16 Јули, 2019
0.0868

И Русија го „затвора“ интернетот

Објавено во: Колумни 04 Мај, 2019

Претседателот на Русија Владимир Путин во средата го потпиша Законот за измени во Законот за врски и Законот за информации, информациски технологии и за заштита на информациите, кој јавноста го нарекува најразлично. Тие ќе стапат во сила на 1 ноември. Оние што ги критикуваат измените законот го нарекуваат Закон за изолација на рускиот интернет(Рунет), приврзаниците на законот го нарекуваат Закон за стабилен интернет, додека оние кои што се меѓу овие две групи зборуваат за Закон за „суверен интернет“. Како и да е, која и да е точната дефиниција на законот дадена од јавноста, факт е дека Русија се приклучува кон некои држави, Кина и Иран на пример, кои веќе со години имаат суверен интернет.

Законот во април беше одобрен од Државната дума, а потоа поддржан и од Советот на федерацијата. Официјално негова цел е да се обезбеди работа на рускиот интернет дури и во случај тој да биде исклучен од светската интернет мрежа. Впрочем, според еден од предлагачите на законот во Русија веќе имало случај кога една институција била исклучена од светската интернет мрежа, на американско барање, со образложение дека таа била поврзана со Доњецката народна република. Област во Украина под контрола на проруски сили.

Суверенизацијата на интернетот не е руско откритие. Во многу држави постојат механизми кои ја контролираат содржината, на светската интернет мрежа, која проникнува низ граница. Ова денес се прави и јавно и тајно. Контролата некои ја признаваат, а некои не. Но дека е тренд и дека тој ќе продолжи не може да се порекне. Вчера агенциите пренесоа дека дури и Хилари Клинтон, кандидатката за претседател на САД во 2016 година, предложила да се спречи руското влијание врз изборите во САД на тој начин што ќе се воведе „кибер-цар“. Ништо ново, Иранците веќе имаат „Кибер армија“  поврзана со Корпусот на стражите на исламската револуција.
Во Иран на влезот во државата се филтрира содржината на забранети сајтови и сервиси., како што се „Јутјуб“, Фејсбук“ и „Гугл“, Инстаграм не е забранет, но на него не можат да се видат, на пример, жени непокриени со марами. Официјално забранети се „Телеграм“ и „Твитер“, но нив ги користат многу луѓе, особено од чиновништвото. Па така некои тврдат дека соработниците на иранското министерство за надворешни работи имаат свои„Твитер“  акаунти  и ги користат нив за допишување со Доналд Трамп. 

Во Иран имало обид да се направат свои интернет сервиси, за да ги заменат забранетите, но не успеале. Заменет е само „Јутјуб“. Содржната за таа замена се произведува, меѓу другото и од споменатата „Кибер армија“. Надзор на интернетот врши и „киберполиција“, државна структура во рамките на министерството за правда.Но и покрај се’ во Иран многумина ги заобиколуваат ограничувањата, особено младите користејќи разни можности кои ги даваат новите технологии.

Најдалеку во суверенизацијата на интернетот е отидена Кина.  Се е почнато во деведесеттите години, за по четврт век да се созададе моќна паралелна интернет структура, која директно или преку одделни крупни компании- монополисти е контролирана од државата. Познат е „големиот кинески фајервол“, кој врши контрола на три нивоа. Првото е физичка контрола на интернет сообраќајот на влезот во земјата, кога тој се забавува, се прегледува и несаканиот дел од него се отстранува. Второто ниво е со апарати и софтвер на ниво на DNS-адреси  под раководство на Националното биро за интернет и комуникации. На ова ниво се контролира достапот до одредени сајтови. И третото ниво е „рачна контрола“. Низ цела Кина има милиони „инспектори за хармонизација на интернетот“. Тие се задолжени за улици во градовите, за села и сл. За разлика од Иран во Кина има алтернативи за  „Фејсбук“, Гугл“ Јутјуб“, „Амазон“ и други големи интернет сервиси. Овој пазар е толку заситен од големи  домашни сервиси што странците тешко успеваат на него.  Во Кина исто така наголемо се мониторираат сопствените граѓани.

На Русите не им текна суверенизацијата на интернетот да ја прават туку така. Во основата лежи стравот од Западот. Посебно од САД. По 2014 година кон Русија се воведоа мноштво санкции кои удрија врз економскиот живот на земјата. Често пати во државата се дискутира на темата – интернет. На можноста еден ден во напливот на санкции да се најде и исклучувањето на Русија од глобалната мрежа. Исто така Русите сакаат да надгледуваат и да контролираат што се’ влегува и што се излегува од земјата низ интернет сообраќајот.

Сега со измените во законите ќе се намали обемот на податоците што одат надвор од Русија. Се очекува во случај на исклучување на Русија од светската интернет мрежа државните сајтови и сајтовите на државните компании да продолжат да работат без пречки. Ќе има регистри на забранети сајтови и на организатори на распространувачи на информации, но и регистар на точки на размена на сообраќај меѓу руските и глобалните мрежи. Не ќе може секој да влезе во овие регистри. Тука ќе се замеша Федералната служба за безбедност која ќе треба да подготви критериуми за тоа. Големите провајдери кои имаат трансгранични канали на врски ќе треба да учествуваат во вежби за тоа како да се однесуваат во случај на исклучување на Русија од глобалната мрежа. Ќе има блокирање на интернет ресурси. А за тоа провајдерите ќе мора да инсталираат соодветна опрема за блокирање преку следење на интернет сообраќајот. Ќе има и задолжителна примена на шифрирање на податоците од државните информативни системи.

Критичарите сметаат дека Русија со ова ќе стави раце врз интернетот и ќе ја намали неговата слобода. Исто така дека ќе дојде до намалување на брзината на интернетот кај крајните корисници. Иако при подготовките на овој закон се тврдело дека тој нема да носи финансиски импликации, некои експерти сметаат дека неговото спроведување ќе чини околу 30 милијарди рубљи. Околу 400 милиони долари..
„Затворањето“ на интернетот е сигурна мерка и од кибер војните кои сега се водат тајно. 

Не случајно деновиве Мајк Помпео, американскиот државен секретар рече дека Русија ќе се меша во изборите во САД до 2050 година. Американците имаат докази за мешање, но не сакаат да ги обнародат од безбедносни причини. Исто како што Русите тврдат дека не се мешаат во американските избори, па бараат докази од Американците доколку постои такво нешто. Пред некој месец Владимир Путин не случајно ги предупреди чиновниците во Кремљ и во другите државни органи, парафразирам,: „додека ние седиме и зборуваме овде Американците се’  слушаат“. Сите знаат едни за други се’ и сешто, ама се прават удрени. И не само Американците и Русите. Прашање е само до кога ќе биде така? Веројатно до постигнувањето на некаков договор за кибер криминал и слично. Русите подолго време бараат од САД да седнат да разговараат за оваа тема, ама Американците засега ја избегнуваат неа. Веројатно се’ уште се во предност на тој план.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Бугарски турист

Бугарски турист

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Зошто го сакам Скопје?

Зошто го сакам Скопје?