19 Март, 2024
0.0246

Империјата го возвраќа ударот

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Понекогаш се чувствуваме дека живееме во друга димензија. Нереална и фиктивна. Како да се објасни перверзијата кога, „дамата“ во која цело граѓанство имаше огромна надеж дека ќе отвори нова перспектива во казнивоста на организираниот криминал, и високата корупција, во земја во која три децении, судско- обвинителскиот систем служи само за заштита на моќниците, а за „спроведување на правдата“ само кон малиот човек, истата загази во таква корупција. Сепак, и да сакаме да ја почитуваме презумпцијата на невиност, како што треба да се испочитува, во предистражна постапка, целата јавност на социјалните медиуми, па веќе и во традиционалните медиуми го инсинуираат нејзиното име „Кејт Јан“.

Македонскиот „Мултигруп“

Со право се поставува прашањето, дали граѓанството имаше преголеми очекувања од  обвинител, кој кога ќе го погледнете, разбирате дека има проблем да сврзе две-три проширени реченици, со чиста дикција, течна мисла и прецизност. Во одреден период, најголемата поддршка  од  јавноста, односно од граѓаните имаше токму Специјалното јавно обвинителство,  и самата  шефица на истото. Армагедонот кој (ќе) го потопи СЈО,  ќе има  длабоки импликации врз психологијата на едно разорено општество, уморено и  апатизирано од  константен криминал, висока  корупција и несанкционирање на истите.  Тешко дека во иднина и некој ќе поверува дека во оваа држава ќе има правда за да има мир. Истрагата само ќе констатира дали мафијата влегла во пресметка помеѓу себе  (колку и да звучни трагикомично, да се класифицира за мафијаш еден опскурен лик,  кој во својата нахалност и безочност, последно ги злоупотребуваше трагичните семејни судбини, на многу сиромашни и болни семејства), сепак „ храброста“ , оваа карикатура  да (проба да ) рекетира  милионски суми  во евра од „ сомнителни“ македонски бизнисмени, го става во рангот на еден Илија Павлов и Георги ( Жоро) Илиев, во соседна Бугарија, своевремено во матните деведесетти години.  Дали треба да се формира „најспецијално јавно обвинителство“, кое пак ќе треба  да го истражува претпоставениот криминал од постоечкото СЈО, е дегутантно прашање, бидејќи одново ќе виси прашањето „ а кој ќе го контролира чуварот на правдата“.

Има ли тронка надеж, за излез од ситуацијата

Поранешниот  министер за надворешни работи и универзитетски професор Денко Малески, често пати прстот го вперува во нашиот менталитет, за проблемите во кои сме заглавени константно безмалку од независноста до ден денес,  кој тој го опишува како „ориентален/ источен“, односно менталитет во кој измамата, полтронството, мешетерањето, сплетките и интригите се врвна вредносна карактеристика на „успешниот Македонец“. Во нормалните западни демократии, чесноста, интегритетот на личноста, поведението и  законитоста во делувањето се вредности кои ги карактеризираат носителите на јавни функции, особено делителите на правдата. Не сум наивен да поверувам  дека и таму нема  криминалци, кои се претставуваат  за чесни носители на јавни функции, но суштинската разлика е тоа што кога ќе ги фатат во криминал, тие најпрво се „ распнати“ на столбот на срамот, и потоа секако ќе си понесат вина „согласно Уставот и законите“.  Кај нас пак, имаме нахалност од една дивоградба од човек, кој со целото свое безобразие на очиглед на целата јавност, ја претвора својата дивоградба во „ елитен ресторан“ во центарот на  нашиот културен и духовен центар-градот Охрид. Па сепак, има ли излез и решение од агонијата во која е западнато нашето општество? Единствено и само, хистеризацијата на јавноста, сензибилизираноста при самата хистерија, во однос на прекршување на законските норми, може да  доведе до ситуација, бесрамниците и безочниците да ретерираат, не дека се посрамотени, туку од страв, дека „ тркалото се врти“ и дека „ денес сте ловџија, а утре може да постанете лесно и плен“, како што би констатирал  еден бард на македонската политика од бродот укотвен на бреговите на реката Дунав во унгарскиот главен град.

Нема таква држава

Друг  бард пак ,  на македонската  журналистичка сцена, реално, одигра  голема „ улога“ во разоткривањето на уценувачко-рекетарските  шеми на карикатуралниот мафијашки кловн, во содејство со гевгеличанката. Истрагата  ќе покаже дали двајца актуелни пратеници, и поранешни високи партиски функционери на владејачката партија, се вмешани во играриите, за да биде комплетна сликата за ова гротескно општество. Оставката на Кејти Јан,  и разрешувањето на истите  можеби и не се случајност, ами напротив, реакција за тоа што следи. Како и да е, кога ќе видите дека новинарскиот бард, под  плаштот на откривање на мега скандал и мега криминал, го третира како жртвено јагне рекетираниот ( најбогат Македонец според ФОРБС листата, за кој и врапчињата знаат дека богатство од 830 милиони долари, во земја со 5.000 долари по глава на жител, и не се стекнува туку така лесно, со „ бизнис вештини“), тогаш ви доаѓа да кренете и спуштите раменици, бидејќи каде и да се завртите се е криминал  и  се разбира проституција. За најдобро да ја опишеме состојбата денес во нашата напатена земјичка, која три децении се бори да си го најде „ своето место под сонцето“, а кутрата со нејзините граѓани, живее во константен мрак од  економски, културолошки, социолошки аспект, можеме  да ја цитираме култната фраза од  легендарниот  бугарскиот пејач и шоумен  Слави Трифунов во неговата песна „ Нема таква држава“, во која се пее: „ Не ми говорете за власт и конституција, ех, во таа држава се е проституција“.

Благојче Атанасоски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?