01 Декември, 2024
0.0284

Има ли пилот во авионот?

Објавено во: Колумни 28 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Само што помисливме дека прочуената европска тројка (Европска унија, Европска централна банка и Меѓународен монетарен фонд) заедно со министрите за финансии од членките на еврозоната успеаја да најдат „решение“ за ситуацијата во Кипар, повторно се соочивме со нешто неочекувано. Во својата намера да ги превенираат финансиските проблеми кои би се јавиле во иднина, европските институции се обидоа да посегнат по едно класично copy - paste решение. „Поучени“ од кипарското искуство, тие препорачаа големината на финансискиот сектор на одредена земја да биде усогласен со висината на нејзиниот бруто домашен производ (БДП), поради ризикот по економската и финансиската стабилност на таа земја. Навистина е дегутантно да се зборува дека секое копирање на решенијата од една земја во друга без да се води сметка за спецификите на одделна средина може да биде контрапродуктивно и да доведе до катастрофални последици. Кога е во прашање финансискиот сектор, тие последици ќе се почуствуваат не само во земјата од која се бара да применат copy - paste решенијата, туку и во другите национални економии со кои таа земја има економска и финансиска соработка. Сосема накратко: кипарските банки западнаа во проблеми затоа што своите средства претежно ги имаа пласирано во грчките државни обврзници. Во ситуација кога Грција повеќе не беше во можност да го сервисира долгот, кипарските банки се соочија со криза. Далеку од тоа дека решението за оданочување на штедните влогови над 100.000 евра во кипарските банки е адекватна солуција, но на тој проблем требаше да се мисли многу порано. Ако денес кипарските банки се остават на делувањето на пазарните законитости, тие не би издржале ниту два дена на пазарот. Обврските по основ на депозити се проценуваат на милијарди евра, а активата повеќе не може да се третира ниту како проблематична - едноставно таа актива ја нема. Соочени со ваквата ситуација, претставниците на еврозоната дојдоа на идеја да понудат едно крајно небулозно решение - усогласување на големината на финансискиот сектор на земјата со големината на бруто домашниот производ. Како е можно вакво нешто? И што би значело тоа низ призмата на бројките? Во Луксембург банкарските депозити изнесуваат дури 2.500% од БДП, во Ирска нешто повеќе од 800%, а во Малта нешто помалку од 800% од БДП. И што сега? Банките во овие земји треба да ги повикаат своите клиенти и да ги замолат да ги повлечат депозитите, само поради одредена фикс - идеја на членките на еврозоната? Дали треба уште и да ги заплашат депонентите дека нивните депозити ќе бидат оданочени по многу високи стапки затоа што придонесуваат за креирање на непропорционален однос помеѓу големината на финансискиот сектор и бруто домашниот производ? За да бидеме посликовити, ќе направиме една мала дигресија. Што ќе се случи ако оваа година Металург ја освои Лигата на шампионите во ракомет? Дали челниците на Европската ракометна федерација ќе ја прогласат таа титула за нерегуларна зашто Скопје не е доволно голем град за да има европски шампион? Да се вратиме во светот на финансиите и да го разгледаме примерот на Луксембург. Како прво, мора да биде јасно дека големината на депозитите не се вистински индикатор за мерење на ризикот во финансискиот систем. Ризикот првенствено се мери според квалитетот на активата. Според податоците на ММФ од јули 2012 година, активата на банките од Луксембург е лоцирана во Германија (22,9%), Луксембург (17,8%), Франција (10,3%) и Велика Британија (6,5%). Ниту една од овие земји (вклучително и нивните финансиски системи) не е на листата на „проблематични“ земји. Понатаму, банките кои се лоцирани во Луксембург претставуваат филијали на најголемите светски банки, при што доминираат германските банки. Единствена домашна банка во Луксембург е државната штедна банка која има 100% државен капитал. Доколку ја прошириме анализата, ќе дојдеме до сознание дека Луксембург е само една од четирите членки на еврозоната (покрај Германија, Холандија и Финска) која има врвен кредитен рејтинг според трите најголеми рејтинг агенции (Moody's, Fitch и Standard&Poor's). Исто така, сите финансиски показатели кои се однесуваат на Луксембург претставуваат нешто што голем дел од членките на еврозоната можат само да го сонуваат. Прифаќањето на copy - paste решението што се обидоа да го понудат челниците на еврозоната, би значело реструктуирање, па дури и ликвидација на здрави финансиски институции. И во Луксембург, и во Ирска и во Малта. Во името на што? Во името на некакво квази усогласување на големината на финансискиот сектор со големината на националниот БДП? Навистина блиску до паметот. Малку недостигаше оваа небулоза предложена од еврозоната да биде прифатена, па сите ние да си поставиме само едно прашање. Има ли пилот во авионот?           За среќа, после бурните реакции од Луксембург и другите „мали“ земји, членките на еврозоната успеаја, барем привремено да го најдат вистинскиот пат. Министрите за финансии на еврозоната изградија заеднички став дека планот за спас на Кипар нема да биде модел за решавање на проблемите во банкарскиот сектор во Европа. Овој пат победи здравиот разум. Следниот пат - кој знае? д-р Гоце Трајковски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.