29 Март, 2024
0.0263

Има ли тронка надеж кај младите, да останат да живеат во оваа земја?!

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Најголем  гнев кај мене предизвикува политизацијата и партизацијата на невралгичните македонски теми: младинската невработеност, која во континуитет е огромна, и во последните години енормното аерозагадување. Во оваа земја, не дека нема и други проблеми кои на нормалниот човек не му создаваат бес и разочараност, просто ако се редат горливите проблеми, нема да се знае од каде да се почне, но младинската невработеност  е во директна каузалност со масовното иселување, пред се на младите од Македонија, бидејќи особено стагнатната невработеност создава и чувство на безперспективност, безволност и губење на секаква надеж, па оттука, на младите луѓе кои после завршувањето на своето образование сакаат да се изградат и реализираат како  целосни индивидуи, сите соништа им се срушени.

Срам до срам,  на меѓународните класификациони листи!

Последната ранкинг листа на Меѓународната организација на трудот, нашата земја ја класифицира во топ три земји со највисока младинска невработеност, веднаш зад  Јужна Африка ( ЈАР), и Босна и Херцеговина, но со повисока, од земји како Либија ( распадната од граѓанска војна), Свазиленд, па дури и Појазот Газа. Собирајќи  дневнополитички поени, токму на оваа болна тема, политичките елити, кои и ја носат најголемата одговорност ( читај: вина), за оваа катастрофална состојба, уште толку долеваат „ масло на огнот“, бидејќи секој млад човек е наполно свесен, дека тоа се само празни и фалшливи ветувања, и дека интересот на сите кои се на високите државни функции е само за нивна лична материјална корист. Целокупната поставеност на општествените односи, ненормалната партизација и непотизмот е директен виновник за овој голем процент од 45 %, или скоро  секој втор млад,  да биде без работа. Ако во возрасната маргина од 15 до 24 години, влегуваат половина невработени од сите млади, излегува дека сите тие кои своето образование го заокружиле со завршување на средното училиште, значи  константно  пет до шест години се невработени и не може да се реализираат на пазарот на трудот. Уште повеќе фрустрирачко е и за младите кои завршиле факултет, а по завршувањето нивните желби за примена во практика на стекнатото универзитетско знаење се судруваат со суровата реалност.  За жал, како што годините одминуваат, тие стануваат се повеќе фрустрирани, разочарани и ја губат надежта дека нешто ќе се смени. Некој ( премиерот) ,  би рекол дека  младите се мрзеливи, неработливи и дека „ спијат до 12 :00 часот“. Оваа генерализација е претешка, бидејќи станува збор за стотици илјади млади во Македонија. Точно е дека има и такви кои потпаѓаат под оваа квалификација, но има и премногу кои се желни за работа, но не може да ја најдат во државата која (од)умира.  На младите им се сервираат и  некакви институционални мерки за т.н старт ап бизниси, со кои самите ќе креираат сопствен бизнис, и има примери дека некои ги искористиле тие мерки, но повторно кога ќе се соочат со олигархиско- политичката бизнис „клима“ во нашето стопанство, тие се соочуваат со танталови маки, тој свој бизнис да го одржат низ годините. Впрочем, на панел дискусија, македонските бизнисмени ( од малите и средни бизниси), најголемиот проблем со кој се соочуваат во своите бизниси се инспекторите кои  неправедно и без никаква причина ги казнуваат, веројатно очекувајќи на тој начин мито, за тоа да не би го правеле. На крајот што да очекувате од  држава  која на светско ниво има најголема младинска невработеност, исто така на глобално ниво е прва по загадување на амбиенталниот воздух, и е  најкорумпирана во споредба со своите балкански соседи, кои исто така тонат во масовна корупција?! Едно те исто, како   папагалски рефрен се преповторува дека владеењето на правото и создавање на функционална правна држава е суштински предуслов за создавање на едно уредено општество, во кое и бизнисот би егзистирал нормално, и  излегува од устите на нашите политичари, но на практика пак по исто, и пак по старо си функционира одомаќинетата „ култура на корупција и непотизам“ , толку нам позната и толку нам прифатлива.

Што добивме, освен слаткоречиви фрази во овие 30 години?!

 Во своето  годишно обраќање до нацијата претседателот Стево Пендаровски  нагласи дека во „ безмалку три децении независност, ниту еден политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден, и дека општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргините , без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела, и затоа не треба да не чуди што голем дел од младите се воспитани нивните идоли да не бидат чесните луѓе- домаќини со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет“. Апсолутно се согласуваме со оваа ваша констатација претседателе, но што ако, кога  само на убаво целофанизирани фрази останува сето тоа, а ништо суштински и реално не се презема,  не за подобрување на оваа и ваквата состојба, туку за нејзин рез, искоренување и целосна промена . Сето ова срочено во неколку реченици младите полнолетни граѓани на Македонија го знаат како лектирата од прво одделение „ Зоки Поки“, но исто така,  уште подобро знаат, дека и во наредните триесет години, ништо нема да се смени, напротив, може само да се влоши. Впрочем,  вакви памфлетски фрази, и претседателите пред  вас  ( особено вашиот претходник,  „Аристотелот“  на 21-виот век) во своите  годишни обраќања  до нацијата користеле како убава симфонија за народните уши, но што во реалноста се сменило? Ние се чувствуваме како да се наоѓаме во „ Алиса во земјата на чудата“, каде што нормалните ги прават ненормални, а ненормалното општествено поведение и функционирање е толку вкоренето и прифатливо како сосема нешто нормално. Всушност, се што е ненормално во западните европски развиени земји, тие кон кои претендираме да се интегрираме ( ЕУ), кај нас е нормално и обратно. Сите во теорија  и  со слаткоречиви фрази знаат како треба, но никој во практика тоа не го прави така.  Се поставува прашањето до кога вака? Веројатно  додека не се исели и последниот млад  човек   од оваа земја, и истиот да го изгаси светлото во земјата каде што сонцето, нели  вечно сјае.


Благојче Атанасовски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?