„И ПОКРАЈ ОГРОМНИОТ ПРИТИСОК“ Сијарто: Словачка ја поддржа мировната иницијатива на Унгарија и го налути Борел
Објавено во: Свет 23 Јули, 2024
Словачка и покрај огромниот притисок, ја поддржа мировната иницијатива на Унгарија за Украина, што предизвика незадоволство кај високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
За ова прашање се разговараше на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, каде Словачка ја претставуваше државниот секретар на МНР Марик Ешток.
- Словачка, словачката Влада на денешната средба недвосмислено ја поддржа мировната мисија на Унгарија, унгарската Влада и унгарскиот премиер и покрај огромниот притисок - изјави Сијарто за телевизијата М1.
Како што додаде, претставникот на Словачка јасно и гласно кажал дека немаат причина да ја критикуваат мировната мисија на унгарскиот премиер. И покрај тоа, Борел изјави дека „освен Унгарија, сите 26 земји-членки ја критикуваат“ мировната иницијатива на Будимпешта.
- После тоа словачкиот колега рече дека не е така, дека јасно го кажал токму тоа - дека немаат проблем со тоа. Тогаш високиот претставник на ЕУ се навреди и рече „добро, добро, со исклучок на Словачка“ - додаде Сијарто.
Подоцна, Министерството за надворешни работи на Словачка објави дека земјата не ги поддржува критиките кон Унгарија поради нејзините мировни иницијативи и „отфрла какви било идеи за бојкот на унгарското претседателство со Советот на ЕУ“.
Претходно, членовите на Европскиот парламент побараа да и се одземе правото на глас на Унгарија во Европската унија поради патувањето на премиерот на земјата Виктор Орбан во Русија и Кина, објави весникот „Политико“, повикувајќи се на писмо од 63 членови на Европската комисија упатено до шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Европскиот совет до Шарл Мишел и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецоли.
Орбан претходно ги посети Украина, Русија и Кина. Посетата на Москва и средбата со рускиот претседател Владимир Путин предизвикаа остри критики на Западот, пренесува „Новости.рс“.