Интервју со Зоран Азманов
Азманов: Луѓе од Финансиска полиција му давале документи на Боки 13 да ме рекетира
Објавено во: Интервјуа 18 Февруари, 2019
*Интервјуто е направено на крајот на минатата недела
Државни институции во спрега со Боки 13 ме рекетираат и ме местат за да искреираат обвинителен акт против порaнешниот градоначалник на Карпош. Додека наводно се брка криминалот кој е направен од страна на минатата власт, со силни ветувања кои уште од предизборната кампања, па до ден денеска не уверуваа дека украдените милијарди евра од државата ќе бидат вратени во државата, институциите не вратија ниту едно евро од така најавуваната пљачка на државата, а рекетот и изнудите цветаат, односно се редистрибуира украденото. Одговорите на било кое прашање на ова интервју завршуваат со ваква или слична поента. Зоран Азманов има богата биографија и успеси во извозот на текстилни производи на американскиот пазар. Во 2000 година Волмарт го избра за најдобар добавувач во светот, а во изминативе 18 години изгради 37 објекти во Скопје. Тој е е еден од побогатите бизнисмени во државата, а деновиве е актуелен по обвинувањата кон него од страна на 1ТВ на кои не им остана должен. Прстот го впери во Управата за финансиска полиција но веднаш по неговата прес конференција бил повикан таму и била почната истрага за негова вмешаност при купување земјиште во Тафталиџе со поттикнување на поранешните сопственици да издејствуваат противзаконски ДУП и наводно со парите кои им ги платил на поранешните сопственици е корумпиран поранешниот градоначалник на Општина Карпош за да се донесе ДУП каков што е донесен.
Азманов Вие раководите со фирма која е една од поголемите кога станува збор за градежната индустрија. После толку години во бизнисот, како гледате на растот, но и во каква кондиција е сега овој сектор?
Азманов: Мислам дека во моментов ситуацијата со високоградбата и градежништвото е на најниско ниво од било кога до сега. Зошто? Прво политичката ситуација, односно после промената на власта дојде до мораториуми за градење па и рушење на детални урбанистички планови кои биле правосилни поради формални пропусти како на пример во Општина Карпош сите дупови се поништени само поради една формална причина, а тоа е што одлуката на градоначалникот да не се изготвува план за заштита на животна средина не била истакната на веб страната на општината туку била истакната на огласна табла и со тоа им било ускратено правото на две граѓанки да вложат жалба на таквата одлука, а одлуката била донесена како што била донесена бидејќи Министерството за транспорт и врски веќе имале изработено таков план. И да се жалеле ќе биле одбиени, бидејќи немало потреба два пати да се изготвува ист план. Меѓутоа Уставен суд го укина ДУП-от поради ваква формална причина, а не суштинска. Еве и нашата компанија НАСТЕЛ која постојано имала по две – три локации кои чекаат за изградба, до душа и сега имаме две локации, едната во Аеродром и другата во Карпош, но на двете локации од различни причини не можеме да градиме. Едната е поради тоа што ДУП-от во Карпош З 06 е укинат, после купување на локацијата со првосилно донесен ДУП, што значи ние не сме учествувале во донесување на ДУПот. Локацијата ја купивме во септември 2017 година со донесен ДУП и во тоа време немало никаква иницијатива до Уставен суд за рушење на ДУП З 06, кој е донесен во декември 2015 година, заради тоа и сме платиле толку висока цена за истата, за да можеме да го заокружиме целиот комплекс во ист стил и потоа да изградиме предвидени игралишта, зеленило и се останато што е испроектирано во комплексот Тафалиџе.
Уставниот суд одлучил дека правото да поднесат жалба двете граѓанки е поголемо од правото на сопственост и сите права што ги носи правото на сопственост и самиот Устав каде што е предвидено дека сето она што го имаш еднаш добиено како право не може да ти биде одземено. Уставниот суд спротивно на начелата на Уставот го поништува ДУПот од што се гледа правната несигурност на инвеститорите каде што купуваш локација со правосилно донесен ДУП и преку ноќ после поништувањето на ДУП-от добиваш локација каде што не можеш да направиш ништо, ниту да го завршиш комплексот како што бил проектиран и замислен за што се платени милионски суми во пари, а и комплексот изгледа недовршен со калкан ѕид кон југ. Исто како да сме ги фрлиле парите во бунар.
Мораториуми има во повеќе општини во Скопје, вие веќе реагиравте преку коморите, тврдевте дека имате големи штети?
Азманов: Штетите се огромни и за нас и за државата и за вработените, за сите. Ние кога градиме, плаќаме даноци на државата, плаќаме бонуси на вработените, плаќаме повисоки плати, надоместоци за одредени услуги, архитектите земаат за исцртан квадратен метар, се плаќаат 26 подизведувачи кои се специјализирани за разни фази во градежништвото и вработуваат стотици луѓе и така натаму. Тие имаат свои аргументи, но тие аргументи не држат.
Кои аргументи?
Азманов: Дека наводно на тој начин се заштитува животната средина, меѓутоа животната средина треба да се заштитува при донесувањето на ДУП-овите, а не со спречување на градба откако се донесени. Сега што имаме? Селективност. Зошто? Турските и албанските фирми градат во центарот на градот, а домашните компании не смеат. И тие одобренијата за градба ги добија со новата власт и комуналиите се уплатени од овие турски и албански компании од кога е новата власт за наводно привлекување на странски инвестиции. Комуналиите за одобренијата се уплатиле сега, во време на новите градоначалници. Што значи дека новата власт им одобрува да градат. И каде градат? Во најстрогиот центар на градот. Значи за некого може, за друг не може. Чувствувам некоја клима, некое расположение во смисла - зошто Настел да работи, зошто Адора да заработи, зошто некој од домашните фирми да се збогати кога може тие од надвор да дојдат и да си го однесат капиталот надвор, заедно со профитот, а при тоа да не платат и данок и сите материјали да ги увезат од нивните земји, па дури и работната сила и стручниот кадар и да нема никакви гаранции ако во иднина се случи нешто, бидејќи тие компании ќе си го соберат профитот и ќе си заминат. А се знае дека домашните фирми се што ќе заработат ќе остават во државата, вработуваат домашна работна рака, вградуваат домашни материјали, колку што е можно, и си ги плаќаат сите даноци и парите ги инвестираат и реинвестираат тука во нашата држава. Еве јас ништо не сум изнел надвор од државата. Се е инвестирано тука, или во објекти или во акции во банки и компании за кои сметам дека вреди да се инвестира и дека имаат просперитет и правилна економска политика, инвестирам во локации, а сакам да инвестирам и во болница и во други бизниси во државава. Ниту трошам некои луксузи, ниту живеам нешто луксузно, нити се чаталам по кафани и дискотеки. Се што е заработено е инвестирано во нови проекти. Тука се плаќаат даноците. Настел е еден од најголемите даночни обврзници. Никогаш не сме имале еден прекршок за неплатен данок.
Азманов мора да се согласите со мене, но градот во последните години го смени ликот баш благодарение на јавните инвестиции во споменици, плус градбите на новите згради за домување. Не се диши овде и овие мораториуми се рефлексија на барањата на граѓанските здруженија поради урбаниот хаос.
Азманов: Општините при носењето на ДУП-овите треба да внимаваат за односот на зеленилото, игралиштата, провевот. Сите аспекти треба да се внимаваат при донесување на ДУП, не да ги менуваат секојдневно и да прават правна несигурност, па на правосилно донесен ДУП да се укинува без суштинска причина и да се прави мораториум. Не може како ќе се смени власта така да се менува и политиката во однос на деталните урбанистички планови. Со ваквите мораториуми се создава ситуација да во моментот немаме работа, работниците заминуваат во Германија, Италија, Австрија, и кога еден ден ќе се отпушти мораторумот ќе имаме многу локации, а ќе немаме работници ниту инженери со кои треба ги градиме тие нови ДУПови. Не може стихијно кога ќе им текне на градоначалниците од еднаш сите да прават мораториум со тоа да не остават без работа, а со тоа и без работници и без приходи. Па што ќе им правиме на правниците и економистите во градежните фирми, ако немаме градежни работници и немаме работа? Ќе се доведеме во ситуација во градежните фирми да работат само административци кои не произведуваат нова вредност туку се логистика, меѓутоа кога ќе нема нови градби, ќе нема што да работат истите и ќе мора да бидат отпуштени. Тоа е круг кој не запира и ќе има големи штети и исто така за државните приходи од кои се плаќаат државните службеници. Тоа е многу сериозна работа, која може да има несогледливи последници за државата. Зборуваме од една страна да не се иселуваат младите да останат во државата бидејќи Македонија остана без Македонци. Сите работоспособни млади луѓе ни заминаа од државата од различни причини и тоа е најстрашното нешто за државата, а на некој начин е потпомогнато и со овие мораториуми, ако нема работа и решено станбено прашање, логично е дека младите луѓе ќе заминуваат од Македонија.
Актуелен сте деновиве и тоа доста, а вашето име се поврзува со градежна мафија. Вие не останавте должен. Која е вашата вистина?
Азманов: Боки 13, сопственикот на 1ТВ со објавувањето на моето име си прави реклама и гледаност на својата телевизија тврдејќи дека јас сум мафија во градежништвото. Како прво и основно треба да знаете што значи мафија во градежништвото. Мафија во градежништвото е некој што има врски со државата и општините и што ја краде државата, односно на сметка на државата прави огромни профити и на тој начин ги потплаќа административните службеници и власта. Мафија е организирана група која ја злоупотребува државата и државните ресурси и државниот или општински буџет. Тоа е тој што гради за државата објекти, споменици или патишта, во главно градежни компании кои градат или копаат јаглен за ЕЛЕМ, по повеќекратно повисоки цени и даваат одредени градежни услуги за државата, како што го знаеме примерот со молерисување на ѕидови по 5 евра за метар квадратен, што е 6 пати повисоко од реалната цена, за потоа откако ќе ги наплати парите да исплаќа државни функционери и да ги враќа парите во вид на провизија, како што слушавме во бомбите за изградба на автопатиштата, каде што слушаме цело време од најавите на институциите кои наводно го бркаат тој криминал дека се опљачкани преку 150 милиони евра, ама до ден денес ништо не е вратено во државата, ниту е потврден тој криминал со пресуда барем во прв степен. За жал се продолжи со истите изведувачи по истиот трасиран пат. Тоа е мафија. Најдете една фактура што фирмата НАСТЕЛ ја издал према државата. Една фактура нема. Напротив. Ниту со минатата власт, ниту со сегашната власт, нити сум сакал и кога ми се нудело да работам работи за државата, никогаш не сум работел. Сега одеднаш јас сум бил мафија, а тие што ја украдоа државата со Скопје 2014, тие никаде не се споменуваат, бидејќи плаќаат огромна цена за рекламирање во 1ТВ. Ако се провери од страна на УЈП и финансова полиција кои се фирмите кои плаќаат најмногу за рекламирање во 1ТВ кај Боки 13 веднаш ќе се воочи дека тоа се фирми чии газди се поврзани или се основачи на други фирми кои сега имаат проблеми и случаи со СЈО. Во цел град се зборува дека синот на главната специјална обвинителка е директор за рекламирање во 1ТВ, па многу е логично да се поврзе на кој начин се добиваат таквите нарачки за рекламирање и од каде се приходите на оваа телевизија - во најголем дел од рекламирање на фирми чии сопственици се поврзани во горенаведените случаи преку други фирми. И се е тоа многу јасно. Секој што е малку поупатен во државата ги знае тие информации. Заради тоа и популарноста и рејтингот на СЈО е паднат за повеќе од 20 проценти како што читав во некој од изданијата на Фокус во изминатите неколку недели. И самите ќе се уверите дека ништо од тоа што ќе го кажат во Инсајдер нема да има никаква врска со градежна мафија, туку ќе бидат искази на луѓе кои ми должат многу пари а не можам да ги наплатам бидејќи имаат блокирани сметки, од мене лично или од некоја од моите фирми, и сега бидејќи не можат да изгубат ништо повеќе, си наоѓаат место во непрофесионална телевизија да кажуваат приказни без никакви аргументи и докази, нешто што до сега го правеле во кафана.
На што алудирате? Зошто?
Азманов: Заради тоа што, тие што плаќаат реклама кај Боки 13 тие се фини, добри, тие не се мафијаши и се примерни градежници, а Зоран Азманов бидејќи е чист и немал никогаш никаков бизнис со државата, напротив првите милиони ги заработил од извоз на трикотажа во Америка во деведесетите години како полн извоз, а сега купува локации од приватни сопственици, од стечајна маса или на јавна лицитација, има чист бизнис и не сака да се рекламира кај Боки 13, заради тоа е градежна мафија.
Кои се тие на кои посочувате со прст?
Азманов: Не сакам да се замерувам, но Вие многу добро знаете и можете да си извадите и да се направи анализа, по кои цени се правени спомениците, по кои цени се правени барокните фасади и градбите во центарот. Еве Уставен суд на пример. Па за таа цена што е платена за зградата на Уставен суд, 42 милиони евра, јас пет згради такви исти ќе ги направев. Кај се парите од тие проекти? Тоа е мафија. Ама тие не се споменуваат. Исто така, Министерството за надворешни работи или Обвинителството и многу други институции што се изградени со државни тендери. Па баш Обвинителство, нивната зграда да си проверат по кои цени е градена. А целата прокиснува од сите страни, како што сум слушнал. Тоа е мафија. А не тој што си купил локација од приватен инвеститор. Како што знаеме во Грција, фирмата Актор беше осудена од грчките власти дека потпукувала македонски функционери при изградба на патот „Смоквица-Демир Капија“. Во Америка директорите на Телеком признаа на суд и беа казнети дека поткупувале функционери во државата за да нема конкуренција во телекомот, односно да се одложи конкуренцијата во телекомот. Значи за корупцијата во Македонија има пресуди во други држави (Грција и Америка), а во Македонија нема нио трага, ни глас за било какво обвинение.
Во случајот уште една работа ќе потенцирам која е крајно некоректна. Тврдам дека институции на државата кои треба да го гонат криминалот соработуваат со медиум како 1ТВ, му продаваат информации и документи кои ги добиваат по службена должност за потоа 1 ТВ да прави злоупотреба на истите и да ги искривува фактите и толкувањата на договорите кои ги примила, за да прави емисии и најави со месеци со истакнување на моето име и презиме, изигрувајќи обвинител и судија и да кажува на народот кој е градежна мафија, без да има обвинителен акт, ниту пресуда за такво нешто и без да ми даде шанса во нивниот медиум да дадам свое произнесување за тоа што го кажуваат, што е спротивно на новинарската етика.
Финансовата полиција дојде во НАСТЕЛ и бараше
документи во врска со купувањето на локацијата кај Тафталиџе, каде што е
договорено со поранешните приватни сопственици на земјиштето еден
дел од цената да им се исплати при солемнизацијата на купопродажниот договор, а
поголемиот дел од цената да им се исплати во проценти од она што ќе може да се
изгради на истата локација по предлог скица од страна на поранешните
сопственици. Во истиот момент кога се правени Договорите за купопродажба за
двете клучни локации, едната за цена од 750.000 евра, а другата за цена од
368.000 евра, склучени се Договори за регулирање на меѓусебни права и обврски,
изготвени од страна на нивниот адвокат, каде велат дека во првиот договор треба
да им исплатиме 18 проценти од она што ќе може да се изгради плус 1 отсто
посредничка провизија, значи вкупно 19 проценти , а во другата локација треба
да им се исплати 23 проценти од она што ќе може да се изгради. Предлог скицата
од самите договори може да се види дека е предложена од страна на поранешните
сопственици на земјата кои ја отуѓиле и ни ја продале земјата и веќе станала
наша сопственост за многу ниска цена, како што наведовме и тие гарантирале во
истите договори дека ќе издејствиваат ДУП согласно скицата која ја предложиле.
Значи нивeн, и само нивeн
бил интересот да се добие што поголема маркица, со поголема висина, бидејќи
требале да добијат покрај купопродажната цена и 19 проценти во првиот случај и
23 проценти во вториот. Од солемнизираните договори многу јасно се гледа дека
се е согласно законите и истите се проверувани од правници во нашата фирма, од
адвокат на продавачите и наш адвокат и од нотарот на крај, и се работи за чисто должничко-доверителен облигационен
однос.
Ние како купувачи сме морале да го испочитуваме договорот и сме го испочитувале во целост, а со тие пари што се исплатени на продавачите, колку што нам ни е познато се обештетени поранешните сопственици на земјиштето, а дали со тие пари се правела некаква злоупотреба, дали некого корумпирале, тоа не е наша обврска ние да го контролираме, јас можам да Ви трвдам дека пред мене никогаш не е спомнат таков муабет, од било кого, дека со тие пари треба некого да корумпираат, и да сум чул такво нешто, тој договор веднаш ќе бил раскинат, бидејќи сум голем поборник против корупцијата. Инспекторите од финансова полиција во разговорот со мене истакнаа дека наводно се креирала приказна кај нив, не знам од кого, дека јас сум ги поттикнувал поранешните сопственици да направат маркица, при што администацијата во општината ќе направи нешто спротивно на закон, што нема никаква логика, бидејќи воколку со ДУП-от З 06 не била ставена баш никаква маркица на нашата локација ќе ми направеле најголема услуга, бидејќи НАСТЕЛ веќе станал сопственик на земјиштето за многу ниска цена, па ние би нарачале нов ДУП само за нашата четврт би си платиле проектанстка куќа за изготвување на нов ДУП, бидејќи ГУПот веќе предвидувал на тие локации изградба на згради и деловен простор и без никаков проблем, согласно Закон за градење ќе се донел нов ДУП што би одговарало на Општината Карпош и на нас исто така, можеби со помала висина, но и во тој случај би имале многу поголем профит, бидејќи нема да сме имале обврска согласно Договорот за регулирање меѓусебни права и обврски кој сме го потпишале при купопродажбата на земјиштето да ги исплаќаме договорените проценти кои ги спомнав претходно. Тука би додал уште дека и Уставниот суд при укинување на ДУПот З 06 иако го разгледувал повеќе од 6 месеци после поднесувањето на иницјативата не нашол ниту една суштинска забелешка ниту во процедурата ниту во законитоста на донесување на ДУПот З 06, па од тие причини при укинувањето на овој ДУП З 06 Уставниот суд не наведува ниту една суштинска причина, туку само зошто одлуката на градоначалникот за неизготвивање на план за заштита на животна средина не бил објавен на веб страна туку само на огласна табла на општината што е чисто формален пропуст, а да имало суштински законски пропусти Уставниот суд сигурно не би пропуштил тоа да го истакне во пресудата, бидејќи е најстручен за тоа во државата.
Меѓутоа ја превртуваат играта и велат дека Азманов и НАСТЕЛ ги поттикнувале имателите на локацијата односно општината да донесат таков ДУП. Тоа не е точно. Јас со Градоначалникот Стевчо не сум се видел воопшто во време на изготвувањето на ДУПот бидејќи тоа не било мој интерес. Но за да биде обвинението поиздржано и за да бараат притвор за човекот сакаат преку медиумот на Боки 13ка да го оцрнат моето име и да ме претстават мене како звучно име кое ја иницирало целата корупција на донесувањето на ДУПот З 06, во кој опфат се донесени ДУПови за многу локации меѓу кои и 50 катница кај Алумина со 2000 стана, објектот на Чифлиганец Дајмонд, Флорастад, Аполо, Тар и многу други. Заради тоа на Боки 13 му ги даваат документите кои јас им ги дадов чесно на нивно барање, за да го оцрнат моето име. Ги знаеме фирмите кои учествувале во Скопjе 2014 и во други сомнителни проекти, кои не смее никој да ги чепне затоа што плаќаат реклама кај Боки 13, односно кај неговата телевизија. Се се знае во Скопје, бидејќи е мал град. Сите изнуди се знаат. А Вие како медиум доколку си имате таков директор за маркетинг ќе си бидете најбогат медиум, ќе си возите ренџ ровери од 250.000 евра и ќе се расфрлате со скапа гардероба која чини по десетици илјади евра. Лесно се трошат, лесно заработени пари.
Лично сметам дека такво вработување на син од специјален обвинител во медиум на таква позиција е многу поголема штета за државата отколку сите овие афери што ги кажавте Вие во изминатите неколку недели, за синови, сопруги/зи, браќа на пратеници, бидејќи со само еден ваков случај се прави многу поголема корупција и непотизам и штета за државата отколку сите заедно што ги набројавте изминатите недели. Ќе речете па каде да се вработи синот на Специјалниот обвинител? Подобро е да се вработи на најплатеното место во државата, отколку ова што се случува во моментов со злоупотребите на позиции на институции на власт за гонење на криминал да на тој начин остваруваат корист преку наводни реклами и маркетиншки услуги во медиум за да не бидат чепнати или помалку да се чепнат, тие што навистина ја ограбиле државата. На тој начин на државата се прави 1000 пати поголема штета отколку самата плата на тој директор за маркетинг доколку би ја плаќала државата на било кое работно место.
Во јавноста излезе Ваше извинување за еден градоначалник и новинар кои Ви барале пари, станови. Во јавноста се знаат овие работи, но имате ли храброст да кажете кој се Ви барал пари, кои градоначалници.
Азманов: Градоначалници не ми барале пари. Единствено Ивица Конески ми побара да платам за МЗТ да станам спонзор на клубот. Не за него. Фирмата плати пари, а јас не сум горел од желба да се рекламирам преку МЗТ Скопје за толку висока цена и сето тоа не би го спомнал доколку градоначалникот беше коректен во последните две години од неговиот мандат и не избегнуваше да се сретне со мене иако НАСТЕЛ беше еден од најголемите инвеститори во Општина Аеродром, со изградени 13 згради и платени комуналии од 5 милиони евра, притоа никогаш не сме напрвиле ниту еден прекршок. А во тоа време ние како компанија ги поставуваме новите значително повисоки стандарди за градење во општината. Како што видовте во извинувањето само ги појаснив работите точно како што биле и го потсетив и новинарот и градоначалникот егзатно како биле работите.
А дали имате соработка, дали сте разговарале со некои од актуелните градоначалници?
Азманов: Сум бил во контакт со новите градоначалници, но за жал до сега се уште не сме отпочнале ниту еден нов објект, во ниту една општина поради погоре споменатите причини.
Неколку поголеми компании сте во овој бизнис. Како гледате на конкуренцијата, кој е кој во овој бизнис?
Азманов: Како што истакнаатко од ФОРТОН пред 2 години неколку големи компании сме, јас не сакам да навлегувам во тоа кој колку гради. Како што вели Влатко наводно 60% од прометот со нови станови го прават Голден арт, Настел и Адора, што незнам колку е точно. Во последно време, имам чувство дека сакаат да не елиминираат нас, односно Настел па и Адора дека наводно ние сме го поткупиле поранешниот градоначалник на Карпош. Сакаат да не елиминираат како фирми поради наводна корупција на градоначалник што тврдам дека нема врска. Не знам за Чифлиганец иако сметам дека и тој сигурно не би поткупил никого. Но за мене со сигурност тврдам дека се гадам од таква помисла. Никогаш не би дал, ниту сум помислил да дадам поткуп. Сакаат да не направат мафија и да не тргнат од пазарот. Наместо да се занимаваме со нови инвестиции, ние ќе се занимаваме со клевети дека сме мафија без никакви докази. Тоа е страшно нешто.
Секој може да направи обвинување дека се сомнева дека со донесување на нов ДУП на приватни локации при што од поранешна зелена површина или мала трошна куќа правите ДУП каде се предвидува голема зграда со станбен и деловен простор, дека постои сомневање за корупција. Можам да кажам со сигурност дека на секој донесен ДУП во изминатите 20 години каде што на приватни локации во Скопје, најмногу во Центар, Карпош и Аеродром, па и Чаир или останите општини, може да се истакне во секое време сомнеж дека некој некого поткупувал за да се направи таков ДУП, но за обвинување потребни се силни докази, а не шпекулации и измислици. Тука ќе додам дека при донесување на ДУПовите истите поминуваат низ многу сложена процедура, минуваат низ многу филтри, односно државни механизми како што се во случајот Град Скопје, Министерство за транспорт и врски, разни комисии и на крајот кога ќе се поминат сите овие филтри треба да го изгласаат советниците во општините.
Што мислите за судството и правната сигурност во државата?
Азманов: До сега сум прочитал многу пресуди, има и такви кои се темелат исклучиво на закон и на докази, но има и пресуди каде ниту членовите од законот се битни, ниту доказите се битни, битно е нарачката од каде доаѓа и колку е платено за истата пресуда.
Добивката на Настел во 2017 година изнесува 255 милиони денари. Дали има простор да се намали цената за м2?
Азманов: Прво во однос на добивката на НАСТЕЛ сакам да истакнам дека многу малку луѓе знаат дека согласно Законот за книгодоводство за да се изразат трошоците за изградба на еден објект и приходите за истиот најпрво мора да има имотен лист, претходно не можат да се истакнат во завршна сметка ни приходи, ни расходи. Така понекогаш објект се гради и 3 години додека да се добие имотен лист и кога ќе се изразат сите приходи и трошоци одеднаш се добива голема добивка, но таа е за целиот период и за тоа се инвестирани огромни средства за да се изградат тие објекти во текот на тие 2 или 3 години. Друго, НАСТЕЛ има и друга дејност, а тоа е купување и продавање на акции, ги купуваме во право време по наша проценка, кога се со потценета вредност, а ги продаваме кога ќе достигнат највисока цена и на тој начин остваруваме голем дел од нашата добивка, исто така од дивиденди и камати, во акции имаме вложено некаде 20 милиони евра, од тоа остваруваме одлични дивиденди, што е составен дел на таа добивка, издаваме деловен простор што е друг извор на приходи, така што доколку се погледне само добивката изразена во некои статистички податоци може да се добие погрешна слика дека градежништвото е екстремно профитабилно, за што тврдам дека не е така, бидејќи со текстилот порано како коефициент на профитабилност сум имал и 3 пати поголема профитабилнот на вложените средства во текот на една година, бидејќи обратат е многу побрз, меѓутоа и ризикот е поголем и бизнисот е потежок. На пример за 6-те згради изградени на локацијата Тафталиџе, инвестирани се 28 милиони евра, трошоците не можат да се прикажат додека нема имотен лист, а се прикажуваат само дел од приходите. Затоа добивката излегува многу голема и не секогаш е реална во однос на инвестираното и трошоците. Сега кога ќе добиеме имотни листови, ќе се прокнижат сите приходи и сите расходи за изградба и така ќе се добие реална слика.
Во однос на квалитетот и цената кај НАСТЕЛ, квалитетот кој го нудиме одговара на цената по која продаваме, нашите купувачи добиваат најдолги гаранции со европски стандарди за квалитет. Па кога ќе се спореди колку плаќате, а што добивате, ќе видите дека нашата цена е најевтина, бидејќи добивате најдобра локација со прекрасни погледи, со големи стаклени површини, изолирани со најдобрите профили и стакла кои постојат на пазарот, висока А класа на термичка изолација, највисоки стандарди на сеизмичка стабилност. Во однос на цените Ви гарантирам дека не само што нема да паѓаат, туку напротив ќе се зголемуваат бидејќи платите на работниците рапидно се зголемуваат, бидејќи и ја нема реалната квалитетна работна сила, бидејќи младите заминаа во странство, а за да ги задржиме работниците мораме и добро да ги платиме. Од друга страна цената на материјалите кои ги вградуваме секоја година се зголемува од 2 до три проценти, и има и се помалку има квалитени локации за градење, што како основни предуслови влијаат на висината на цената.
Планирате ли да се повлечете, тврдите дека сте под притисок, можеби да се ориентирате кон друг бизнис?
Азманов: Од НАСТЕЛ ќе се повлечам и ќе оставам се на младите, на ќерката и на моите најблиски соработници во НАСТЕЛ, а фирмата ќе продолжи да работи уште подобро и уште поактивно. Јас можеби ќе инвестирам во друг бизнис од областа на здравството, можеби и ќе изградам и мала клиничка болница, бидејќи гледам дека тоа недостасува во државата, се восхитувам на тоа што го има направено доктор. Жан Митрев и навистина човекот ги заслужува сите пофалби и комплименти бидејќи дава голем придонес за квалитетниот здравствен систем во Македонија. Се работи за еден врвен стручњак и човек кој знае да организира таква болница и за мене претставува една голема величина, се разбира дека јас не можам да бидам Жан Митрев, но би сакал да инвестирам во оваа област бидејќи имам другари доктори кои се врвни стручњаци во својата област, а имам и ќерка со завршен медицински факултет.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.