16 Февруари, 2020
0.0319

ИНТЕРВЈУ БАНОВСКИ: „Макстил“ не увезува штетен и опасен отпад

Објавено во: Македонија, Интервјуа 25 Јануари, 2020

Скопје е еден од најзагадените градови во зимскиот период од годината, а граѓаните најчесто како главни виновници ги наведуваат големите индустриски компании. Во овој период особено е актуелна темата за увоз на отпад, поради што се појавија и бројни стравувања дека во земјава се внесува опасен отпад кој е многу штетен за животната средина. Една од компаниите кои често се посочуваат како виновници и која се најде на серија критики од граѓаните, е и компанијата „Макстил“. За да расчистиме бројни дилеми што не мачат во врска со отпадот и загаденоста, Фактор поразговара со првите луѓе на компанијата, генералниот директор Иван Бановски, и извршниот директор Петар Јанески. Тие во интервјуто за Фактор тврдат дека обвинувањата на сметка на компанијата се целосно неточни. „Макстил“, како што објаснуваат, увезува старо железо, кое во Европа, велат, веќе и не се третира како отпад, а од него произведува нов челик. Уште при влезот во земјава тоа е подложно на строги контроли. На самата граница се мери неговата радиоактивност и тоа не може ни да се внесе во земјава доколку не е безбедно. Сериозни проверки се прават и при производството на челик. Во интервјуто, од раководството на компанијата уште и тврдат дека таа ги почитува сите законски прописи при работењето, а за заштита на воздухот инвестирале сериозни суми во досегашниот период. Тие имаат „А“ интегрирана еколошка дозвола, со која, како што нагласуваат, нивното работење е под постојан мониторинг и мерења.  

Изминатиов период во јавноста е актуелна темата за увоз на голема количина отпад во земјава. Меѓу компаниите кои беа споменати, се најде и „Макстил“.  Кој е вашиот коментар на оваа тема?

Бановски: За жал мора да констатирам дека во сите тие написи, има многу неточни искажани бројки и информации, особено во делот каде што се споменува „Макстил“.

Генерално, кој било вид на отпад може да се рециклира, да се искористи како енергија во технолошки процес или да се депонира. Секако дека најдобро решение од сите постапки, е да се рециклира. „Макстил“ е рециклатор на старо железо од кое се произведува нов челик, исто како што се прави со старата хартија, стаклото, пластиката, алуминиумот итн. Технолошкиот процес на „Макастил“ не предвидува користење на топлинска енергија од согорување на отпад, туку се заснова исклучиво на користење на електрична и енергија од природен гас. Поради тоа што во земјава има ограничени количини на старо железо, „Макстил“ е приморан да увезува, а тоа на годишно ниво изнесува од 200 до 300 илјади тони. Најголемиот дел се увезува од Бугарија и Србија. Во медиумите деновиве беше наведена погрешна количина на увоз на старо железо, количини од милиони тони за нас се незамисливи. На прмер, во 2019 година, „Макстил“ увезе 210 илјади тони старо железо, и овие податоци многу лесно можат да се проверат, бидејки старото железо иама посебен тарифен царински код.

За споредба, за милиони тони може да се зборува за производство на челик во ЕУ, каде што се прозведува годишно 170 милоини тони челик, од кои 40 отсто или 70 милиони тони челик се произведени од старо железо. Кога сме веќе кај ЕУ, според Уредбата на Советот на ЕУ бр. 333/2011 од 31 март 2011 година за воспоставување на критериуми за одредување на моментот кога одредени видови на отпаден метал престануваат да бидат отпад во согланост со директивата 2008/98/ЕЗ на Европскиот Парламент и Совет, старото железо во ЕУ не е отпад, туку секундарна суровина.

Така што, во ЕУ железото се третира како секундарна суровина и е ослобедено од секакви одборенија за увоз и извоз, додека во земјава тие одобренија се уште се бараат и „Макстил“ ги поседува сите дозволи кои се строго контролирани. Старото железо кое го увезуваме е под строг мониторинг, и уште на самиот влез во државата е подложно на дозиметриска контрола.

Секоја инсинуација дека во електропечката на „Макстил“ се горат или топат недозволени отпади, е неточна, бидејќи во печката се става исклучиво старо железо и како енергенс се користи исклучиво струја и природен гас.

Процесот на селектирање на тоа што „Макстил“ го увезува е строго контролиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, од  Царинската управа и од Управата за јавно здравје. Освен тоа, постои еден вид на авторегулација на тоа што „Макстил“ го увезува или набавува од домашниот пазар, односно сите материјали кои се поскапи од старото железо се одвоени од него од страна на добавувачите (благородни и тешки метали и слично, поради тоа што добавувачите можат за нив да постигнат поголема цена). Сите материјали поевтини од старото железо (пластики, сунѓери, градежен шут, хемиски отпад и слично), ги одбиваме ние како купувач, прво, затоа што не сакаме да плаќаме за нешто што не е старо железо, а второ, затоа што многу штетно влијаат на квалитетот на челикот кој го произведуваме.

Како куриозитет, можеме да истакнеме дека добиваме се повеќе барања за нашиот производ од купувачи кои се еколошки ориентирани, поради тоа што производството на челик од старо железо е дел од циркуларната економија, бидејќи со овој начин на производство практично не се употребуваат ресурсите на земјата, туку се рециклира веќе постоечка суровина. Освен тоа, овој начин на производство користи 60 отсто помалку енергија, споредено со производството од железна руда.

Не сакаме да коментираме за увозот на отпад кој се користи за депонирање или за користење како енергија, бидејки тие податоци не се во наша надлежност.

фото: Иван Бановски, генерален директор на „Макстил“

Споменавте дозиметриска контроли, дали можете прецизно да ни објасните што всушност значат тие?

Бановски: На секоја увезена пратка на старо железо транспортирана со патен или железнички транспорт се врши дозиметриска контрола на самата граница, т.е. се врши мерење на радиоактивноста на увезеното старо железо. Овие дозиметриски контроли ги врши овластен технички сервис од страна на државата. Дополнително, „Макстил“ има ангажирано и овластени приватни компании да го контролираат железото на влезот во државата, а исто така, има инсталирано стационарни мерачи за радиоактивност, кои служат за мерење на сите влезни суровини и полупроизводи во „Макстил“. Како крајна контрола, воведена е и спектрометриска анализа на примерок од течен челик од секоја шаржа / циклус на производство. Сите овие конторли се вовоедени за да се осигури максимална безбедност и заштита при производство на челик, бидејќи истите контролни механизми постојат и при извозот на лимот. Било каков радиоактивен материјал предизвикува контаминација на било која опрема, и со тоа таа станува нефункционална.

ГИ ПОЧИТУВАМЕ СИТЕ ЗАКОНСКИ ПРОПИСИ

Огромното загадувањето на воздухот во зимскиот период постојано е актуелна тема во земјава. Граѓаните најчесто прстот го вперуваат кон големите фабрики како најголеми загадувачи, меѓу кои се споменува и името на „Макстил“. Вие, пак, тврдите дека не загадувате. Кој ја кажува вистината?

Јанески: За жал, факт е дека секоја година, особено во зимскиот период, загадувањето во Скопје и сите останати градови во Македонија, е големо и во одредени денови мерните инструменти покажуваат високи алармантни вредности на загадување, особено со ПМ 10 честичките. Не можеме да кометираме од каде доаѓа загадувањето, бидејки не е во наша надлежност, но ќе кажеме дека сите го дишеме истиот воздух.

Тоа што „Макстил“ го прави, е што ги почитува сите законски прописи за работа, а со инсталацијата на филтрите ги почитуваме сите лимити предвидени од државните органи. Тие, пак, се далеку под еврпоските стаднарди за заштита на амбиенталниот воздух. Исто така, треба да се напомене дека „Макстил“ е само еден дел од поранешна  Железара и дека во комплексот Железара функционираат и имаат свои производни активности близу 60 други правни субјекти. Затоа, не може да се поистоветува компанијата со целиот комплекс Железара.

Како најсвеж пример за погоре наведеното е овој месец јануари во кој Челичаната воoпшто не работи и како контра прашање кажете ни Вие какво е нашето  влијание на загадувањето?

Целокупната наша производна активност од аспект на емисиите во воздухот и водата се под постојан внатрешен мониторинг, за кој согласно “А” интегрираната дозвола, „Макстил“ има два испуста на емисии во воздухот, и тука се поставени континуирани мерчи кои мерат температура, проток и концентрација на гасовите. Истите мерачи се онлајн достапни 24/7 и ги регистрираат вредностите во реално време. Овие резултати во секое време им со достапни на надлежните институции, а согласно “А” дозволата, тие се испраќаат на месечно ниво до Инспекторатот за животна средина и информативниот центар при Министерството за животна средина. Континуираните мерачи се калибрираат од страна на акредитирани лаборатории согласно стандардот ИСО 14.181, а дополнително „Макстил“ е сертифирциран со стандардот за заштита на животна средина ИСО 14.001 во 2017 година. Во измитатите две години на два пати е инспектиран и потврден овој стандрад од меѓународно сертификационо тело.

Како обврска од „А“ дозволата, „Макстил“ во населба Железара има инсталирано автоматска мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух. На станицата континуирано се мeрат ПМ10, СO2, CO и NOx. Станицата работи континуирано 24 часа, 365 дена во годината, а извештаите се доставуваат до МЖСПП - Македонски информативен центар.

„Макстил“ е под постојан мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина, а покрај редовните инспекциски надзори се вршат и вонредни инспекциски надзори.

фото: Петар Јанески: извршен директор во „Макстил“

Колку всушнсот средства „Макстил“ има инвестирано во заштита на животната средина во претходниот период? Во 2014 година имаше информации дека „Мастил“ вложил 12 милиони евра за инсталирање на филтер постројка во своите капацитети. Која е функцијата на филтер постројката?

Јанески: Во 2014 година се изгради филтер постројката во согласност со најдобрите достапни практики и таа чинеше повеќе од 12 милиони евра. Се работи за комплетно автоматизирана постројка, која е директно поврзана со работата на електропечката, и таа не може да работи без да се вклучи филтер станицата. Го потенцираме овој факт бидејќи во јавноста се шират дезинформации дека „Макстил“ не ги вклучува филтрите кога работи, дека не инвестира во заштита на животната средина. Јас би сакал и Вас да ве прашам, дали Вие познавате друга компанија која инвестирала 12 милиони евра за филтер постројка и заштита на животната средина во Македонија.

Фото: филтер постројка на „Макстил“

Кои се плановите и клучните предизвици за „Макстил“ за годинава пред нас?

Бановски: Најголем предизвик во 2020 година ќе биде подобрување на условите за работа, безбедноста на вработените и нивниот стандард. Исто така, сакаме да ја подобриме и внатрешната и надворешната комуникација на компанијата.

Голем предизвик ќе биде и објективното и вистинско информирање, без шпекулации и лажни вести во јавноста и медиумите. Ја разбираме засегнатоста на јавноста, впрочем и ние сме дел од неа, но затоа ќе треба повеќе да се работи на едукација и информирање на општата јавност, медиумите и сите засегнати страни. „Макстил“ директно вработува 950 вработени, а индиректно месечно ангажира уште 3.000 луѓе во производниот процес и се стремиме да ги оствариме плановите на акционерите, притоа почитувајќи ги сите законски прописи и заштита на животната средина. Како компанија која рециклира старо железо и му дава нов живот во форма на лим сме особено заинтересирани за што е можно помало ангажирање на нови природни ресурси и намалување на емисиите на СО2.

Дополнително сме насочени кон минимизирање на штетните последици од трговската војна во светот предизвикана од тарифите и царините воведени како резултат на уредбата 232 од страна на САД и од заштитните мерки на ЕУ за извоз на челик од земји кои не се членки на Унијата.

Вкупните инвестиции на компанијата од основањето надминуваат 100 милиони евра и во иднина ќе продолжиме со инвестирање, се со цел поефикасно и поеколошко произведување на челик.

Главен успех во минатата година е што потрошувачката на струја е намалена за 15 отсто, а во 2020 година планираме да се намали за уште 10 отсто, и со тоа уште еднаш да го потврдиме сертификатот ИСО 50.001 кој го имаме од 2018 година и да останеме лидер во ефикасносто искористување на ресурсите.

Како компнија во континуитет подржуваме и стипендираме средношколци и студенти од техничките струки, со пракса и образование. Дополнително, многу научни трудови и конгреси се организираат под закрилата на „Макстил“, од кои се црпат нови знаења и практики.

Вклучени сме во многу проекти на локално и државно ниво за помош во делот на социјална и здравствена заштита, и несомнено нашата определба ќе продолжи во таа насока и во 2020 година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Спикерот Џафери вечерва ги распиша изборите

Спикерот Џафери вечерва ги распиша изборите

ФОКУС НА ДЕНОТ: Изгласан е Законот за ЈО, по што Собранието се распушти

ФОКУС НА ДЕНОТ: Изгласан е Законот за ЈО, по што Собранието се распушти

Мицкоски: Заев се ослободува од поткуп

Мицкоски: Заев се ослободува од поткуп

ЕКСПРЕСНО: Пендаровски ги потпиша Законите за ЈО и за Советот на јавни обвинители

ЕКСПРЕСНО: Пендаровски ги потпиша Законите за ЈО и за Советот на јавни обвинители

Димовски: Немаше гласање за Законот за советот на јавни обвинители, вратете ги снимките назад

Димовски: Немаше гласање за Законот за советот на јавни обвинители, вратете ги снимките назад

Починат маж е пронајден на Шар Планина

Починат маж е пронајден на Шар Планина

Собранието се распушти

Собранието се распушти

ПРАТЕНИЦИТЕ СО ПОРАКИ ДО ГРАЃАНИТЕ: Спомнаа „прав“ пат со кривини, но и кој ќе заврши на буништето на историјата

ПРАТЕНИЦИТЕ СО ПОРАКИ ДО ГРАЃАНИТЕ: Спомнаа „прав“ пат со кривини, но и кој ќе заврши на буништето на историјата

Спасовски повика од ВМРО-ДПМНЕ да предложат замена за Мизрахи

Спасовски повика од ВМРО-ДПМНЕ да предложат замена за Мизрахи