26 Април, 2024
0.0341

Идилично патување на исток…

Објавено во: Колумни 16 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Празниците се убава работа. Имаме можност да уживаме во неработните денови, да се одмориме, да се свртиме кон себеси и своите пријатели. Во крајна инстанца, празниците претставуваат одлична можност да избегаме од секојдневните грижи и проблеми и да се препуштиме на малите работи кои го прават среќен нашиот живот.

Луѓето многу често патуваат за време на празници. Некои ги преферираат светските метрополи како Рим и Париз, за други Охрид е задолжителен правец во вакви прилики, трети обожаваат да одат во природа и да ја избегнат градската врева. Сосема е сеедно во кој правец ќе заминете, доволно е тоа што трката со времето, парите и проблемите ја оставате зад себе.

Празникот што го оставивме зад нас го искористив за да се упатам на истокот на нашата земја. Со моите пријатели речиси пред месец дена испланиравме дека за 11-ти октомври вреди да се оди во Штип поради Пастрмајлијадата и поради Макфест. За да ни биде доживувањето комплетно, како дестинација која треба да се посети ја додадовме и Кочани. Има и таму што да се види...

Речено – сторено. Во петокот околу пладне се упативме кон нашата цел. По автопатот немаше многу автомобили, веројатно повеќето наши граѓани уште во четвртокот заминале на саканата дестинација. Кога го напуштивме автопатот и од Велес тргнавме кон Штип, уживавме во глетката што од двете страни на патот ја нудеше Овче Поле. Единствено ни беше жал што некогашниот извор на храна за целата наша земја сега е опустошен. Да се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња за овој крај и дека наскоро по нивите и полињата ќе видиме земјоделска механизација и насмеани лица на селаните кои ја обработуваат плодната почва. Природата била дарежлива кон нас, треба и ние да и се оддолжиме.

Овчеполието го оставивме зад нас и продолживме во правец на Кочани. Иако се сметаме за „градски деца“, успеавме да ги препознаеме непрегледните оризови полиња. Многумина од нас уживаат во кочанскиот ориз само кога ќе се најде во нашата чинија. За да се случи тоа, има едни вредни луѓе и едни вредни раце од Кочани и неговата околина кои ни овозможуваат нашите гурмански квалитети да дојдат до полн израз.

Во раните попладневни часови влеговме во Кочани. Градот се капеше во сонце. Поминавме покрај хотелот Национал, базенот (некој во автомобилот се пошегува дека тука може и ватерполото како спорт да се развива) и стадионот, па се упативме кон центарот на градот. Ја најдовме Кочанска река и ни беше лесно да се ориентираме. Се паркиравме пред трговскиот центар и таму се сретнавме со нашите домаќини.

Седнавме во кафулето Пикадили. Месното население уживаше во убавото октомвриското време. На нивните лица можеше да се забележи опуштеност, смиреност, расположение. Не дека луѓето во овој град немаат проблеми. И нив ги мачи невработеноста, нискиот стандард, перспективата која во моментов воопшто не е розова. Па сепак, смиреното темпо на живот и фактот што најголемиот дел од луѓето се познаваат помеѓу себе веројатно си го направиле своето. Нивната опуштеност како да беше заразна, веднаш заборавивме на Скопје и на сите обврски и проблеми што ги оставивме зад нас. Дури и сметката за испиеното кафе беше многу прифатлива, барем за нашите банкарски џебови.

Иако не планиравме да останеме подолго во Кочани, толку ни беше пријатно што не сакавме веднаш да се упатиме кон Штип. Одлучивме да одиме на ручек на браната Градче. Патот до браната претставуваше вистински рај за очи и душа. Недопрена природа, живи бои на есента, излетници кои уживаат во секој момент од своето слободно време. Прво се искачивме до хотелот Градче и немо уживавме во глетката. До водопадот не отидовме, иако се наоѓа само на еден километар над хотелот. Наместо тоа се спуштивме до браната и ресторанот Стар Мотел. Водата во браната буквално претставуваше огледало на дрвјата од блиската шумичка кои се капеа во сите бои што може да ги понуди ова годишно време. Секој изговорен збор на тоа место беше излишен, едноставно ќе го расипеше впечатокот... Подоцна, кога седнавме во ресторанот, домаќините ни објаснија дека тука постојано доаѓаат странци, а и дел од македонците што сакаат и знаат вистински да уживаат. Колку ли бедно изгледаа „селата“ кај нашиот јужен сосед во споредба со она што се простираше пред нашите очи. Ние навистина не знаеме што имаме и не знаеме доволно да уживаме во тоа што го имаме...

Во вечерните часови со тешка мака се одвоивме од идилата што не опкружуваше и се упативме во правец на Штип. Кочанска река беше заменета со река од автомобили што се движеа кон градот на Макфест и вкусната пастрмајлија. Се паркиравме пред хотел Оаза, зашто на локацијата каде што се одржуваше Пастрмајлијадата едноставно не можеше игла да се фрли, а не да се најде место за паркинг. Од хотелот Оаза се упативме пешки кон Ејнџелс кафе и штандовите на Пастрмајлијадата. Попатно можеа да се забележат автомобили со регистарски таблички од целата наша земја. Таа вечер Штип беше Македонија во мало. Двата фестивали доведоа патници намерници кои сакаа да уживаат во убавата музика, вкусната храна и одличната забава.

И Макфест и Пастрмајлијадата претставуваа одлична можност за Штип и штипјани да го пополнат својот буџет. На импровизираната улица во близина на градскиот стадион можеа да се забележат штандови од сите ресторани, пицерии и пекарници од Штип и околината. Секако, свое учество на настанот имаа и нашите најголеми винарски визби, како и пиварници. Според некои проценки, околу 20 до 30 илјади гости се очекуваа во Штип за секој ден од овие две манифестации чие одржување се поклопи годинава. Финансискиот ефект што беше остварен секако не е за потценување.

А не беше за потценување ни музичкиот ефект што беше остварен. Баш напротив. Двочасовниот концерт на „Бијело дугме“ и нивните евергрини до доцна во ноќта одекнуваа низ штипските улици. Се потсетивме на песните од нашето детство и младост, на хитовите со кои растевме во едни времиња што засекогаш останаа зад нас. Сега можеме само да воздивнуваме по тие убави времиња и да бараме повеќе манифестации и концерти кои барем за момент ќе не оттргнат од сивилото на нашата реалност.

Во раните утрински часови тргнавме за Скопје. Полни со емоции, со позитивна енергија, со ведро расположение. Идиличното патување заврши, впечатоците останаа.

Веќе од понеделникот започна новата работна недела. Истите гужви, истите проблеми, истите разговори без почеток и крај. Што да се прави. Такви времиња дојдоа...

До следната идила... Останете ми со здравје.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД