Инспиративно: Кумановката Сузана згрижила 12 деца
Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2019
Луѓето кои со години згрижуваат деца, велат дека треба да се гледа хуманата димензија и да им се пружи љубов и дом на овие деца.
Сузана Величковска од Куманово од 2010 година е згрижувач и сега кај неа е 12-то дете кое таа прифатила да го чува. Таа посакува да има што поголем број на згрижувачи, затоа што како што вели овие деца се нашле во ситуација кога нема кој за нив да се грижи, а тоа не е по нивна вина. Додава дека децата кои растат во среќно семејство околу себе имаат родители, баби, дедовци, роднини, а овие деца мора да имаат помош од згрижувачот, но и од институциите.
„Најважно е човек да биде хуман, и да помогне во момент кога детето ќе има потреба. Да не гледаат националност, да не гледаат дали е тоа дете големо, мало. Јас имам соработка на највисоко ниво со социјалните работници. Мора еден згрижувач да има соработка со социјални работниците, со училиштето каде децата учат. Тоа дете треба да биде прифатено од околината, треба сите да го сакаат. Сум имала случај кога детето имало болна мајка која не може да се грижи за него, и потоа таа оздравува и детето се враќа кај неа“, вели Величковска.
Објаснува дека овие деца поради сплет на околности се принудени да живеат во туѓа куќа, и мора да им се пружи максимално внимание и љубов, да не се чувствуваат отфрлено.
Во 2018 година има пријавено 51 ново згрижувачко семејство во кои се згрижени 78 деца, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Четири градови во земјава предничат во однос на другите според интересот за згрижување на деца.
„Најголем интерес за згрижување на деца има во Скопје, Македонски Брод, Крушево и Прилеп. Надоместокот за згрижување изнесува: 8.668 денари за згрижување на дете без родители и родителска грижа, 10.025 денари за дете со воспитно социјални проблеми и 11.361 денари за деца со попреченост“, велат од МТСП.
Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ имаа кампања „На секое дете му треба семејство“ која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата има за цел и да мобилизира поддршка за решенија за грижа во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување. Целта на кампањата е да поттикне поддршка за алтернативна грижа за децата наспроти сместувањето во големи институции и да даде поддршка да се стави крај на сместувањето деца помали од три години во големи институции до 2020 година.Сања Атанасовска
фото ТВ Плус