24 Ноември, 2024
0.0329

Интервју Атанасова: Лажните изјави во епидемиолошките анкети и непочитување на мерките ни се најголем проблем со КОВИД-19

Објавено во: Интервјуа 15 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Пандемијата со КОВИД-19 во Македонија и натаму не стивнува. Здравствените власти велат дека состојбата е под контрола и апелираат граѓаните да ги почитуваат сите мерки за физичка дистанца, хигиена и носење заштитна опрема. Бојана Атанасова која е поранешен шеф на кабинет на министерот за здравство Венко Филипче смета дека поради зголемениот скрининг и бројките на заболени е зголемен, па затоа се очекува овој период да заврши. Атанасова сега е во Шведска ангажирана како експерт за јавно здеавје. Токму оваа земја имаше уникатен пристап без карантин и забрана за движење, но и оваа стратегија од шведската комисија за заразни болести се преиспитува. За справувањето со кризата прочитајте го целото интервју со Атанасова.

Фактор: До неодамна бевте шеф на кабинет на министерот Венко Филипче. Сега сте повторно во Шведска. Како од оваа перспектива гледате на начинот на кој македонските здравствени власти се справуваат со пандемијата со КОВИД-19?

Атанасова: Имав голема чест и задоволство што бев дел од Кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче и во периодот додека ја вршев функцијата научив многу работи. Одлучив да се вратам во Шведска пред почетокот на новата година додека сѐ уште немаше никакви сознанија дека ќе се случи пандемија. Сметам дека македонските здравствени власти одлично се справуваат со пандемијата со КОВИД-19. Уште од првиот потврден случај на КОВИД-19 во Македонија сите преземени мерки од страна на здравствените власти беа навремени и на место. Кога бев дел од кабинетот на министерот Филипче имавме епидемија на морбили и во тој период соработувавме и имавме секојдневна комуникација со Комисијата за заразни болести. Во таа комисија членуваат стручни и искусни здравствени работници кои успешно се справија со епидемијата на морбили. Верувам дека така ќе биде случајот и со КОВИД-19.

Фактор: Министерот Филипче успеа да ја добие довербата на јавноста со неговата смиреност и професионалност, но тој труд како да беше поткопан од останатите институции и особено политичките фактори кои се подготвуваат за избори. Во мај и јуни имаме повторно многу високи бројки на заразени и починати, особено по периодот кога веќе сметавме дека заразата ќе биде ставена под контрола. На што се должи ова?

Атанасова: Навистина имавме една убава крива во надолна линија и бројките на новозаразени се намалуваа, а бројките на излекувани секојдневно се зголемуваа. Веројатно тоа што помисливме дека заразата е надмината, а не ставена под контрола не донесе таму каде што сме денес, да имаме огромен скок на новозаразени случаи. Според мене ова се должи на неможноста рестриктивните мерки да се одржат долг временски период. Со рестриктивни мерки се купува време, но нагло прекинување на рестрикциите и непридржување од страна на граѓаните го продолжи првиот бран и епидемијата излезе од контрола. За жал граѓаните почнаа со непослушност, непочитување на мерките за собирање во групи и одржување физичка дистанца, па дури и прекршувања на забраните за свадби, големи прослави и сл. па сега имаме високи бројки на новозаразени. Дополнително сметам дека правењето скрининзи и голем број на тестирања секојдневно придонесува да изгледа дека епидемијата многу се шири, но верувам дека ова ќе биде краток период по што бројките повторно ќе почнат да опаѓаат.

Фактор: Дали се гледа замор кај министерот Филипче, се пренесуваат изјави дека луѓето не ги почитуваат мерките со своевидна разочараност. За претходниот викенд за локалниот карантин имаше жестоки критики. Почнува ли менаџирањето на кризата да добива и политички и ПР калкулации?

Атанасова: Министерот Филипче е пред се лекар и голем професионалец и дури и да е уморен тоа нема да го приметиме во јавноста. Верувам дека и тој како и сите ние сака што поскоро да се заврши епидемијата и да се вратиме на секојдневниот живот без рестрикции, за што знам дека секојдневно напорно работи. Но, борбата против лажните вести, дрскиот однос од страна на пациентите, давањето лажни изјави при епидемиолошките анкети, непочитувањето на мерките, всушност е најголемиот проблем на земјата. Целиот свет се бори против КОВИД-19, но имам чуство дека само ние се бориме против докажување дали воопшто постои вирусот, се бориме против стигматизација, зошто многумина се кријат и се срамат доколку се разболиле, се бориме против лажни вести и теории на заговор, па затоа на крај изгледа како менаџирањето на кризата да добива друга димензија. Единствениот начин да ја победиме пандемијата е сите да работиме заедно и да ги почитуваме мерките.

Фактор: Како магистер за јавно здравје и со искуство од македонските институции што може да се подобри пред се во комуникацијата со јавноста и новинарите особено по последните искрења на прес конференциите, не за да се им се удоволи на медиумите туку корист да има целата јавност и граѓаните?

Атанасова: Го разбирам гневот на новинарите на една од претходните прес конференции, зошто нивната работа е да бараат одговори кои ги интересира целата јавност. Сите сме со истенчени нерви, сите работиме прекувремено и сме уморни од целата ситуација. Но не може вина да се бара само во народот, особено не во вонредна состојба. Државата треба да презема мерки, па дури и да признае ако погрешила. Досега комуникацијата меѓу здравствените власти и новинарите сметам дека беше одлична и верувам дека ќе продолжи и понатаму како канал помеѓу нив и јавноста. Моето мислење е дека треба да се подобри комуникацијата и во овој период многу е важно како власта ќе комуницира со јавноста. Треба да се фокусира на пораки за разбирање на важноста од заштита на колективното здравје, а не само на сопственото. Важно е граѓаните да разберат зошто индивидуалните мерки се важни да се почитуваат, за доброто на своите најблиски, за тие кои најмногу ги сакаме, но и за целото општество. Паниката и стигмата од болеста придонесе да се однесуваме многу себично и нерационално. Споделувајте повеќе приказни за солидарност, донирање, помош, надеж и насочете ги луѓето да бидат активни помагатели и солидарни граѓани. Дел од популацијата воопшто не верува дека постои вирусот. Важно е да се зборува отворено, да се споделуваат искуствата, да се победат лажните вести со факти и докази и да ги заборавиме суетите, зошто сите се соочуваме прв пат со ваков тип на вирус и не знаеме се и во ред е и да погрешиме.

Фактор: Во Шведска се вративте практично на почетокот на пандемијата во речиси единствената земја во светот која не воведе карантин и рестрикции за движење. Шведскиот модел претставуваше партнерство со граѓаните што се должи на нивната голема доверба во институциите. Тоа нас суштински ни недостасува, имаме се поголем број на луѓе кои и не веруваат дека короната постои. Што може да научиме од Шведска?

Атанасова: Токму така, Шведска од самиот старт на пандемијата изгради партнерство со граѓаните. Над 90% од граѓаните веруваат во институциите. Иако имаше многу негативни коментари и потсмев за начинот на кој Шведска се справува со панедмијата, граѓаните тука го поддржуваа тој пристап. Можеме да научиме дека треба да им веруваме на експертите и да оставиме на нив да донесат соодветни мерки и решенија за справување со вирусот. Не може да сме експерти во се, иако нашиот менталитет е таков да имаме експертско мислење за секоја тема. Довербата во јавните институции тек се гради, но мислам дека граѓаните имаат доверба во здравствените власти во Македонија. Проблемот е неодржливоста на рестриктивните мерки и токму затоа Шведска се потпре претежно на мерки за препорака, односно на долгорочно одржлива стратегија, при што мерките се лесни за почитување, сите граѓани ги следат и веќе се дел од културата на овој народ.

Фактор: Шведска својата отвореност и продолжување на животот како и во нормални услови ја плати со висока бројка на заразени и починати. Дали стратегијата сега се преиспитува?

Атанасова: Како што беше пренесено и во македонските медиуми, Агенцијата за јавно здравје и главниот епидемиолог Андрес Тегнел признаа дека можеби требале да воведат порестриктивни мерки со време. Сега веќе е доцна за преиспитување на мерките, но властите признаа дека старечките домови не биле доволно заштитени и требало да направат повеќе токму за таа ризична група на граѓани. Сепак сметам дека Шведска се справи соодветно на нејзините културни норми и вредности, граѓаните ги почитуваат мерките, економијата не е толку многу погодена, а на крајот од пандемијата мислам дека Шведска нема толку да отскокнува, зошто првиот бран го помина на овој начин, со привикнување на вирусот и живење со него, со што се создава и колективен имунитет и ќе бидат многу поспремни и полесно ќе се справат со очекуваниот втор бран на есен. На крај се се сведува на градење одржлив пристап, мерки на долгорочно ниво и живеење и привикнување на вирусот, но и лична одговорност на индивидуите.

Фактор: Како вие се снаоѓате во ова критично време. Ангажирани сте во градската мисија на Линкопингс, каква е вашата улога таму и со какви предизвици се соочувате?

Атанасова: Моментално сум ангажирана како здравствен комуникатор во градската мисија на Линкопинг. Ова е работа која многу ме исполнува и секојдневно многу учам и се надоградувам. Работам на проект Пентру Тине кој е финансиран од страна на Европската Комисија односно ФЕАД (Фонд за европска помош на најзагрозените). Мојата улога се состои во споделување информации и комуникација во врска со здравствени прашања. Многу од граѓаните кои живеат сиромашно страдаат и од лошо здравје. Тоа се граѓани кои доаѓаат од ЕУ земји но не се економски активни и се многу ранливи. Моите работни обврски вклучуваат споделување информации, едукација, превенција од заразни и незаразни болести, организирање работилници, подготвување информативни материјали, помош при достапност на здравствени услуги, права при итни здравствени ситуации и слично. Во однос на ситуацијата со КОВИД-19, преку теренска работа ги информираме граѓаните за важноста од одржување физичка дистанца, правилно миење на рацете, им даваме насоки во случај на зараза и ги информираме за нивните права. Во регионот каде работам во Шведска без оглед дали сте жител, мигрант или лице без средени документи за престој имате право на бесплатна здравствена заштита и лекување при случај на заболување со КОВИД-19.

Фактор: Би се вратиле ли повторно во Македонија за искуството да го примените тука или кога веќе бевте еднаш дел од државниот апарат за такво нешто нема простор?

Атанасова: По завршувањето на моите студии во Шведска се вратив во Македонија да го пренесам своето искуство и знаење од тука. Драго ми е што ја имав таа можност и сметам дека за две години оставивме зад себе успешно реализирани цели и проекти во Министерството за здравство. Одлуката за повторно заминување во Шведска не беше лесна, но сметам дека дојде време кога треба лично и професионално да се посветам на себе и унапредување во животот и кариерата. Моментално сум среќна и исполнета тука, на приватен план сакаме со сопругот да градиме семејство тука, а на професионален план планирам да продолжам со докторски студии на еден од универзитетите во Шведска. Засега не планирам да се вратам, но стојам на располагање доколку можам да помогнам со моето знаење и искуство во мојата земја. 

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.