19 Декември, 2025
0.0428

И ОВАA СЕЗОНА ИМА КРИТИКИ ЗА ЦЕНИТЕ ВО ОХРИД: Дали за охриѓани е скапо кафето покрај езеро?

Објавено во: Економија 02 Јули, 2025 07:37

Добивај вести на Viber

По критиките во медиумите дека цените во Охрид се високи, охриѓани велат дека веќе се навикнати и самите одбираат каде ќе пијат кафе или каде ќе одат на ручек и колку често. Објаснуваат дека на периферија има угостителски објекти со попристапни цени. Се согласуваат дека 180 или 200 денари за кафе е многу, но од друга страна нагласуваат дека сепак се работи за туристичко место, каде има прилив на странци и затоа цените се повисоки.

„Секаде е скапо, да зборуваме реално и во Скопје не е евтино. Ако зборуваме за Истокот, таму е поевтино. Во рестораните некој нѐ служи и тој човек треба да земе плата. Како сакаме да е евтино? Порано кој одеше на одмор? Сега сите сакаат да одат на одмор. Ние во Охрид сме навикнати на цените. Не може секој ден да одиме на кафе. Келнерите бараат повисоки плати, тој што издава локал, бара пари за кирија и нормално дека ќе биде скапо. Како за туристичко место, какви да бидат цените? Јас кога пијам кафе покрај езеро, не ме интересира цената. Јас немам време поради обврски, може да одам 2-3 пати месечно на кафе, а некогаш може ниту еднаш да не седнам на кафе во месецот, зависи. Младите се жалат, сакаат луксуз, но секој луксуз се наплаќа. Ние само гледаме да напаѓаме, да критикуваме, наместо да го воскреснеме Охрид и да одиме напред. Најлесно е да критикуваме. Во Охрид сите се жалат за цените за сместување, а станови и апартмани издаваат и луѓе од други градови“, вели охриѓанка.

Охриѓани додаваат дека за посиромашните жители, многу работи во Охрид се луксуз.

„Реално цените се високи. Ние тоа 12 месеци го плаќаме, не само во сезона. Мене лично не ми е скапо, но има луѓе на кои им е скапо. Но, сепак има и скапи и поевтини места, за сечиј буџет“, рече Христина од Охрид.

Друг охриѓанец ни објаснува дека има картички за лојалност и така добива попуст во дел од локалите.

„Искрено високи се цените. Имаме и картички за лојалност, со кои добиваме попуст. Има кафиња и по 80 денари, ама подалеку од езерото. Нормално дека покрај езеро се повисоки цените. Ние ги знаеме местата, се ориентираме по цените каде ни е прифатливо. За туристите 180 денари за кафе е премногу. До 11, 12 часот, односно до пладне на некои места има пониски цени за кафе и други пијалоци. Рибата е скапа во Охрид. Цените се изгор.  До 900 денари беше исплатливо за риба, ама тоа беше претходно, а сега цените се движат од 1.800 до 2.000 денари. Тоа е веќе луксуз. Нормално дека мораме да се прилагодиме. Јас сум средна класа, за мене 180 денари за кафе е скапо, за некој можеби не е“, вели охриѓанец.

Друга млада девојка од Охрид вели дека цените се такви какви што се, а на граѓаните останува да си го менаџираат домашниот буџет и да одредат колку можат да потрошат за посета на угостителски објекти.

„Ние сме навикнати веќе, и преку година е доста скапо, не е ништо ново за нас. Може да се каже дека кафе од 3 евра е скапо, но ќе си одлучиш колку често ќе одиш во кафулиња“, додава Анастасија од Охрид.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, апелираше неодамна до угостителите да се вразумат додека сме на почетокот од летото. Рече дека 3 евра е висока цена за кафе. Додаде дека високите цени ги одвраќаат туристите и порача дека со пониски цени, ќе имаме и поуспешна сезона. Ристески рече дека онаму каде нема пазарна логика, ќе реагираат.

Сања Атанасовска

foto Wikipedia/ kallerna

Можеби ќе ве интересира

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии