04 Мај, 2024
0.0855

„Интелектуалци“ на привремена печалба на „Илинденска“!

Објавено во: Колумни 07 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Подолг период сме сведоци на нелогичен развој на настаните во нашата општествено- економска  средина. Тоа што не е нормално во другите земји, кај нас се прикажува како успех на власта. Тоа што во остатокот од светот се смета за недомаќинско однесување, кај нас се продава како врвен квалитет на министерот за финансии. И така, да не редам понатаму.  Ние сме економија за која ни тврдат дека бележиме позабележителен раст во споредба со европските економии, а младите уште позабрзано го напуштаат „насуканиот брод“. Ние сме земја која френетично гради барокни зданија, а бројот на луѓето кои просат пред овие монументи е се‘ поголем.  И роуд шоуата на премиерот го достигнаа својот врв, а странските директни инвестиции, во мандатот на актуелната власт, не биле никогаш на пониско ниво отколку годинава.

Дека ништо не е случајно, односно дека се‘ е намерно, системски подготвувано, потврдува и воспоставениот институт, контрапротести.  Ние сме единствената земја во која револтот на власта се претставува како полегитимен народен отпор отколку протестите на опозицијата. Ние сме единствената земја каде крадците кои ги фатија на дело, се главни жртви затоа што биле нелегално следени, и најновото, тие кои 9 години работат посистемот „разбирам началниче“ сега страшно се погодени од извјавата на опозициониот лидер, па толку се вознемирија што целата ситуација ја претворија во сериозна трагикомедија.

А верувајте, да се создаде таква атмосфера не е ни малку лесно. За да  успее овој рецепт потребно  е системот најпрвин да се „клекне на колена“, што подразбира негово урнисување  на исклучително ниско ниво на интегритет и  кредибилитет и изнудување на високо ниво на конформизам кај оние што општеството  ги тагретира како интелектуална елита.

Кај нас, за жал, оваа владеачка елита успеа таквата состојба да ја развие до совршенство и затоа трагикомедиите на нашето општествено живеење веќе ни станаа наше секојдневие.  Последната трагикомедија ја гледав како пренос од едно од студијата на македонскиот национален радиодифузен сервис, кога петорката гласноговорници на власта загрижени дискутираа како тоа Заев можел да помисли да каже дека дел од медумите биле непријатели на опозицијата. Толку беа фрапирани, што незнаеа што зборуваат, дури и кога сакаа да се контролираат контролата им излегуваше надвор од контрола. И преку се‘ ќе можев да поминам ако во тоа друштво не беа двајца уредници кои пред само неколку години ги гаснеа светлата во А1 телевизија и кој два месеци водеа вести од пред владата, раскажувајќи како оваа власт е диктаторска, како нејзините први луѓе повеќе работат за себе отколку за народот, а затворањето на најголемата телевизиија во тоа време е резултат на политиката на актуелната власт да се задуши медиумот кој критички и објективно ги опсервираше настаните во општеството.  И додека тие двајца уредници до пред само неколку години ги реализираа караваните низ градовите во внатрешноста, обелоденувајќи го вистинското лице на власта, сега беа прилично вознемирени.  Со исклучително сериозни погледи и загриженост   беа фокусрани кон соговорниците. Климајќи со главите ги одобруваа тезите за тоа колку оваа власт е во право, колку опозицијата е во криво и колку било убаво да се работи и да се живее денеска, но не и со ваква опозиција, која дел од медиумите ги сметала за свои непријатели. А ниту збор за критиката дека нивната уредувачката политика нема ништо заедничко со професионалното  информирање . А ниту признание дека, како уредници (некои од нив се и ѕвезди во „бомбите“на опозицијата) под каков притисок работат и кој им се меша во уредувачката политика.

Каква е оваа амнезија? Кои тоа инструменти ги употреби власта за да ја избрише меморијата кај овие двајца уредници. Која е цената која треба да се плати за главните уредници на МРТВ и Алфа да заборават како пред само неколку години останаа без работа,  мрзнеа пред владата и народот го убедуваа дека „вака повеќе не бива“. Не треба погодување.  И децата знаат што се‘ ти прават парата и интересот! Во трка да ги остварат, некои луѓе заслепуваат.  Се работи за слепило кое од нормални луѓе прави „апаши“ во лицето на оние кои до пред некое време гледале во тебе личност.  А заслепените,  за само неколку месеци својата личност ја претворија во паричник. Паричник кој го полнат под изговор дека работат за интересите на државата и интересите на народот. Остатокот од друштвото во студиото посебно и не го регистрирам. Тие условно речено се „почесни “ од овие двајца. Тие се декларирани бизнимени. Еден од нив многу одамна дури и јавно изјави дека ќе биде од онаа страна која повеќе ќе го плати, што врочем доколку се следи неговото минато  неколку пати го има докажано.

И тука е болката. Во Македонија има многу професии, професионалци, интелектуалци,

но многу малку интегритет.  Новинарот, професорот, судијата, лекарот не се само професии. Нивното квалитетно извршување е невозможно без поседување на  врвни  човечки доблести. Имено, знаењето е едно , но воспитанието е сосема дрго. Интегритетот не се учи на факултет. Или го имаш или не. А овие професии без интегритет неможеш квалитетно да ги извршуваш, па колкаво сакаш знаење да поседуваш.  Образложението дека нечесни работи  правиш за да однесеш дома леб за фамилијата е изговор на „мрша“, комформист, и човек без образ.

 Општествениот углед што го имаат овие професии во едно општество и каде личност ја позиционираат  високо на пиедесталот не е само поради квантумот на знаење кое го поседува оваа структура на луѓе.  Интелекуалецот не е доволно само да знае како треба. Неговиот квалитет е тоа што го знае  да се труди да го спроведе , без оглед на тоа дали некому му  се допаѓа  или не, па макар притоа сносел и последици (на пример, во недемократски средини).  Тој затоа е интелектуалец.  Одважноста и принципилноста во неговото делување го одвојуваат од другите. Доколку го нема едното и другото тогаш е „кетмен“(интелектуалец комформист). А се‘ додека бројот  на „кетмени“ е толку голем колку што е, ќе имаме професори кои иако имаат знаење , ќе се плашат јавно до го искажат својот став за да не си го нарушат комодитетот што го добиваат од владините тезги или да не ги изгубат позициите на факултетите од каде што доаѓаат. Ќе имаме експерти кои и покрај сите нивни сознанија дека живеат во економија која се задолжува со исклучително брза стапка и која средствaта од задолжувањата ги користи непродуктивно, ќе констатираат дека не е лошо во услови на криза да се зголемува агрегатната потрошувачка, дури и независно од тоа за што се троши (што е алиби одговор на сериозни грешки во влечењето на макроекономските потези). Ќе имаме судии кои иако исклучително добро ги владеат законските прописи, ќе судат како ќе има кажат „началниците“, нормално, да не си го нарушат конфорот, и ќе имаме новинари кои ќе глумат објективност и пожртвуваност до моментот додека некој не им го наполни чегмеџето на нивото кое без проблеми ќе предизвика “delete” во нивната меморија.

А што станува со обичниот народ,  кога ги гледа амнезираниве интелектуалци како со испрани мозоци одмавнуваат потврдно со главите, дека навистина тука е рајот на планетава . Па тие , исплашени, и „стиснати во ќош , не со пари, со прст да им замавнат ќе викаат „разбирам началниче“.

Затоа „интелектуалци“, не ја барајте кривицата во власта. Таа има право да се обиде да ве моделира. Прашање на вашиот интегритет е дали тоа ќе и‘ го дозволите. Не смеете да дозволите алиби да ви биде максимата дека една ластовица не ја чини пролетта. Затоа што пролетта никогаш нема да се случи, ако една по една ластовица не се појават на своите позиции од крошните коишто ги напуштиле пред да заминат на печалба.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина