупната содржина која им се пласира на нашите деца и младинци. Деновиве посетувајќи ги моите миленичиња Андреј и Матеј кои често ми го разубавуваат денот и кои се дечиња на моја другарка, при мојата посета веднаш ми се пофалија со новиот број на Смешко-списание за деца во градинка и почнаа да ми ги рецитираат новите песнички кои тие ги научиле. Јас секако на почетокот бев радосна и ги наградив со аплауз но вниманието ми го привлече стихот на една песна која покасно детално ја разгледав и едноставно занемев за миг од стиховите.

Секако не во позитивна смисла, напротив не можев да се изначудам за потребата од индоктринација на чистите детски души со проекти кои се дел од јавната дебата на политичката, научна и интелектуална елита и кои се однесуваат на проектот Скопје 2014.  Стиховите се следни: „Скопје слави“ На два плоштада Скопје лежи, снегот ситен ситно снежи, Филип со рака поздрав праќа, Александар поздрав гордо му враќа. Мостот меѓу нив неуморно блеска, сите ги фаќа новогодишна треска. Пајтонот украсен сред плоштад чека, народ се собрал како река. Огномет ги осветли новите фасади, ѕвездите поминаа во сребрени паради, Нова година градот прославува, на секаде песна, радост царува. Вчудоневиденоста моја беше бескрајна, неколку пати ја прочитав и се уште не можам да ја сфатам потребата од инфилтрирање на моменти од културната сфера-која патем е коментирана, оспорувана и се уште подложна на дебати. Дали ние сме навистина свесни што се им сервираме на нашите деца и дали е морално и вредносно правилна политичка имплементација во образовниот систем?

На децата треба да им се прикажуваат позитивни модели на идентификација и имитација

Дефинитивно не, и секој добронамерник, доброчинител, научник и интелектуалец ќе се согласи дека детската душа е чиста, дестката свест и совест е чиста неиспишана табла и што од најрана возраст ќе напишеш тоа длабоко ќе се всади и ќе вирее во детските главчиња. Ревизија неопходна е на се она што може да индоктринира, да го помати правилниот и посакуван детски развој, да влијае кон можност за двосмисленост и нејаснотија во перцепирањето на одредени општествени феномени. Децата треба да се учат првенствено да бидат добри, да им се пренесуваат вредности и морални норми кои од нив ќе направат позитивен пример за развој, да се изградуваат како личности кои во секое дело и секоја активност ќе бидат водени од позитивните принципи и правилно ќе судат, расудуваат и заклучуваат. Децата треба примарно да се осознаваат, да им се прикажуваат позитивни модели на идентификација и имитација, да се воспитуваат во духот на правилните и посакувани вредности кои ќе бидат нивни животни водилки. Децата треба да се опсипуваат со разбирање и љубов и секако и да се учат на алтруизам, космополитизам, патриотизам, но сето тоа да се чини на начин кој е посакуван, правилен и ослободен од инкриминирачкиот дискурс на политичката сфера. Само на тој начин ќе изградиме здрава, образувана и воспитана младина, која ќе биде носител на сите прогресивни идеи и предвесник на прогресот во нашата ни мила држава.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД