ИМА ЛИ РАСИПАН ТЕЛЕФОН: Постарите граѓани се жалат дека не се контактирани за вакцинација, МЗ вели - тоа е обврска на матичните
Објавено во: Македонија 10 Март, 2021
Матичните лекари се тие што треба да ги контактираат повозрасните граѓани, односно оние над 70 години, и да ги прашаат дали сакаат да се вакцинираат.
Ова е објаснувањето од Министерството за здравство за Фактор за тоа како ќе тече регистрирањето на постарите пациенти за вакцинација, дадено на наше прашање, но и објаснување кое Министерството го дава уште од самиот почеток.
Но, дали на терен матичните лекари и навистина ги контактираат возрасните пациенти, со цел да го дознаат нивниот интерес за вакцинација?
Онака како што сега стојат работите, барем според информациите кои до нас допираат, матичните лекари по се изгледа дека не брзаат премногу за да ги исконтактираат своите повозрасни пациенти. Еве што велат дел од постарите граѓани со кои контактираше Фактор.
„Навистина сакам да се вакцинирам, бидејќи многу стравувам од коронавирусот, па од тие причини одам буквално само на пазарување, и тоа многу ретко, и не сум се видел ниту со своите најблиски. Мојот син преку веб страницата vakcinacija.mk ме пријави за вакцинација. Но, јас сакам да се пријавам и кај мојата матична лекарка, со цел штом стигне вакцината, веднаш да бидам меѓу првите кои ќе се вакцинираат. Притоа, не ми е битно со која од вакцините би се вакцинирал, односно дали тоа ќе биде Фајзер, руската или кинеската вакцина. Сепак, и после многу обиди да исконтактирам телефонски со мојата матична лекарка, јас никако не успевам да ја добијам. Дури и напишав и смс порака со цел да ја замолам да се слушнеме, но безуспешно. Инаку, никој досега не ми се јавил да ме праша дали сакам да се вакцинирам или не“, вели за Фактор еден 74 годишен скопјанец.
Има и друг интересен случај. Еден постар брачен пар, од кои едниот сопругот има над 80 години, а сопругата околу 75, кои исто така сакаат да се вакцинираат, и нивните најблиски ги пријавиле на vakcinacija.mk, но тие уште истиот ден отишле и во ординацијата на својата матична лекарка, каде кажале дека сакаат да бидат вакцинирани. Таа веднаш ги запишала. Но, откако никој повеќе не им се јавил да им каже макар приближен термин за вакцинација, деновиве повторно отишле кај матичната лекарка.
„Таа ни рече дека треба за вакцинирање прво да добиеме некаква порака од vakcinacija.mk, па потоа да одиме кај неа и таа да ни даде упат за вакцинација. Каква порака, и што треба да правам и до кога да чекам, мене навистина не ми е јасно“, вели овој повозрасен граѓанин.
Уште еден брачен пар, и тоа сопругата на возраст од 80, сопругот од 86 години, се жалат дека се уште не се контактирани од нивниот матичен лекар, односно никој не ги прашал дали сакаат да се вакцинираат, како во моментот се чувствуваат, и за други здравствени аспекти кои би можеле да бидат значајни за вакцинацијата.
Сепак, има и повозрасни граѓани кои се задоволни, бидејќи нивните матични лекари им се јавиле.
„Ми се јави матичната и ме праша дали да ме запише за вакцинација, на што јас и одговорив дека сум заинтересирана“, вели една 76 годишна скопјнка.
А, покрај тоа што не биле контактирани од своите матични лекари, овие стари лица, исто како и сите ние, не го знаат точниот термин кога ќе стигнат поголеми количества вакцини.
Како што е познато, во земјава во неделата пристигнаа три илјади вакцини од руската Спутник В, и првично беше најавено дека од денеска со нив ќе почнат да се вакцинираат повозрасните лица, првично во старечките домови. Но, со оглед што бројките на новозаразени секојдневно растат и многу болници кои престанаа да бидат ковид центри повторно ќе треба да профункциноираат како такви, сега приоритет за вакцинирање добија здравствените работници од тие установи.
Го прашавме Министерството за здравство кога точно ќе почне вакцинацијата на постарите лица, со оглед што три илјади вакцини од Спутник В повторно ќе бидат наменети за здравствени работници. Практично, кога ќе стигне и од каде помасовна количина вакцини.
„Во март очекуваме во нашата земја да стигнат вакцини кои ги обезбедивме од два механизми - во директни преговори со производителот Фајзер и преку Ковакс механзимот. Со пристигнувањето на вакцините ќе започне имунизацијата на лица кои се во првата фаза за вакцинација според Националната ковид стратегија“, објаснуваат од Министерството за здравство.
На нашето прашање кој ќе ги контактира старите лица и како ќе оди целата постапка за вакцинација, односно како сега треба да постапат тие кои се сериозно заинтересирани да бидат вакцинирани, од МЗ го објаснуваат начинот.
„Матичните лекари добиваат список од Мој Термин со име и презиме на сите нивни пациенти кои влегуваат во оваа група (над 70 години). Потоа, матичниот лекар ги контактира поединечно сите телефонски и ги прашува дали сакаат да се вакцинираат. Доколку лицето сака да се вакцинира, матичниот го регистира пациентот во Мој Термин и забележува на кој вакцинилен пункт сака да се вакцинира пациентот, и притоа пунктот пациентот го избира сам. Потоа, системот Мој Термин ги закажува точниот датум и време за сите регистрирани пациенти, а матичниот лекар повторно телефонски ги известува своите пациентите за закажаниот термин. Закажување за вакцинација има и преку он-лајн апликација. Преку онлајн апликација може да се регистрираат сите граѓани и оние над 70 години доколку се во можност. Заинтересираниот граѓанин ги внесува потребните лични податоци за регистрација и избира место, односно пункт за вакцинација. Со тоа влегува во базата на лица кои ќе бидат вакцинирани. Со оваа онлајн регистрација се скратува првиот контакт од матичниот лекар кој го прашува пациентот дали сака да се вакцинира, туку матичниот лекар директно од системот е известен за регистрацијата на пациентот. Потоа на матичниот лекар му останува само вториот чекор, односно да го извести пациентот за точен датум и време откако системот Мој Термин ќе го додели“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Нагласуваат дека иако сите граѓани можат веднаш да се регистрираат за вакцина, тие ќе бидат повикувани односно ќе им бидат доделувани термини согласно тоа на која целна група и припаѓаат. Први ќе бидат сите регистрирани пациенти од групата над 70 години.
Инаку, според податоците од Мој термин, иако над 70 години во земјава има околу 180 илјади пациенти, досега за вакцинација се пријавени точно 47.779.
Од нив, на возраст од 70 до 72 години се 15.234 пациенти, потоа, на возраст од 73 до 75 години се 11.246, додека, пак, од 76 до 78 години се 8.237 пациенти.
И уште постарите граѓани сакаат да се вакцинираат. Па така, од 79 до 81 година се пријавени за вакцинација 6.016, од 82 до 84 години сакаат да се вакцинираат 3.635 пациенти, а од 85 до 87 години интерес пројавиле 2.148 наши граѓани.
Од 88 до 90 години, пак, сакаат да се вакцинираат 868 пациенти, а од 91 до 93 години се заинтересирани 293 пациенти. И над 93 години граѓаните сакаат да се вакцинираат. Па така, од 94 до 96 години на списокот на пријавени за вакцинација се 82 пациенти. Има и 12 граѓани на возраст од 97 до 99 години што сакаат да се вакцинираат и се пријавиле за тоа. Секоја чест за оние наши граѓани кои се меѓу 100 и 102 години а кои сакаат да се вакцинираат, и такви се седум пациенти.
И најстариот и најхрабриот, еден човек од 106 години, кој се пријавил дека сака да ја прими вакцината против ковид 19. Или, 3.418 се вкупно граѓаните над 85 години, а над 88 години има 1.263 граѓани што сакаат да ја примат вакцината.
Инаку, за ТВ Сител премиерот Зоран Заев вчера изјави дека не е точно дека Владата одбила вакцини.
„Ние не сме одбиле вакцини, туку баравме повеќе дополнителни официјални информации за вакцините, затоа што во септември минатата година сѐ уште траеше тестирањето на Спутник В. Одлуките ги носиме согласно нашите стратешки интереси. Одевме комплетно согласно европските закони и како земја-членка на НАТО, но подоцна се постигна согласност дека приоритет е јавното здравје и дека ќе се бараат вакцини и од други земји“, изјави Заев, додавајќи дека за Грција и Бугарија, во поглед на ветувањата дека ќе помогнат со вакцини, единствената причина што тоа не е сторено е тоа што добиле само 12 проценти од ветеното и немаат доволно количество за вакцинација ниту за своите народи.
Инаку, преку vakcinacija.mk се направени 76.990 пријави. Kaj матичните лекари се пријавени се 53.473 лица. Кога станува збор за постарата популација вкупно пријавени (и од сајт и од матичен лекар) се 61.908 лица над 70 години. Вкупно вакцинирани се 3.759 граѓани, велат од Министерството за здравство.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.